Не, не е тоа поздрав на храбри комити и војводи пред клучната битка за спас на Македонија од клетите Шиптáри и од платеничките соросоиди, не е ниту нова закана за клетите душмáни од Вале Божиновска или од Филип Петровски. За оние кои не знаат, „Се гледаме во некролог“ (Видимо се у читуљи) е наслов на српски документарен филм посветен на подземјето и на криминалците во оваа земја од последната декада на минатиот век.
А по прогласот на ВМРО-ДПМНЕ, изговорен од устата на лидерот, како и некролозите на речиси сите западни амбасадори што следеа ден потоа, мислам дека „Се гледаме во некролог“ ќе биде идеален наслов и за документарецот што еден ден ќе се сними за политичкото подземје што владееше со Македонија цела една декада во 21 век.
Во документарецот, овој српскиот, има еден момент кој ќе ве згрози и од кој буквално ќе ве заболи мозокот. Полициски инспектор раскажува за еден случај на убиство на еден од многуте кланови кои беснеат по Србија. Убиени се мајка и дете, во нивното мизерно станче. Нема политичка позадина, станува збор за обичен, неуспешен грабеж. Мајката ја прашале каде ја крие заштедата, па ја убиле. Не затоа што ја криела, туку едноставно затоа што ја немала. Потоа го убиле и син ѝ.
Помалку ме згрозуваат оние неколку стотици измрзнати пред ДИК што ги топлеа дланките аплаудирајќи му на водачот и си ги грееја грлата пеејќи за „клетите Шиптáри“. Многу порасипани се оние останати 450 илјади, кои на 11 декември криејќи се зад параванот го парафираа клептоманскиот фашизам во Македонија
Во полициската станица инспекторот го прашува убиецот: „Ајде, за мајката можам некако да разберам, си верувал дека крие пари и не ти кажува каде се, но зошто мораше да го убиеш детето?“, на што овој ладнокрвно одговара: „Кој го ебе, негова работа е да е во школо, не да седи дома.“
Бедата, сиромаштијата, војните, национализмот, омразата, општиот неморал, башибозукот на власта… Сето тоа ги фрла ментално најслабите и морално најсиромашните во нешто што Валентина Божиновска, веројатно не сакајќи, сосема точно го ослови како церебрален казамат. Кој, ете, не нѐ одмина и нас во Македонија, само што задоцни некоја декада.
На крајот сме од тој казамат, а како што напиша поетот Игор Исаковски (кому за жал му пишавме вистински некролог пред две години) – „ноќта е најтемна пред разденување“. Во темните пазуви на ноќта, кога уличните светилки се гасат, а сонцето сѐ уште не е разбудено, дојде и оној мрачен говор на Груевски пред ДИК.
Фино им објасни тој на амбасадорите во Македонија што им е работата и што не смеат да прават. „Кој ве ебе, вашата работа е да пишувате извештаи, а не да ни се мешате во внатрешната политика“, им порача водачот. Исто така, објасни и што е работата на невладиниот сектор и што не смее да прави. „Кој ве ебе, вашата работа е да донирате споменици како Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради, а не да подбуцнувате граѓанско општество.“
Поддржувачите на Груевски, оние безмалку половина милион, повеќето обединети во бедата, сиромаштијата, војните, национализмот, омразата, општиот неморал, башибозукот на власта… денес одбројуваат заедно со фирерот. Се сладат за последен пат од неговите крволочни закани, ги голтаат последните залаци ксенофобија од послужените партиски сендвичи.
Македонија веднаш и тоа како мора да биде редефинирана – од казамат, од тврдина во која секој човек е заробеник окован за сопствените предрасуди и фобии, во општество на слободни луѓе и ослободени умови!
Притоа, да бидам искрен, помалку ме згрозуваат оние неколку стотици измрзнати пред ДИК што ги топлеа дланките аплаудирајќи му на водачот и си ги грееја грлата пеејќи за „клетите Шиптáри“. Многу порасипани се оние останати 450 илјади, кои на 11 декември криејќи се зад параванот го парафираа клептоманскиот фашизам во Македонија, а сега седат дома и чекаат да видат дали босите нозе на Силвана Бонева во ДИК ќе ја удрат по нос двојазичноста на Субхи и Бедредин, дали екот на песната за „клетите Шиптáри“ ќе го оглуви народот за очајните молби и лелеци на дпмнејците за уште една коалиција со Али, Муса, Артан и Мендух и дали бугарскиот воз ќе го прегази Управниот суд или судиите сами ќе се фрлат под него сосе скапиот сваровски накит на нив.
Всушност, тивко го чекаат поразот на бандата, за потоа гласно да преминат на страната на победниците и да ја почнат новата битка од серијалот „кој како ќе се снајде“. Овие луѓе не се глупави, не се ниту неписмени идиоти кои не знаат што поддржале. Тие се само расипани!
Од сите идиотштини што ги истресе Груевски онаа вечер пред ДИК, најмногу му се противам на таа дека нема да дозволел Македонија да биде редефинирана. Македонија веднаш и тоа како мора да биде редефинирана – од казамат, од тврдина во која секој човек е заробеник окован за сопствените предрасуди и фобии, во општество на слободни луѓе и ослободени умови!
Да, Македонија сѐ уште е казамат. Во секоја смисла на зборот. И идеолошки, и церебрален, и морален, и институционален, следствено на тоа – и правосуден… Затоа, одлуките на Управниот суд да се прегласува во Теарце, а да не се прегласува во Гостивар и на другите места каде што имало неправилности се небитни и не се никаква делумна правда. Груевски е веќе поразен и Теарце не може да смени ништо во тој поглед. Управниот суд само ја материјализираат волјата на ВМРО-ДПМНЕ да купи уште малку ноќ пред да се раздени, ништо повеќе.
Но, добрата вест е дека, сепак, ќе се раздени. Јебига, закон на природата. Никој никогаш не успеал да спречи разденување, колку и магла да фрлил околу себе за да го продолжи мракот. 612.000 граѓани го сфатија тоа. И му пишаа некролог на режимот на 11 декември.
А со некролозите за амбасадорите, и самиот режим си ја напиша жалната вест за своето умирање. Која иронија!
П.С.
Се гледаме во некролог. Тоа би можело да е наслов и на уште еден документарен филм. Тој за загадувањето. По измерените 1.000 микрограми на метар кубен честички ПМ10 синоќа во Скопје, граѓаните можат слободно да почнат да си ги пишуваат своите некролози. Кога се над 50 микрограми на метар кубен, овие честички се сметаат за тивок, бавен убиец на луѓето. Кога се дваесет пати повисоки од максимумот, тогаш не се ни тивок, а уште помалку се бавен – тие се убиец кој носи по пет жртви дневно. Градоначалникот Коце Трајановски не само што не презема никакви мерки, туку и нѐ кани Нова година да сме ја прославеле на отворено, на плоштад. Со Слаткар, Каролина и како специјален гест-стар ПМ10-колектив.
Заклучок: Македонија ќе го преживее ножот на Ќосето. Само, се плашам дека додека сите очи се вперени во Ќосето, може да настрадаме од Коцето.