Секое прашање заслужува одговор

Ме прашува еден од интегративците, што мислам за „новите“ на црната листа на САД, особено за овдешните обвинувања дека ДУИ вршела притисоци врз судството. Пред 8-9 години, пак, тој беше меѓу оние што јас ги прашував што значи фразата „коњот на Шемо“.

Сега историјата се повторува како фарса. Повторно разговараме за исто лице, овој пат на црна листа на САД, во пакет со докази за мито заради уривање на судски процеси.

„Што мислиш за обвинувањата дека ДУИ ги контролира судовите? Ама да ги оставиме настрана тврдењата на овие од власта, тие сакаат да не оцрнат, не се искрени ни еден отсто“, ми вели тој.

„Не мислев да се реферирам на изјави на власта. Повеќе на она што го кажа Зијадин Села“ – му возвратив јас.

Беше пријатно изненаден од мојот „избор“. Но, не за долго. Го потсетив што рече Села на прес-конференција од 12 април 2022 година. А рече дека ДУИ комплетно го контролира судството, дека си сместила блиски лица во повеќе судски институции, дека тој систем е целосно преземен од извршната власт, особено од ДУИ и дека поделбата на власта кај нас не важи како уставно начело.

Рече дека заробувачите на правосудниот систем имаат име и презиме, а тоа се Блерим Беџети, Аднан Јашари, Валдет Џафери, Билен Саљији и Агим Нухиу – сите министри на Ахмети. Рече дека во секоја судска институција е доволен повик од Мала Речица за да се запре или саботира кривичното гонење, секогаш кога е засегнат интересот на ДУИ.

Рече дека инсталациите на Ахмети штитат 150 корумпирани политичари. Рече дека во фиока останале случаите како „Маѓар телеком“ на Али Ахмети и Муса Џафери, „Пациент“ на Бујар Османи или „Титаник 3“ на Ејуп Алими, за коишто сите се амнестирани.

Рече дека се соочуваме со вистински масакр во судството, со десетици судии и обвинители под тотална контрола на ДУИ. Кажа уште многу, но мислам дека ова е и повеќе од доволно.

И го потсетив дека од ДУИ обвинувањата на Села ги оценија како „скандалозно и дотогаш невидено и грубо мешање во правосудниот систем и независноста на судството“. Не морав да го потсетувам дека денеска со Села се заедно во иста коалиција.

Јавен интерес, а не чамче муабет

Не ми личи на сериозен аргумент „ама така зборувал тогаш, не и сега“. Приказните кој каква песна сега пее во коалицијата, кој кому му правел услуга, кој на кого што му должел, се „чамче муабет“. Граѓаните ги интересира да бидат раскринкани заткулисните акробации што го загрозуваат јавниот интерес, а тоа е да имаме независно, неселективно и ефикасно судство, ослободено од политички и бизнис влијанија.

Јавен интерес е да знаеме каква песна пее и пеело судството – судска изворна, владина приспивна, владина традиционална „како досега“ или партиска новокомпонирана. Од врвен јавен интерес е таму да се расчистат Авгиевите штали, со докази и низ судски процеси.

Во таа насока, добро е што ОЈО Скопје ги презело сите списи од Судскиот совет во врска со утврдувањето на одговорноста на судии кои постапувале во предметот „Таргет-Тврдина“.

Ќе биде добро и да се утврди од каде стигнале инструкциите за елиминирање на Весна Дамева доколку се дрзнела да го стави на дневен ред барањето за одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети.

Да се утврди кој ги влечеше потезите и фигурите на таа шаховска табла, кој му даде знак на потпретседателот Селим Адеми да иницира нејзино разрешување, да се види кои членови биле против разрешување на Беџети, а кои биле импресионирани од неговите резултати.

Да се види во записниците кои членови сметале дека 20% намалена плата во рок од шест месеци е соодветна казна за тоа што тој 9 месеци неоправдано го чувал во фиока капиталниот предмет Таргет -Тврдина, за да инвестира во негово застарување.

Накусо – треба да се утврди кои биле измеќарите на Беџети, Груби и Мијалков во Судскиот совет, и секако – кои биле нивни измеќари во Апелацискиот суд, покрај Беџети.

Во тој период наголемо се шпекулираше со висока сума за операцијата спасување на Мијалков и тоа само на една спасувачка адреса. Немаме корист од шпекулации. Надлежните институции имаат можност и обврска тоа да го утврдат, како што го утврдиле институции во САД.

А кој го пристискаше Врховниот суд?

Треба ли сега да се потсетиме и кој во Судскиот Совет покрена иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд? И кој го стави Врховниот суд под страшен политички притисок за да ја оживее амнестијата на Ѓорге Иванов со цел да се спаси Никола Груевски, откако ни измените на Кривичниот законик не му помогнаа целосно во тоа?

Треба ли да се потсетиме зошто амбасадорката на САД беше на средба со судиите од Врховниот суд, за потоа да апелира дека „судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите“.

Треба ли да се потсетиме дека претходниот холандски амбасадор Дирк Јан Коп во јануари годинава се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Мала Речица, за да му пренесе порака дека „по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија на членството во ЕУ е загрозена и дека несоодветното политичко влијание врз позицијата на претседател на Врховен суд е неприфатливо и ќе предизвика силна реакција од Холандија“.

А зошто амбасадорот беше баш во Мала Речица? И на врапчињата им беше јасно зошто, ама „изјавата на годината“ ја даде Бујар Османи: „Веројатно ДУИ е еден од оние кои што најмногу зборува за борбата против корупција, па се разбира дека ќе се бара поддршка од ДУИ“.

Доаѓа период кога за сето ова ќе мора да се направи „завршна сметка“. Јавноста очекува институционално да се утврди кој ја поддржал таа борба, а кој ја фингирал. Меѓународно мониторираниот ветинг што го бараше ДУИ почна на 8.000 километри од нас, но завршницата мора да биде овде.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија