И многу и ништо, ама главно е комплицирано.
За нецели два часа од одржувањето на можеби најсилниот и најбројниот осмомартовски марш, се појавија чуварите на патријархатот маскирани во „навредено и вознемирено граѓанство“, кое со повици за силување и убивање реши да се пресмета со „феминистките“ поради еден од транспарентите со содржина: Црквата да одје*е! На маршот од стотици луѓе се носеа меѓу 50 и 100 транспаренти со различна содржина, од поддршка на барањата на работничките, преку слогани за жртвите на насилство, па сè до пораки упатени кон третманот на жените во здравството.
Дополнително, на маршот слушнавме и неколку говори, како оние на земјоделките, кои немаат можност да си го остварат правото на породилно отсуство, и на младите мајки што добиваат откази од работа поради бременост. Последна микрофонот го фати една млада, паметна и силна жена, која со солзи во очите раскажа за голготата што ја доживеала кога при пораѓајот ѝ била извадена матката по грешка.
Овие вознемирени душички немаат интерес за целта и пораките на маршот, а уште помалку за споделените лични искуства на различните жени. Токму затоа и не се одважија да ги чујат. Наместо тоа, во арогантен манир нè нападнаа, лажно тврдејќи дека учесничките на маршот се незаинтересирани за проблемите на работничките и на мајките, а се окупирани со Црквата. Доколку ги прашате дали тие некогаш обезбедиле платформа за да можат жените да проговорат, дали некогаш изразиле желба да ги чујат, одговор нема да добиете.
Оваа група се појави во сета борбена подготвеност единствено кога една од најмоќните институции на светот, Црквата, е нападната од еден транспарент и од две-три жени
Не ги интересираат нив ниту мајките и бремените жени, а камоли другите. Оваа група се појави во сета борбена подготвеност единствено кога една од најмоќните институции на светот, Црквата, е нападната од еден транспарент и од две-три жени. Иако не ги пишував, ниту ги изговарав пораките и транспарентите, јас лично стојам зад сите нив.
Ги слушнав, ќе продолжам да ги слушам и ќе давам поддршка и помош најмногу што можам, како и досега. Но, кога во јавноста е важен само еден транспарент, тогаш еве веднаш да ви кажам – стојам и зад транспарентот „Црквата да одје*е!“
Прво, поради тоа што пораката не е насочена кон верниците, нивното чувствување и практикување на верата, туку исклучиво кон моќната институција каква што е Црквата, која низ вековите до денес е една од клучните инстанци на репресија, контрола и дисциплина на женските тела, мисли, однесувања и позиции. Токму Црквата (и другите форми на организирана религија) е таа што ги ограничувала репродуктивните права и слободи на жената, наметнувајќи ригидни ставови против контрацепцијата и абортусот, но и женската телесност, задоволства и автономија.
Православните свештеници и кај нас не се двоумеле да пишуваат, беседат и да држат литургии посветени на жените, нашите тела и нашето подредено место во домот и во општеството. Не само во верските објекти, туку и во останатата јавна сфера, во медиумите, а во некои случаи и директно во Собранието и во Владата.
Второ, затоа што пораката не е напад, туку крик на одбрана. Точно, пораката не е молба, туку израз на лутина во барање да се тргнат рацете на оваа институција од нашите тела, матки и животи. Осмомартовските маршови низ светот минаа со истата порака на различни јазици, во различните земји.
Феминистичките протести се насочени против центрите на моќ, кои се непријатели на женската безбедност, слобода и права, како државата, полицијата, здравствениот систем, па и Црквата. Ако доминантен извик на маршот беше – Државата е силувач, тогаш не гледам причина зошто е проблематично далеку поблагото барање Црквата да нè остави на мир.
Трето, затоа што револтот против моќна институција е израз на политичка храброст, а нападите, линчовите и хајките насочени кон девојките и жените што го поддржуваат овој став е израз на кукавичлук и конформизам. Клерофашистичката хајка низ социјалните мрежи против две-три девојки што се поврзуваат со транспарентот, изгледа како сцена од надојдена река, која поплавува мал чун. Конечно, токму овие хајки се уште еден јасен доказ дека Црквата и нејзината војска навистина треба (еве да бидам културна за да не вознемирам некого) да се приберат.
Илузијата на водењето политички битки тивко и допадливо е шарена лага, која само ја затапува острицата
Четврто, затоа што не е прашање дали сите учесници или организатори на маршот го поддржуваат транспарентот, туку дека постои група внатре, чија феминистичка борба е насочена и против концептите на религијата, нацијата и капиталот. Таа борба, иако недопадлива за мнозинството, е апсолутно легитимна. Феминистките се свесни дека таа политичка борба и визија за светот не е, и во догледна иднина нема да биде, допадлива и поддржана од мнозинството.
Мнозинството го обликуваат центрите на моќ. Кој го врти мнозинството. Тоа не може и не смее да биде аргумент или пречка за политичките борби. Вистинскиот отпор никогаш не дошол со поддршка на носителите на моќ, туку со окрупнување и зајакнување на непривилегираните, исклучените и оние етикетирани како проблематични. Илузијата на водењето политички битки тивко и допадливо е шарена лага, која само ја затапува острицата.
Конечно, антагонизмот меѓу Црквата и феминизмот не е ниту нов, ниту изненадувачки. Доколку посветите време на проучување на оваа комплексна релација, ќе видите дека нема ништо уникатно и скандалозно во транспарентот. Кога моќна и богата институција, како Црквата, е „потресена“ и „вознемирена“, тогаш со сигурност знаеме дека сме на вистинскиот пат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија