Шпанска серија меѓу две писма

Политичката епистоларија, било наменета за внатрешниот или за надворешниот поштенски сообраќај, и натаму продолжува. А како што сега стојат работите, се чини дека нема да прекине во догледно време.

Последниот чин од политичката преписка, се разбира, е отвореното писмо на неодамна исклучениот член на ВМРО-ДПМНЕ и до неодамна „недопирливиот“ Сашо Мијалков до лидерот на Партијата, Христијан Мицкоски. Со оглед на должината на писмото, изгледа како да сакал Мијалков да ги надомести сите оние функционерски години, кога во јавноста речиси и не се појавуваше.

Што се однесува до содржината на писмото, таа е прилично очекувана – обвинувања на сметка на неговите доскорешни партиски другари, закани со судски тужби и докажувања кој е поголем и постар вмровец. Како што обично се случува во шпански серии од овој тип, сега е на ред Мицкоски да одговори, бидејќи досегашното искуство нѐ учи дека никој што досега му напишал писмо не останал без одговор.

За да биде заплетот поинтересен, уште некој виден член ќе биде исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, па ќе напише отворено писмо каде што ќе ги обелодени сомнителните зделки на сегашното раководство, па Мицкоски ќе одговори итн.

Во меѓувреме, другиот дел од до неодамна најмоќниот политичко-финансиски братучедски двоец во државата, значи Никола Груевски, се подготвува за отслужување на затворската казна, неговиот наследник го продава седиштето на Партијата, а пратеничката група никако да изброи со колку пратеници располага. Со големо нетрпение, значи, го чекам крајот на оваа сапуница за да видам кој кому ќе излезе дека му е мајка, а кој ќе биде братот близнак.

Некои би рекле дека во недостиг од политичка дебата, добра е и политичка епистоларија. Само што не е! Во моментите кога треба да се решава за можеби најсудбоносните уставни амандмани во државата, односно да се фати насоката на нејзината иднина, целата држава се занимава со внатрепартиските проблеми и преписки на една политичка партија.

Да се разбереме, ова не е резултат на важноста на ВМРО-ДПМНЕ и нејзината поголема релевантност од иднината на земјата, иако не ни е ни на крајот на умот да го потценуваме нејзиното, додуша сѐ помало, влијание, туку е резултат на хроничниот недостиг од нешто што вообичаено се нарекува политичка култура.

Речиси патетично изгледаат обидите на телевизиите во своето студио да донесат некаков релевантен или факторизиран опозиционен чинител. Попатетично од телевизиските обиди изгледаат само напорите на власта да ја измоли опозицијата да учествува во расправите околу нејзините државни проекти

Она што „македонскиот случај“ го прави уникатен во однос на светското историско и актуелно искуство е фактот дека недостигот од политичка дебата, речиси по правило, е одлика на земјите што се карактеризираат со авторитарни и диктаторски режими. Дуелите со неистомислениците се избегнуваат, а новинарските конференции се организираат со однапред договорени новинари и новинарски прашања.

Не толку одамна и ние бевме сведоци на една таква практика. Токму кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Денес се чини дека продолжува истата практика, само што овојпат опозицијата ја избегнува дебатата.

Речиси патетично изгледаат обидите на телевизиите во своето студио да донесат некаков релевантен или факторизиран опозиционен чинител, при што неговите аргументи најчесто се сведуваат на неколку фрази од типот „капитулантски договор“, „квислиншка власт“, „предавници“ и слично.

Попатетично од телевизиските обиди изгледаат само напорите на власта да ја измоли опозицијата да учествува во расправите околу нејзините државни проекти, која, пак, се чини нема време од префреквентните преписки да учествува во историските процеси што се во тек и кои што следат.

Чинам дека некаде во февруари 2004 година, Советот на Европа ја донесе Декларацијата за слободата на политичката дебата, токму со идеја на опозициските партии да им овозможи слободен пристап до медиумите и со самото тоа да им овозможи слобода на говор, односно да обезбеди одредено ниво на политичката култура во земјите-членки.

Американскиот политиколог Сидни Верба во својата книга „Политичката култура и политичкиот развој“ (Political Culture and Political Development, 1965) заклучува дека „ако политичката култура не е во состојба да го поддржи демократскиот систем, шансите за успех на тој систем стануваат минимални“.

И Верба во ова дело, но и многу други политиколози (Олмонд, Колеман, Шибер…), ја дефинира политичката култура, но ние тука немаме намера да се занимаваме со политички теории. Доволно е само да кажеме дека македонската практика никако не е одраз на општествената, значи сеопфатната политичка култура. На крајот на краиштата, и политичката култура, како и културата воопшто, се стекнува, односно се учи, а литературата и светската пракса се тука, па бујрум.

На пример, уште како клинци нѐ учеа дека „валканите алишта“ не се изнесуваат кај соседите, односно во јавност. Помалку или повеќе, секој од нас се обидува да го следи ова правило, затоа што во спротивно, тој ќе биде тема на Куќниот совет, а не вистинските прашања што се од вистински (јавен) интерес на целата зграда или на целото соседство.

Занимавањето на опозицијата сама со себе е нејзино легитимно право, а вадењето на нејзините „валкани алишта“ во јавноста може да биде и од јавен интерес, но проблемот е во тоа дека покрај обидите за консолидирање на нивните редови, во државата се одвиваат низа други процеси, кои природно би требало да бидат во опозицискиот фокус, токму како коректив на потезите што ги влече власта.

Мислам дека токму на ова мислел Верба во цитираниот заклучок, односно ако опозицијата бега од зададената слобода на политичка дебата или ако не ја прифаќа поради сопствените внатрешни состојби, тогаш власта има одврзани раце да си го тера сопствениот ќеф.