Што Норд Маседониа може да научи од Нордвизија

Колумна на Сашо Кокаланов
Не може на човека да не му падне мака кога го гледа Стево Пендаровски како си ја работи работата претседател. Се однесува како да нема никакво чувство за старите македонски обичаи и дејствува на меѓународната сцена без грам национално достоинство. Гледајте го, Франција ни удира вето, Стево трча во Париз да разговарал со неговиот колега Макрон на темата.

Не толку одамна, кога на тоа место беше еден лик од народот, еден фронтмен на македонската борба за станување светска велесила час поскоро, сѐ се решаваше на многу пофамилијарен, понароден, потрадиционален и подостоинствен начин. Наместо да се трошат пари за авионски билети Скопје-Париз-Скопје и за хотелско сместување, поразите се споделуваа заедно со народните маси, а солзите капеа директно во казаните за варење грав, печење ајвар, чварки или ракија.

Хорхе, во оние убави не толку дамнешни времиња, ќе заминеше на некоја пивтијада од каде што ќе фрлеше отровни стрели кон Франција, со мирис на лук и чадено ребро, за веднаш потоа, од ракијадата во соседното село, да му фрли клетва до седмо колено на Макрон. Да го утепа во поим! Да му го скисели шампањот во желудникот! Да му го загорчи кавијарот!

Ех, времиња! Сега сме станати вистински северњаци. Клетва ни до трето колено не фрламе, а седмо ни е веќе мисловна именка. И каков е бре тој Парискиот мировен форум, лебати!? Барем да се викаше мировен панаѓур со скара на кило или традиционална форумијада со греена ракија и пастрмајлии, па да разбереме што бара Стево таму. Вака, навистина срамно и недостоинствено.

2.

Добро, кога веќе сме станале северњаци, дајте барем да украдеме сѐ што е паметно од оние горе, вистинските северњаци. Ете, ние како култура и како пазар сме едно зрно грашок и ако сакаме да бидеме прочитани, видени, чуени, ако сакаме барем да го зачешаме грбот на принцезата, мора да бараме мудри начини да допреме до широка публика.

Знаете ли што е Нордвизија? Тоа се пет национални куќи, радиотелевизии, од пет земји кои се обединиле пред повеќе од половина век за да имаат посилен глас во светската радиодифузна какафонијата. Денес, шест децении подоцна, „Нордвизија“ е моќен играч на пазарот, од кој огромен профит имаат сите нордиски култури. 

Минатата година имале неверојатен скор од 4912 разменети програми или копродукции. Нивни програми на кој било од скандинавските јазици се емитувани во дури 77 земји во светот. Дванаесет нови драмски серии се снимаат секоја година, што значи секој месец се удира прва клапа на некој нов заеднички игран проект.

Многу работа за актерите, режисерите, сценаристите, камерманите, монтажерите, сценографите, костимографите… од секоја од земјите, многу повеќе пари отколку кога секој би продуцирал сам за себе, без поделба на мали и големи – секоја култура е застапена, и најважно – програмата што ја добиваат граѓаните, оние што плаќаат данок, независно од жанрот и целната група, не е прост збир, туку мултипликација.

Во таа смисла, а во нашиов балкански контекст, Севернава ни Македонија треба да е главен иницијатор на ваквите здружувања во културата севкупно, а во популарната култура особено. Ако сакаме пробив надвор од аутистичкото дувло што самите си го ископавме со визија на стар, тром крт, нам, не само што ни е врвен национален интерес да се придружуваме на вакви иницијативи, не само што треба со отворени раце за прегратка да чекаме друг да ги покрене, туку, всушност, ништо друго и не треба да правиме, ами да гледаме како повеќе и поуспешно да се вмрежиме, да станеме дел од големата приказна, по можност да бидеме носители или основоположници на секоја ваква идеја.

Да сум јас некој што одлучува во оваа земја (фала богу не сум), би го искористил фактот дека сме прилично беневалентни и централно позиционирани на Полуостровот, та на балканската „Нордвизија“ веднаш би ѝ понудил простории за седиште, мала администрација и големо топло гостопримство. Само така македонската (мулти)култура нема да ја живее својата калимеровска приказна ламентирајќи за пропуштените прилики фрлена на маргините на Европа.

Ќе има тука врачови и гонители на вештерки, кои ќе нѐ плашат со културен геноцид, претопување и асимилација, умирање на македонштината и некое ново југословенство, да не се лажеме, ама тоа срање ќе мора да се истрпи, зашто дел од менталитетот ни е кон секоја добра идеја да се однесуваме како кон црн душман. Ќе падне и некоја клетва до седмо колено, ама и таа вреди да се издржи.

3.

Инаку, тоа што доцниме зад современиот европски Запад не е секогаш неминовно лоша работа. Особено кога демократиите на поразвиените европски братчиња ќе фатат погрешен правец.

Еве на пример, ние на Западен Балкан допрва ќе создаваме „Мал Шенген“. Ќе отвораме граници таму каде што со векови се палеа огновите на национализмот. Србија, С. Македонија и Албанија. Уште Босна ни фали и ете ги четирите најзапаливи буриња барут на Балканот во некаков обид да ја глумат Европа, и тоа онаа отворена Европа од убавите времиња, пред Брегзит, Сирија, Орбан итн…

Мене, искрено, дури и да остане ова на едно наивно, аматерско, декларативно дружење на тројца лидери што ја изгубиле улогата во главната претстава, па решиле да си направат своја игранка на малата сцена, ми се допаѓа. Секој чин на здружување заради соработка е прогресивен во својот фундамент, па нека е и јалов и само симболичен.

Особено што овој „мал Шенген“ се случува во време кога во големата, обединетата Европа на „големиот Шенген“ му се заканува распад. Дополнителните гранични контроли воведени од бегалската криза наваму, поточно од есента во 2015 година, според договорот од Шенген, како „вонредна“ мерка можеа да траат само две години. А во многу земји уште се на сила.

Затоа, дури и ако нема никакви реални бенефити, овој „мал Шенген“, како и секој чекор кон европеизација на Балканот е супер, уште повеќе и затоа што Европа на големо се балканизира.