Актуелно

Сарај, Визбегово и Илинден најмногу чадат на социјалните мрежи

Запалени гуми на дива депонија | Фото: Инспекторат на Град Скопје

Столбови црн и сив чад се креваат од Визбегово, Сарај, Илинден, Лисиче, но и од локации поблиску до центарот на Скопје, како Крњево (до зградата на МРТ) и Кисела Вода. Кејот на Вардар, со локации како Вардариште, дивата депонија во Карпош 4 и запуштените простори покрај Момин Поток често се користат за горење отпад.

Како што се зголемуваат вредностите на ПМ честичките и на другите загадувачки материи во воздухот во Скопје и во другите поголеми градови во земјава, така расте и бројот на објави на социјалните мрежи на страниците како „Скопје сака чист воздух“, „Заедно за заштита на Карпош“, „Сакаме Аеродром да дише“, „Против загадување и труење на народот“ итн.

На интерактивна мапа ги обележавме локациите или приближните локации каде што граѓаните забележале чад и оган во изминатиот месец.  Забележавме најмалку четириесет вакви случаи. Од објавените фотографии и видеа може да се види дека различни видови смет и отпад се горат насекаде во главниот град и во неговата околина. Најчесто овие појави се забележуваат покрај брегот на Вардар, во Општина Сарај, околу Визбегово и индустриската зона во тој дел од градот, на различни локации покрај автопатот во Општина Илинден, како и во Вардариште во Гази Баба.

 

Сепак, неколкупати густ чад и оган бил фотографиран и во центарот, зад тврдината Кале, во близина на населбата Кисела Вода, како и на левиот брег на кејот на Вардар спроти Градскиот парк и спроти населбата Карпош 3. Отпадот се пали на диви депонии и среде запуштени простори. Продолжило и палењето стрништа во нивите околу градот.

Најчестите претпоставки се дека огновите ги палат несовесни граѓани или собирачи на различен вид материјали за откуп, кои на овој начин се ослободуваат од вишоците (како при горењето кабли заради бакарот). Советник во Општина Гази Баба снимил видео како сам навечер им пристапува на група луѓе што горат оган на депонијата Вардариште и ги предупредува дека го кршат законот и дека може да имаат последици. Успеа да ги натера да го угаснат огнот.

Инспекторатот на Град Скопје, на своите профили на социјалните мрежи објавил информации и фотографии од интервенции на инспекторите кога биле палени огнови на отворено. Меѓу другото, оваа институција ѝ наредила на компанијата што стопанисува со запуштен објект во Крњево, каде што се пали отпад, да го расчисти просторот. Градските служби, заедно со општинските, противпожарната единица и со други државни институции, интервенирале двапати во Вардариште, како и во близина на Стајковци, Јурумлери и Визбегово.

Од Град Скопје немаат точна информација колку пати интервенирале во вакви случаи. Оттаму одговорија дека во изминатиот период го спроведувале пилот-проектот за да спречат палење стрништа. Вкупно 120 жители од околината на градот побарале од нив да им го отстранат отпадот од бербата на нивите, и со тоа било спречено палењето на околу 600 кубни метри.