Салфетка измрсена од гулаш

  • 8
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Скандалозниот нон-пејпер(и) што го растревожи Балканот, без име на авторот/авторите и без датум на производство, не би требало ни да се потцени, ни да се игнорира. Не сметам дека со тоа му се дава легитимитет, или дека на таков начин спорната содржина полесно ќе стигне до разни зелени маси.

Би се самозалажувале ако сметаме дека нема регионални (под)изведувачи, кои едвај чекаат да ја прифатат фрлената коска за да ја изглодаат од сите страни и аспекти и да почнат да постапуваат – од нацрт кон реализација.

Најдобриот начин таа идеја да се делегитимира, е да се демаскираат предлагачите и нивните мотиви, кои не можат да бидат ништо друго, освен криминални. Балканот е преполн со историски епизоди, кои сведочат дека многу планови исцртани на салфетки во мрачни одаи, од уште помрачни и заматени умови, сепак не биле спречени да се одлепат од салфетките измрсени од рацете на алчните автори и да се реализираат во пракса. Доказ за тоа се илјадници жртви, не во некое многу далечно минато, туку во југословенското „вчера“.

Брисел мора да најде механизми да ги заузда опасните авантури со препознатлив ракопис на нејзини членки, планирани преку грбот на балканските земји, а веројатно и со тивко учество на некои од нив

По три децении независност што Македонија ќе ги одбележи оваа година, сомнабулизмите од нон-пејперот по границите на државите на Балканот, не оставаат простор за спокојство, ниту, пак, за наивности од типот „големи се очекувањата за исчекор во македонскиот интеграциски процес за време на словенечкото претседателство“.  

Македонија има проблем, но се чини дека ЕУ ќе има уште повеќе. Ако досега нашите политичари говореа дека Македонија стана лакмусов тест за кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ, запалените глави што стојат зад не-документот се лакмус за подривање на стабилноста на ЕУ, вклучително и на процесите за проширување.

Имено, тоа што е фрлено на хартија не носи во себе ни грижа, ни визија за решавање на проблемите, туку е талон за влез во повисоко ниво на конфликтност, од кое ни ЕУ нема да биде поштедена. Напротив. Од таков развој на настаните, авторите на документот очекуваат само да спечалат за себе.

Не може да се разговара за овој проблем, ако не се анализира контекстот во кој се појави на површината. Се јавува само две недели откако три популистички лидери – Орбан, Моравецки и Салвини се собраа за да разговараат за нова десна националистичка формација на европската политичка сцена, што е само првото ниво.

Нивните амбиции се далеку поголеми: да ја реорганизираат целата европска десница и да почнат „европска ренесанса“, која е замислена како устоличување на илибералната демократија, во која ќе доминираат традиционалните вредности и религијата, но и железен суверенитет во кој ЕУ не ќе може да се меша по прашања за владеење на правото, слободата на медиумите и почитувањето на човековите права.

Тие би сакале да ја претворат ЕУ во десничарска касаба, во која тие ќе бидат обврзани на минимум демократски вредности и максимум европски пари. Средбата на овие тројца (со заднинска поддршка и на други идеолошки браќа, која поминува низ уште неколку премиерски кабинети и еден разработен центар за хибридни војни), се одржа непосредно откако заменик-претседателката на ЕК по прашања на вредности и транспарентност, Вера Јурова, најави дека ЕК има намера да го замрзне финансирањето на земјите-членки во ЕУ, во кои е потврдено нарушено владеење на правото и основните слободи.

Земјите што лани мислеа дека веќе извојувале победа по тоа прашање, сега се пред можноста да бидат засегнати од нов механизам во подготовка, кој може да им ги стопира средствата од буџетскиот план и од Фондот на ЕУ за справување со пандемијата.

Унгарија, на пример, на оваа основа може да изгуби над 7 милијарди евра помош од ЕУ, а Полска над 23 милијарди евра. Новиот механизам, според најавите, треба да профункционира на почетокот на следната година. Тогаш Унгарија ќе биде пред избори, Орбан е свесен дека заостанува во анкетите во однос на обединетата опозиција, но и дека финансиските санкции може да му наштетат на шансите за промена на таквата ситуација.

Поради таквата „гулаш-ситуација“, веројатно е утврдена потребата за негово персонално факторизирање на друг начин, со други средства и  на поширок терен. И за ништо да не биде оставено на случајноста, темелите на идејата од нон-пејперот почнуваат да се скицираат веднаш – во еден интерегнум, кога силни политички фигури што ги крепеа европските вредности (Меркел) се подготвуваат да ја напуштат сцената, а други сѐ уште не се искачиле на неа.

Спорната групација бара начин како да стане доминантна нејзината суштинска идеологија: пари, моќ, дозирана или привид-демократија, неконтролирано и несанкцонирано владеење, надвор од лупата на правдата. А како да се факторизираат, ако не преку мешање на политички и географски карти за создавање проблеми, во кои тие би го имале „решението“.

Би се самозалажувале ако сметаме дека нема регионални (под)изведувачи, кои едвај чекаат да ја прифатат фрлената коска за да ја изглодаат од сите страни и аспекти и да почнат да постапуваат – од нацрт кон реализација

Каде, ако не таму каде што е најтенко – на Балканот. Преку кого, ако не со, и преку идеолошкиот партнер во Љубљана: ем земјата иден претседавач со ЕУ, ем познавач на приликите во бившата федерација, ем до гуша со медиуми финансирани од Будимпешта.

Ваквото дрско буричкање по балканските граници има за цел да демонстрира дека една групација може драматично да ги искомпликува работите на Балканот и во ЕУ. Или, можеби нема да го направи тоа, ако добие политички индулгенции за нештата што сега им се ставаат на товар.

Затоа, иако нон-пејперот формално нишани кон земјите од Балканот и неговите проблеми, вистинската мета е Брисел и решавањето на проблемите на овие незадоволни членки.

И затоа, токму Брисел мора да најде механизми да ги заузда опасните авантури со препознатлив ракопис на нејзини членки, планирани преку грбот на балканските земји, а веројатно и со тивко учество на некои од нив. Бидејќи, ако се молчи, не е исклучено некои луди глави да се залепат за овие идеи и да почнат самоиницијативно со теренски работи.

Македонија, дури и да не е најдиректно засегната од идеите во нон-пејперот, политичката и етничка конфигурација на Балканот е таква што секоја искра прави тотален пожар по принципот на домино-ефект.

Затоа, кога разговараме за очекувањата од словенечкото претседателство со ЕУ, за почеток – да не го правиме тоа со очи ширум затворени.