Ден по постигнувањето историско решение за спорот со името, дежурните синоптичари информираа дека температурите во Северна Македонија ќе достигнат до 36-тиот степен. Географската придавка очигледно не направи значителни климатски нарушувања, а не се забележани ниту поголеми и видливи промени во пределот на идентитетот на луѓето што утринава одеа на работа.
Се очекува да биде стабилно, тивко и непроменливо и по потпишувањето на договорот и по неговата ратификација во парламентот. Точно, не се менува име секој ден и нема да е лесна разделбата со ФИРОМ по толку години заедништво, но и тоа некако ќе го преживееме. Впрочем, на оние на кои им паѓа најтешко, никој не може да им забрани да продолжат да си ја користат референцата за приватни потреби.
Еве, на пример, ВМРО-ДПМНЕ, која во семејството на европските народни партии е примена под референцата, може да се обрати во заедничко писмо со сестринската Нова демократија од Грција и да побараат ФИРОМ да остане на беџовите на македонските демохристијани, зашто тие овој договор не го признаваат, а и за спомен кога двете партии добиваа избори на оваа прекрасна, емотивна и до вчера вечна тема.
Останатите македонски патриоти, по потреба и со происход различен од македонскиот, можат за последен пат да си ги гушнат пасошите со уставно име за домашна употреба и бугарските пасоши за надворешна употреба и да почнат да се радуваат што се ближи денот кога сите свои потреби ќе можат да си ги остварат само со еден пасош.
Македонија ќе има многу повеќе корист од Грција со договорот. Грците добија ерга омнес, ама тоа ниту се јаде ниту се пие. Освен задоволување на нивните национални хирови и отстранување на ирационални стравови и иредентистички падавици, други некои реперкусии по животот на луѓето нема да има. Македонецот и со регистарска табличка „МК” и со регистарска табличка „НМК” пак исто пари ќе потроши на одмор ова лето во Полихроно.
Македонците (и сограѓаните што не се Македонци, секако) можеби нема да добијат Маршалов план за брза реставрација на земјава, ниту пак, животот сега со брзина на молња ќе протатне во секое сокаче и во секое ќоше на родинава наша, ама перспективите за подобро утре ни се многу, многу посветли.
Не е голема филозофија да се констатира дека најголемиот бенефит од решението на името секако е тоа што нашата татковина има историска шанса да стане нормална, европска држава. Нема гаранции, нема ни дедлајн, но, од друга страна, без решение, 102,3 насто останувавме слепо црево на Балканот, засекогаш.
Освен оваа најголема придобивка, јас најдов уште најмалку шест кои сигурно ќе ве натераат да се фатите за пенкало дента кога ќе биде референдумот.
1. Конечно рекламите од серијалот „Македонија вечна” добија некаква смисла. Не и потрошените пари, но барем слоганот не е веќе во тотална спротивност на политиките што ги водиме кон иднината на земјава. Македонија првпат во историјата може навистина да стане вечна. Што и да значи тоа.
2. Ниеден Македонец досега не се закитил со престижна светска награда. Немаме ниту Нобеловец, ниту Оскаровец. Еве шанса и тоа да се смени. Еве шанса со еден удар да утепаме две муви. Зоран Заев, заедно со неговиот колега од другата страна на жицата, заслужија Нобелова награда за мир за решавањето на еден тежок, повеќедецениски спор (со импликации по регионалниот мир и стабилност што не се за потценување), а ќе видите дека и главниот актер во филмот „Брилијантин”, познат како Мицко, за Оскар ќе ја одигра улогата во која тој ќе се обиде да влезе во коитус без да ја загуби невиноста.
3. Се отвора огромна семиотичка порта за промени и во националните метафори. Тука особено се важни промените што можат да се случат во делот на стилската фигура – персонификација на родната грутка. Напатената Македонка, која со векови сè нешто ја малтретираа, ја грчеа, ја турчеа, не само што ги преживеа сите напади, туку сега си доби до себе згодна и млада снаа – Северина.
4. Среќни сме и за Каролина Петковска која ќе може на раат да си коментира Евровизија. Нејзината стоичка издржливост сиве изминати години да не ја именува Грција ниту со нејзиното уставно, ниту со нејзиното меѓународно признато име, и да ја нарекува едноставно „нашиот јужен сосед”, сепак, не беше залудна. Грција на крајот попушти и седна да преговара, што резултираше и со конечен договор. Фала Каролина.
5. Ристо Никовски конечно ќе може да се посвети на својата нова страст – играње шах во Жена-парк. Постарите сигурно се сеќаваат на легендарниот Ристо Ничевски, врвниот шаховски коментатор на МТВ. Зошто откако ќе ја усоврши оваа древна игра на клупите покрај голиот Прометеј, и Ристо Никовски да не почне да шета по телевизиите за да дава шаховски коментари?
6. Граѓаните на Македонија и на Грција се добитници, но во овие историски мигови не треба да заборавиме на уште еден човек, кој можеби е посреќен дури и од сите нас заедно. Адвокатот од Њујорк, попознат како Метју Нимиц, по дваесет години напорна работа за само еден долар годишно, конечно ќе може да ги користи бенефитите на пензионерскиот живот: да се вози гага во ЈСП вторник, петок и сабота и да оди на бања со купони од државата. Со какви сè глупоштии мораше да се расправа цели дваесет години, бањското лекување му е повеќе од потребно. Овие 27 години од животот, ни нам ни нему, никој нема да ни ги врати, ама барем го дочекавме и тоа чудо.