Во едно не толку дамнешно време, во едно не толку далечно кралство, живееше еден крал. Кралот имаше свои советници, како и сите кралеви, со таа разлика што овие беа богати. Многу богати, побогати дури и од него.
Исклучок беше една млада советничка, која не беше богата, но беше учена, на разни училишта во белиот светот, а се беше вратила во своето кралство само затоа што многу го сакаше.
Но, иако и кралот и советниците беа богати, во кралството имаше многу сиромашни. Најмногу на целиот тогашен свет. Затоа кралот еден ден реши да ја искорени сиромаштијата. Ги свика своите советници и им кажа што наумил.
„Благородна ти е намерата, честити кралу“, му одговорија во еден глас богатите советници. „Навистина не е пријатно да се гледаат сите оние сиромашни кога мора да се излезе надвор од палатава. Ние ќе ти кажеме што треба да направиш. Ќе ги намалиш даноците. Така сиромашните ќе имаат помалку давачки и ќе станат богати“.
Младата советничка веднаш се спротивстави. „Ама кралу, со ова нема никако да им помогнеме на сиромашните. Тие и немаат даноци за плаќање, сиромашни се, немаат на што да плаќаат даноци. Со ова само ќе ги намалиме средствата на нашето кралство и ќе имаме помалку пари за народните кујни, за болниците, за училиштата. Така само ќе им наштетиме на сиромашните“.
Но, богатите советници гласно возвратија. „Млада советничке, се гледа дека си школувана во други кралства. Таму работите можеби функционираат така, аме не и тука. Тука ние знаеме како треба, цели животи живееме тука, цели богатства изградивме“.
И, ја надгласаа. Кралот ги послуша и ги намали даноците.
По некое време, кралот забележа дека работите не се подобруваат. Сиромашните немаа повеќе пари, туку напротив, имаа помалку, бидејќи кралството имаше помалку средства и издвојуваше помалку за нив. Кралот пак го свика советот.
„Честити кралу, треба да ни дадеш повеќе пари на нас, богатите, наместо да им даваш на сиромашните. Сиромашните не знаат како со парите, затоа се и сиромашни. Ние знаеме како. Ако ни дадеш повеќе нам, ние ќе им отвориме работни места, ќе им даваме плати и тие повеќе нема да бидат сиромашни“.
Младата советничка повторно се побуни. „Ама кралу, со ова повторно само ќе им наштетиме на сиромашните. Ние треба да земеме пари од богатите за да им дадеме на сиромашните, а не обратно“.
Но, богатите советници повторно ја надгласаа. „Млада советничке, се гледа дека немаш искуство од овие работи. Светот не е учебник, светот е многу покомплициран. Ние имаме искуство од пракса, знаеме како функционираат работите во реалноста, не случајно сме тука кај што сме“.
Ние ќе ти кажеме што треба да правиш, честити кралу. Ако сакаш да ја искорениш сиромаштијата, ќе ги намалиш даноците. Така сиромашните ќе имаат помалку давачки и ќе станат богати
И кралот повторно ги послуша, им зеде на сиромашните за да им даде повеќе пари на богатите.
Но, по некое време, кралот повторно забележа дека работите не се подобруваат. Богатите, наместо да отвораат работни места, си ги чуваа парите за себе. Сиромашните живееја уште полошо, почнаа дури и да умираат, па кралот повторно го свика советот.
„Благороден кралу, кралските служби не ти работат. Ни народните кујни, ни болниците, ни училиштата. Мрзеливи ти се службениците, затоа сиромашните умираат. Треба сите служби да ни ги довериш нам, ние да ги средиме“.
„Ама кралу“, повторно приговори младата советничка. „Со ова само ќе ги дотолчиме сиромашните. Ќе немаат ни каде да јадат, ни каде да се лекуваат, ни каде да се школуваат“.
„Ах, советничке, како нема да има каде да јадат и да се школуваат“, возвратија богатите советници. „Па, ние нема да ги затвориме службите, само ќе ги направиме уште подобри, какви што ние користиме. Сиромашните со такви кујни, училишта и болници веднаш ќе станат богати“.
И кралот повторно ги послуша и им ги довери сите кралски служби.
По некое време, речиси сите сиромашни изумреа од што немаа што да јадат и каде да се лекуваат, бидејќи за сè требаше да се плати. Кралот повторно го свика советот.
„Советници мои богати, што направивме? Сиромашните ни изумреа речиси сите, што да правиме сега?“
„Веќе нема потреба ништо да правиме, честити кралу. Го постигнавме тоа што ти го сакаше, во кралствово веќе нема сиромашни.“
„Ама советници мои, од што ќе живееме ние сега? Кој ќе работи за нас, кој ќе нè служи?“
„Никој нема потреба да нè служи, кралу. Си имаме обезбедено ние сè што ни треба за цел живот.“
„Ама што ќе правиме со нашите деца? Каде ќе живеат тие?“
„Нашите деца, кралу, секако се школуваат во други кралства. Ќе си останат таму да си живеат, нема ни да се враќаат тука“.
И си заминаа и тие кај своите деца во другите кралства, и си живееја таму среќни до крајот на животот.
А кралот остана сам во своето кралство, кое, навистина, повеќе немаше сиромаштија, но немаше ни поданици.
А младата советничка? Ма, таквите ликови само пречат во ваквите сказни.