Оваа Нова 2017 година е, како ретко која во поновата македонска историја, една од најочекуваните нови години во Македонија. Барем ако се гледа од некаква поширока, би рекле, општествена перспектива.
Она што е неминовно секако е излегувањето од оваа лимбо состојба во која се наоѓа македонската политичка сцена веќе подолго време. Со други зборови, претстојното формирање влада, без оглед на неминовната квалификација дека тоа ќе биде слаба влада, јасно ќе ги одреди насоките по кои Македонија натаму ќе се движи, односно дали ќе застане во место или ќе го фати правецот на промените.
Најнеизвесното формирање влада во македонската плуралистичка историја наметнува неколку нејзини можни модалитети. Првата од варијантите е да се направи влада на номиналниот победник на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со веќе познатиот коалиционен партнер ДУИ и со евентуално уште една партија од албанскиот политички блок, веројатно онаа на Села (а можеби и на Острени).
ВМРО-ДПМНЕ, поради својот демократски дефицит и слабиот коалиционен капацитет, дефинитивно ќе го изгуби деценискиот политички примат, а промените во правец на зајакнување на демократските стандарди, едноставно, се неминовни
Иако во овој случај (коалиција со две или со три албански партии) мнозинството не би било толку натегнато во споредба со евентуалната влада составена само од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, односно владата би имала нешто полабав маневарски простор, сепак оваа комбинација всушност делува најтешко остварливо.
Пред сѐ поради демократскиот дефицит и слабиот коалиционен потенцијал на ВМРО-ДПМНЕ. Играњето на популистичко-националистичката карта и сеењето страв од „клетите Шиптари“ во пресрет на локалите избори, практично не му дозволува на ВМРО-ДПМНЕ да направи некои барем малку сериозни отстапки во поглед на барањата на албанските партии.
Од друга страна, албанските партии, без оглед на практично најмалиот број пратеници во досегашните парламентарни состави, како никогаш досега се наоѓаат во позиција на решавачки фактор при формирањето влада. Дали поради оваа околност или како реакција на агресивната националистичка пропаганда на ДПМНЕ, важно и албанските партии парираат со популистичка реторика и со наводно непопустливи барања и така и самите си го намалуваат коалициониот капацитет.
Оваа состојба нѐ носи до вториот можен модус за формирање влада, кој на почеток срамежливо, а сега сѐ поагресивно се пробива во јавноста, а тоа е двете македонски партии да направат сопствена влада и на тој начин да ги елиминираат албанските партии од актуелната политичка сцена.
Оваа солуција се брани со простата математика која вели дека македонските партии имаат сто пратеници наспроти 20 од албанскиот блок, а се правда со наводната сплотеност на албанскиот политички фактор околу една платформа наспроти македонската разединетост. На ова се додава и преценувањето на улогата на премиерот на Албанија Еди Рама, кој во неколку наврати имаше средби со лидерите на овдешните албански партии.
Се разбира дека оваа теза е опасна не само поради распламтувањето на националистичките страсти и закопувањето на мултиетничкиот и мултикултурниот соживот, туку и поради тоа што зад ова решение не се крие ништо друго, освен обид да се сокријат или да се амнестираат организираниот криминал и корупцијата, макар и по цена на воведување долгорочна нестабилна и опасна состојба.
Без оглед на сите добронамерни и помалку добронамерни апели за македонско помирување и национално единство, веројатно би требало секому да му биде јасно дека националното единство не се гради со криминалци, ниту пак, со нив е можно помирување.
Третата опција е формирање таканаречена експертска или непартиска влада. Читателот можеби се сеќава дека во еден исто така тежок период, тогаш кога се растураше некогашната држава, по првите повеќепартиски парламентарни избори, односот на силите во македонскиот парламент исто така не дозволуваше формирање политичка влада, па се направи експертската влада на Никола Кљусев.
Проблемот на експертските влади е токму во недостигот на политичкиот авторитет (во секое време може да ѝ биде изгласана недоверба, што впрочем и се случи со владата на Кљусев) и нејзиниот ограничен мандат, кој не дозволува носење крупни политички одлуки. А се чини дека времето што следи ќе биде токму такво – време на важни и големи политички одлуки.
Новата 2017 година има сериозна шанса во неповрат да ги однесе повеќегодишниот политички примитивизам, организираниот криминал, општествениот шунд и севкупната културна деградација
Се разбира, во ваква ситуација не треба да се занемари ни можноста за нови парламентарни избори, кои би се одржале заедно со локалните или евентуално наесен. Сепак, не само што не постои никаква гаранција дека односот на силите на евентуалните нови парламентарни избори може значајно да се промени, туку е речиси сигурно дека ќе остане приближно ист како сега и дека со нив, всушност, нема ништо да се реши.
Со други зборови, и новите парламентарни избори не би биле ништо друго туку само купување време во однос на работата на Специјалното јавно обвинителство, односно само продолжување на кризата.
Останува уште можноста номиналната опозиција да формира влада, односно СДСМ со албанските партии или барем со дел од нив. СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ има значително поголем коалиционен потенцијал, барем што се однесува околу основните човекови права (вклучувајќи ја тука и употребата на јазиците). Основниот проблем на ова сценарио е фактот дека без учеството на ДУИ, таа едноставно не е можна, а ДУИ, односно барем актуелното раководство е, исто така, прилично искомпромитирано во очите на нивното избирачко тело.
Сепак, се чини дека ваквата коалиција е најверојатна, па дури и по цена на отстапки од максималистичките барања на албанските партии, па и некои партиски оставки.
Во секој случај, работите ќе бидат јасни до локалните избори, а по нив уште појасни. Како што сега стојат работите, годината што е пред нас ќе биде пресвртница во македонската политичка практика. ВМРО-ДПМНЕ, ќе повториме, поради својот демократски дефицит и слабиот коалиционен капацитет дефинитивно ќе го изгуби деценискиот политички примат, а промените во правец на зајакнување на демократските стандарди, едноставно, се неминовни.
Конечно, Новата 2017 година има сериозна шанса во неповрат да ги однесе повеќегодишниот политички примитивизам, организираниот криминал, општествениот шунд и севкупната културна деградација. Таа шанса мораме да ѝ ја овозможиме.