Руската романса и македонскиот изолационизам

„Концертот на руски романси, најавен за вечерва во фоајето на НОБ, во договор со организаторот, се одложува. Последните  вести од Украина го загрижуваат целото човештво. За никого ова не е време за романси. И уметноста е порака, затоа никој не смее да дозволи таа да биде извалкана. Убавите романси нека останат за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозен или под закана.“, пишува во соопштението на Министерството за култура на Република Северна Македонија, со кое и нашата земја се приклучи на официјално никаде пропишаниот изолационизам на руската култура.

Во однос на сличните манифестирања на „културните санкции“ во светот, во нашиот случај постојат неколку круцијални разлики, што сосема го менуваат карактерот на адресираните цели.

Додека во светот, „забраните“ ги спроведуваат институциите кои во принцип не се ни државни (музеи, универзитети, филхармонии, фестивали…), кај нас тоа го прави „лично“ државниот орган за спроведување на културната политика, односно самото Министерство, што ќе каже дека, повторуваме, никаде пропишаните „културни“ санкции не се креваат на ниво на државна политика.

Дали во Македонија, додека пушките и бомбите ечат во Украина и луѓето гинат, е добро време за театар, за филм, за балет, за опера, за визуелни уметности…? И зошто е, а за руските романси не е?

Натаму, додека во светот, „културниот“ изолационизам се однесува главно на личности, и тоа првенствено на поддржувачи на режимот и политиката на Путин (информациите за наводните забрани на Чајковски и Достоевски влегуваат во категоријата лажни вести или полувистини), кај нас се забранува „генерички“ жанр, цел еден дел на традиционалната руска култура – руските романси!

Дури и онаму каде што со санкциите се цели на уметноста, на пример исклучувањето на руските филмови од филмските фестивали и филмските натпревари, пораката е адресирана кон актуелните автори, а не кон филмовите на Ајзенштајн, Михалков или Тарковски.

Поттекстот на забраната на концертот на руските романси, всушност, значи сатанизирање на цела една култура, а преку тоа сатанизирање на цел еден народ, а не на политиката на актуелното раководство на тој народ или на таа држава.

Впрочем, и текстот на соопштението покажува дека и самото Министерство не било убедено во сопствената одлука, па обидот за нејзино оправдување е всушност влегување во „жива кал“. Зошто не е време за руски романси? Каква порака носат руските романси во периодот кога има жртви и луѓето се чувствуваат загрозени?

Ако Министерството се повело по мудроста на старите Римјани „Inter arma musae tacent“ (Меѓу оружјето музите молчат), односно дека времето на војната не е добро време за уметноста, прашањето од милион реторички санкции до Министерството е дали е ова време за американскиот џез, на пример, или за унгарскиот чардаш, или за француската шансона, или за шлагерите наменети за Евровизија? Дали во Македонија, додека пушките и бомбите ечат во Украина и луѓето гинат, е добро време за театар, за филм, за балет, за опера, за визуелни уметности…? И зошто е, а за руските романси не е?

Затоа што „вината“ на романсите е дека се – руски!

Идејата на сите санкции е да се покаже дека одреден режим, кој е осуден од светот, не може да ја контролира ситуацијата, да ги натера лоби групите да влијаат врз политиките и, конечно, да ги натера „обичните“ луѓе да ја преиспитаат целисходноста на задржувањето на постоечката власт.

Во таа смисла, уметноста не е само порака, туку е и оружје во хибридната војна. Низ историјата се познати безброј примери на користење на уметноста и на уметниците во политички цели. Првенствено во функција на пропагандата, потоа како важни мотивирачки или демотивирачки фактори во кревањето или спуштањето на моралот непријателско опкружување, а на крајот и како врвен квалитет што се создал токму во „благопријатните“ недра на актуелниот режим.

Да, уметноста, во својата суштина или по својата дефиниција, е универзална и нејзините вредности му припаѓаат на целото човештво. Но, уметникот не е универзален. Тој припаѓа на одреден колективен идентитет и на одредена национална култура. Тој не е некое божествено астрално битие, туку е човек од крв и месо, зоон политикон, кој е и тоа како под влијание на општествените, па и на политичките услови во кои живее.

Поттекстот на забраната на концертот на руските романси, всушност, значи сатанизирање на цела една култура, а преку тоа сатанизирање на цел еден народ, а не на политиката на актуелното раководство на тој народ или на таа држава

Уште на почетоците на Втората светска војна, во својот есеј „Литературата и тоталитаризмот“ Џорџ Орвел ќе заклучи дека „…ова не е критичко време. Ова е време на одредување страни, а не на непристрасност, време во кое на крајот е тешко да ја видиш литературната вредност во книгата со чии заклучоци не се согласуваш… Живееме во време во кое автономниот поединец прекина да постои или, можеби е подобро да се каже, во време во кое поединецот прекина да ја има илузијата на автономност…“

Ете, од тие некои причини, уметноста, а се разбира и нејзините креатори, не може да остане негибната во времето на глобалната хибридна војна и прераспределбата на моќта меѓу страните во судирот.

И, во таа смисла, јас ја разбирам нелагодноста на Министерството за култура и на Националната опера и балет од тоа што во ова време одеднаш на програмата имаат нешто што во префиксот го содржи зборот „руски“. Но, одлуката за забрана на концертот на руски романси во општествена, во политичка, во цивилизациска, па ако сакате и во здраворазумска смисла не може да се протолкува никако поинаку, освен како пукање во сопствената нога.

Изведувањето на руските романси во фоајето на НОБ немаат потенцијал на никаква пропагандна порака, не служат за кревање или спуштање чиј било морал (освен за кревање на расположението на овдешните љубители на овој тип музика), па дури и не ја покажуваат генијалноста на нечија национална култура.

Затоа „одложувањето за некои подобри времиња“ не е ништо друго, туку фрлање анатема на цел еден народ и на неговата традиција. Нешто што нема никаква врска со актуелната ситуација, туку со спроведувањето принципи и политички одлуки на некои режими и системи, од кои ниту самата Русија не била и не е имуна.