Сиво-црна магија

Имаше еден случај од крајот на минатиот век во Косово, кога уште бевме заедничка држава. Извесен гинеколог имал приватна пракса во некој град и разгласил дека има некакви швајцарски лекови со кои може да го смени родот на плодот на бремената жена. Се разбира, од девојче да направи машко.

Праксата одела вака: ќе види на ехо дека бремената жена носи машки плод и нејзе и на присутните роднини ќе им соопшти дека новороденчето ќе биде – девојче! Но, има тој чаре. Ќе им продаде за сериозна сума (тогаш во германски марки) некои плацебо апчиња, кои, ете, гарантираат смена на полот. По неколку „успешни“ промени на полот, гласот за овој „чудотворец“ надалеку се слуша, па му доаѓаат пациенти, не само од Косово, туку и од Македонија, Јужна Србија, а забележани се и клиент(к)и од Бугарија. И не е тука само прашање на „цената на лекот“, туку гинекологот добивал и скапоцени парични и материјални подароци за „успешно изведената терапија.“

Имал гинекологот решение и за спротивните случаи. Кога ќе видел на ехо дека жената е бремена со девојче ѝ велел дека бременоста е во поодмината фаза и дека сега повеќе не е можно да се промени полот. Бил чесен, што би се рекло. Не сакал на луѓето да им дава лажни надежи. Важно, ехоснимките кај него секогаш покажувале дека сите пациентки „носат“ женски плод. Е, сега, на отприлика половина од нив може да им се „помогне“, а за другата половина е „предоцна.“

Цели пет години траела оваа негова шарада. Ќе траела веројатно и повеќе ако неговата популарност не се проширила до таа мера што конечно некој се сетил дека станува збор за измама. Дури и кога човекот беше уапсен и измамата докажана, забележани се примери на „благодарни пациенти“, кои беа подготвени да сведочат во негова одбрана и да тврдат дека човекот е вистински „чудотворец.“

И во тоа време имаше коментари што одразуваа изненаденост и зачуденост, од типот: „Како е тоа можно, денес на крајот на 20 век!“. Но, имаше и коментари „длабоко вкоренети во непресушниот извор на народната мудрост.“ На пример: „Додека има овци, ќе има и волна“. И сѐ во тој стил. Главно, мнозинството беше на страната на измамникот, кој, ете, се снашол и ја искористил неукоста на неговата клиентела. Вината паѓа врз жртвата затоа што е лекомислена, затоа што потпаѓа на теророт на „традиционалните вредности“, затоа што е неука и не ги знае новите медицински достигнувања.

Овој и оној век

И покрај мојата најдобра волја, не можам да го компарирам примерот на косовскиот гинеколог со оној на бајачот од Трубарево, кој успеал во три години да „олесни“ некој беровец дури за 400.000 евра. Првин, ако тогаш бил „крајот на минатиот век“, сега веќе ја поминавме првата четвртина од овој век. Не треба да потсетувам дека живееме во ерата на вештачката интелигенција, на безброј интернетски пребарувачи, на досег до информации од секој вид. Натаму, во случајот од Косово навистина се работи за лекар-специјалист, за гинеколог со приватна пракса, што ќе рече за човек од доверба, а кај нас за – бајач! Еј, за бајач! Денес, во 21 век!

Не можам ниту да споредам, ниту да судам, затоа што соопштението на Министерството за внатрешни работи е прилично штуро. Не се знае точно каква мака имало беровското семејство со нивниот син, па побарало услуга од трубаревскиот маг. Јасно е како косовскиот гинеколог ја стекнал својата „слава“, но не е јасно кои се достигнувањата на „волшебникот“ од Трубарево за да му се доверат толкави парични износи. Или, на пример, каде и како човекот од Берово разбрал за неговите „вештини“, па се решил да го решава својот проблем на овој начин.

Лично познавам многу луѓе што се решиле за вакви „алтернативни“ методи за решавање на нивните проблеми. Очајот ги тера луѓето да се фаќаат и за сламки. Ама не познавам човек што е подготвен да даде 400.000 евра за баење, па макар тоа било и во период од три години. Всушност, не познавам човек што би дал и илјадапати помала сума, што не значи дека нема такви. Ако сакам да бидам искрен, не ни познавам човек што има во готовина толку пари.

Што направил човекот од Берово? Ја продал куќата, нивите, автомобилот, наследството…? Што е тоа што го натерало да направи таква жртва? Ако е за лекување за многу помалку од тие пари, ќе добиел врвен третман и врвна нега во најскапите клиники на светот. Или помислил дека син му е опседнат лично од Сотоната, а за тоа лекот го има само човекот од Трубарево? Во тој случај, склон сум да помислам дека не синот, туку дека таткото е опседнат со чинките на црната магија.

Ренесанса на примитивизмот

Гледате кон што води оваа моја експликација. Демек, жртвата е виновна, а не безобразниот измамник. Ете, тоа е таа точка на споредба меѓу косовскиот и овој случај. Нема тука виновници. Во принцип, и двата примера се само илустрација на едно длабоко примитивно, конзервативно и, првенствено, неуко општество. Непросветено, што би се рекло.

Како го заклучувам ова? Првенствено од фактот дека општествената елита (оние што поседуваат вакви средства за бајачи или за промена на родот на нероденото дете) е токму таква – недоволно писмена, без здраворазумски или каков било логички резон и, секако, како таква подложна на сите типови манипулација. Особено на општествена манипулација.

Не мора да бидам многу циничен, па да помислам дека можеби синот е неженет, односно стар ерген. Па, што ќе помислат соседите, заедницата, роднините… Особено што ќе помислат по официјализирањето на државната политика за безмалку задолжително склопување бракови, бидејќи, ќе го цитирам тука премиерот Христијан Мицкоски, тоа е до „срцето и главата, до желбата и умот.“

Или можеби синот покажува хомосексуални склоности. Па, таткото сфаќа дека неговиот потомок не може да се вклопи во наметнатата дефиниција за семејство на премиерот, која буквално гласи: „јас, мама, тато, дада и бато.“ Па, нема да може да учествува во гордоста на оваа влада и уште повеќе на партијата на власт, таканаречените „семејни паради“, што и да значи ова.

Не знам, велам, за што се работи, ама лесно ми е да замислам и вакви ситуации. Има некој во Трубарево што може да го обликува синот по овдешните општествени норми и стандарди. И одеднаш да му се поправат „срцето, главата, желбата и умот.“ Па, за такви резултати и половина милион евра не се многу!

Можеби не е тоа случај со овој пример, ама убеден сум дека има и такви примери. Само не знам од каде му идеја на премиерот, да не кажам право, да го уредува мојот семеен и, уште полошо, сексуален живот. Спалната соба е неприкосновено човеково право. Та, и најдобрите пријатели кога ќе ви дојдат на гости, не ги носите да ја гледаат вашата спална соба. Зошто тогаш тоа би било грижа на македонската влада.

Уште во гимназиските денови, значи таму негде во средината на 70-тите години на минатиот век, една моја професорка објаснуваше дека бракот е надмината социјална и општествена категорија. Категорија во изумирање. Жената со децении живееше невенчано со својот партнер. Се сеќавам рече дека склопувањето брак е адвокатски договор со двајца сведоци, чија намена е првенствено заштита на жената, затоа што (во тоа време, а богами и сега), жената е во подредена позиција во однос на мажот. Првенствено економски, односно егзистенцијално. Таа, мојата професорка, велеше дека ако ѝ пукне филмот од човекот до неа, едноставно ќе си замине. И обратно. Сигурно нема да го делат плакарот на половина. Инаку, имаа две деца. Повозрасни од мене. И никогаш не се разделија.

Кога, како млад, се вработував во „Нова Македонија“, добив потврда од некоја институција (општина, месна заедница или од тогашниот Завод за вработување, не се сеќавам сега) дека сум „едночлено семејство, кое живее со родителите во родителскиот стан“. И, знаете што, тоа имаше смисла. И едночлено семејство е општествена клетка, нешто што може да се грижи за себе и да ги исплаќа давачките на државата.

И, на крајот, но, сепак, многу важно: што правиме со „дада и бато“ што немаат „мама и тато“ или само што имаат некого од нив? Што правиме со сирачињата, напуштените дечиња, посвоените… Ќе важи ли за нив „семејната парада“. Ќе биде ли Мицкоски горд и на нив?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија