Скопје, имаме проблем

Морам да признам дека некогаш, иако не многу често, навистина имам среќа. Не сум во државава и не сум во Скопје. И не го дишам она што во некои не толку далечни времиња ќе биде запишано како посебна категорија под терминот „скопски воздух.“

На годишен одмор сум на албанското крајбрежје на Јонско Море. Тука каде што сум, не горат ниту депонии, ниту фабрики. Нема магли, ни смогови. Небото е бистро, а воздухот е проѕирен и мириса на море. Здодевен живот, што би се рекло.

И тие не се од тука

Кога по медиумите и социјалните мрежи ги читам текстовите и ги гледам фотографиите и видеата од еколошката апокалипса што му се случува на мојот град, а богами и на мојата татковина, и кога ќе се сетам дека за два-три дена ќе се вратам во скопскиот пекол, ми оди да побарам политички азил тука во Албанија.

Имам сериозни докази дека власта сака да ме убие мене лично, заедно со сите мои сограѓани. И не го користи фамозниот „новичек“, тоа е отров наменет само за една таргетирана личност, туку користи многу посуптилни методи за масовно уништување. Плус ако ги додадам на моето барање за азил и јавните изјави на официјалните лица од типот: „Воздухот смрди, ама не е штетен“ или „Воздухот не е штетен, ама не излегувајте од дома без потреба“, нема држава што нема да ми одобри политички азил.

Да, мора да признам дека одбраната на власта, сведена на реченицата „Не сум од тука“ е напросто ингениозна. Тие не се од тука и не знаат ништо. Затоа знаат дека „злосторничкото здружение“ СДСМ-ДУИ е виновно за сѐ. Не се од тука ни нивните коалициски партнери, од кои повеќето беа на власт без прекин во последните две-три децении, без оглед која беше владејачката партија, а некои од нив буквално се отцепија токму од СДСМ, каде што нивните челни луѓе беа долгогодишни високи функционери.

Ги следам, значи, шпекулациите за подметнување на пожарите. Главната мантра е дека тоа се прави пред (локалните) избори, само за да ѝ се наштети на власта. Не знам, и се разбира нема да шпекулирам со тврдењето дека пожарите се резултат на „хибриден напад“ врз државата, ама знам дека тој хибриден напад во континуитет трае речиси цела година.

Од трагедијата во Кочани, преку бројните шумски пожари, фабриката „Винчини“ во Виница, па сѐ до Вардариште, Дрисла и тој монструозен погон за рециклирање електронски и електричен отпад во Трубарево – сите тие ли се подметнати пожари „во политички цели“ или „за да ѝ се наштети на власта“? Или има некои системски пропусти? Да не кажам дупки и кратери.

Македонските резиденти веќе навикнаа да живеат во тој ритам: зиме загаденост од греење, лете загаденост од пожари. Имам лоша вест за власта: лостовите на владеењето не се во рацете на СДСМ и ДУИ, туку кај нив. Нека ги применат веќе еднаш. И нека го решат ова прашање. За тоа примаат (прилично висока) плата.

Криење на проблемот

„Скопје, имаме проблем“ е првата реченица што ми падна на памет кога од оваа дистанца ги гледам работите што се случуваат во мојот град. Тоа, се разбира, е парафраза на иконичната реченица „Хјустон, имаме проблем“, што наводно ја изговорил астронаутот Џек Свајгерт, член на екипажот на Аполо 13, откога во нивното вселенско летало ненадејно експлодирал резервоар со кислород.

Оттогаш оваа реченица е врежана во глобалната општа и поп култура, како предупредување за некаква вонредно голема или непремостлива опасност. И секако е применлива и за случајот на Скопје, па и на Македонија.

Еве, да кажеме дека сите пожари се подметнати, еве и да се сложиме дека сите проблематични чинења или нечинења се само последица на „катастрофалното“ владеење на претходниците, сепак тука нешто сериозно чкрипи. Знае ли некој од власта, на пример министерот за екологија, колку точно диви депонии има во Републиката? Се проценува дека има над две илјади.

И оваа цифра е прилично релативна. Над две илјади може да значи и пет илјади. Никој не знае точно. Кој е виновен за дивите депонии, оние што најчесто се создаваат околу викенд-населбите или малите индустриски погони на градските и руралните периферии? Несовесните граѓани? Или јавните комунални претпријатија што ретко или никако не го собираат сметот од овие локации?

Вештачката интелигенција ми вели дека во Македонија постојат околу 54 комунални депонии. Акцентот го ставам на зборот „околу.“ Ниту таа не е сигурно колку точно ги има. Но, она што е фрапантно е дека од тие, еве да кажеме, 54 депонии, само Дрисла исполнува какви-такви еколошки стандарди. А сега гледаме дека и тие се прилично мали.

Знае ли некој колку погони, како оној во Трубарево, се сместени во некакви шупи? Постојат ли некакви системи во нив или во кои било други објекти за рано предупредување од пожари? (Искрено, имам чувство дека ако запалам цигара во хотелот каде што престојувам, за четири минути ќе се „нацртаат“ едно четири противпожарни коли.) Има ли систем, секој вработен во ваквите ризични погони да помине соодветна обука? Конечно, постои ли таму чуварска служба?

Велам, не знам дали пожарите се подметнати, ама едно знам: и да се подметнати, ако не сега, овие објекти ќе се запалеа кога-тогаш. Затоа, приказната со подметнати пожари ми личи на принципот „М.М.Е. кој прв почна“. Не велам дека не е важно кој почна прв, ама секако е помалку важно. Тој што почна прв нека се суди и нека си ја плати заслужената казна (во пари и робија). Мене ме интересира зошто и оваа власт „не е од тука.“ И зошто не презема ништо? Кризниот менаџмент за санирање на штетите не значи дека и натаму ќе нема штети. Вакви и поголеми.

Природна или вештачка интелигенција

Тоа што велам дека имам среќа што не сум во Скопје не значи и дека сум среќен. И не можам да бидам среќен кога гледам што се случува. Од друга страна, и прилично сум тажен. Особено кога гледам со што се занимава албанската јавност деновиве.

Тука не се водат јавни расправи за тоа кој подметнува или не подметнува пожари или за тоа кој прв почна, туку за експериментот на албанскиот премиер Еди Рама, кој реши во својот рекорден четврти мандат да именува виртуелен бот за министер задолжен за јавни набавки и така да ги сузбие корупцијата, непотизмот и судирот на интереси.

Вештачката интелигенција има и свој аватар, лик на девојка, облечена во стилизирана албанска носија и со име „Диела“ (албански дериват на нивниот збор за сонце, ние веројатно би рекле Сунчица).

Албанската јавност, со голем интерес го следи овој експеримент, а богами мислам дека и светската јавност покажува голема љубопитност за исходот од вакви решенија. Рама вели дека не е далеку денот кога целата влада ќе биде раководена од вештачката интелигенција.

Нешто размислувам дека тоа можеби не е лошо решение и за нас. Онаму каде што нема природна интелигенција, вештачката и тоа како врши работа. Инаку, како што сега стојат работите, сите шанси се проблемот во Скопје да се монументализира до катаклизмични граници.

И на крајот, само да кажам дека реченицата „Хјустон, имаме проблем“ не ја изговори астронаутот Џек Свајгерт, ниту, пак, командантот на екипaжот, Џим Ловел, како што е претставено во филмот на Рон Хауард од 1995 година (го глумеше Том Хенкс), ниту кој било друг. Вистинската приказна е дека, откога е решен проблемот со експлодираниот резервоар, Џек Свајгерт преку радиостаницата се обратил на базата: „Во ред, Хјустон, имавме проблем тука.“

Можеби и кај нас некогаш ќе дојде некој ден кога ќе можеме да кажеме дека „Скопје имаше проблем“, ама се плашам дека дотогаш Скопје ќе го нема.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија