Слепа држава

Некако симболично, токму во предвечерието на Илинден ми се укажа вистинската легитимација на Македонија. Нејзината лична карта. Прецизна до болка, фантастична во својот апсурд и несфатлива за поголемиот дел од човештвото.

Кога некој љубопитник од некои далечни и непознати краишта ќе ве замоли да му ја објасните Македонија, не мора да зборувате за нејзините природни убавини (Господ бил дарежлив и тука, и на други места), ниту за вкусно зачинетата храна или за добрите вина (го има и тоа на други места). Доволно е само да му го раскажете ова што подолу ќе го опишам. Тоа буквално го нема никаде во светот.

Човек би рекол дека тоа може секому да му се случи. Возел, ете, некој комбе по некаков локален пат. Пешаци се движеле крај банкините на патот, бидејќи, нели, кај нас е сосема нормално на таквите патишта да нема тротоари. И што, по ѓаволите, бараат пешаци на пат? Па, кај нас се знае, патиштата не се за луѓе, туку за автомобили. Од невнимание или небрежност, човекот закачил извесна госпоѓа со ретровизорот од комбето.

Не знам каква била видливоста, дали било ноќ или ден, тоа не се наведува во полициските извештаи што ги пренесуваат медиумите. Важно, жената незгодно паднала, ѝ се распукала лобницата, се скинале вратните пршлени и жената починала на самото место.

Слеп при очи

Ќе кажете трагично, ама ништо невообичаено, секој ден секаде се случуваат такви несреќи. Ама не се случува ова: човекот има лекарска „тапија“ дека е 99 проценти слеп! Врз основа на ова уверение се стекнал со инвалидска пензија и за надомест за домашна нега, што ќе рече дека се работи за човек што е веројатно во посериозни години (не успеав да ја разберам ниту неговата возраст).

Имам пријател што ја има истата проценка – 99 проценти слеп. Тоа изливање на крвта во едното око му се случи во, ајде така да кажеме, сериозни средни години. На другото око е слеп од детството. Се разбира дека не му паѓа на памет да седне на велосипед, а камоли во автомобил, или, уште полошо, во комбе.

Но, ајде, ниту тоа не е битно. Битно е дека баш неодамна го водев да предаде документи за надомест за домашна нега, односно за трето лице, како што тоа колоквијално се нарекува. Експресно го одбија. Не ја ни погледнаа медицинската документација.

Мислам дека се работи за некои пет или шест илјади денари, што на мојот пријател, односно за неговата скромна пензија би биле значаен додаток. За да ја објаснам целата слика, слепилото не е единствениот негов проблем. Има проблеми со бубрезите и со години оди трипати неделно на дијализа.

Масивна и масовна корупција

Но, да се вратиме ние на нашиот возач, затоа што неговата приказна не завршува тука. Полицајците што биле на увид на сообраќајната несреќа констатирале дека нема возачка дозвола, односно дека му била истечена, што, според нашите законски акти, се третира дека возел без дозвола. Тоа секако не е олеснителна околност, па човекот се снашол и дури траела истрагата отишол на шалтер – и сосема регуларно си ја продолжил дозволата!

Мислам дека не постои човек со минимум нормална логика, кој ќе разбере како е можно речиси на целосно слеп човек да му се продолжи возачката дозвола и како е можно човек со тежок инвалидитет на видот да се осмели да извршува некаква дополнителна дејност врзана со превоз. Зошто инаку би возел „ситроен џампер“, односно товарно комбе? Тоа го знам затоа што токму со такво комбе ми носат грозје од Кавадарци, во сезоната кога правам ракија.

Еве, да го разберам човекот. И нему му требаат дополнителни приходи и зошто да не искористи, ако веќе му се овозможува тоа? Зар вие не би искористиле таква поволност? Претпоставувам дека би, само што не можете, затоа што вам нема да ви дадат такво уверение, ако навистина не сте слепи и секако нема да ви дадат возачка дозвола. Значи, она што не го разбирам е како државата му дала вакви погодности на овој човек, а истите погодности не ги дава на сите нејзини граѓани со ваква дијагноза?

Една моја колешка во медиумот каде што работи констатира дека: „Или докторите лажно го направиле ‘99 проценти слеп’, или од МВР незаконски му ја продолжиле возачката на човек обвинет за сообраќајка со смртни последици“, додавајќи дека „трето нема.“ Не би се сложил со оваа констатација, односно со поставување на работите по принципот „или – или.“ Има и трето. Повеќе ми се чини дека се работи за „и – и.“ И лекарите лажно го направиле слеп, и МВР незаконски му ја издал дозволата.

Со други зборови, станува збор за масивна и масовна корупција. Иако немам никакви релевантни информации, од искуство знам дека друга опција не е можна. Но, да се разбереме, корупцијата не подразбира само мито. Таа (може да) се одвива и по принципот: „Да му учиниме на човекот“. Или: „Тој за нас толку работи направи, па ајде и ние да му завршиме работа“. Или: „Го знам човекот, добар е, има семејство, треба да го прехрани“ итн.

Држава-убиец

Зад или пред целата оваа наводна беневолентност и добродушност на државните органи стојат бројни убиства и тешко повредени луѓе. Кочани и односот кон трагедијата во овој град е само еден илустративен пример. Забележлив поради грандиозните димензии на трагедијата, но, сепак, недоволно забележлив за да нѐ освести. Додатната памет никому не му користи.

Нема сега ламентирањата врз жртвите да сменат што било од она што се случило. Но, зар е потребен толку голем напор да си ја работиме работата за која сме платени? Толку е потребно. Ништо повеќе.

И знам дека повторно ќе нема никаква, ниту морална, ниту политичка одговорност за фактот дека оваа држава буквално ги убива своите граѓани. Знам дека никој нема да се смета за виновен зошто нашите улици немаат тротоари, а и онаму каде што постојат, тие се претворени во паркинзи. Знам дека никој не е виновен за дупките, не само по локалните патишта, туку и по она што така великодушно го нарекуваме „автопатишта.“

Ова е само аспектот директно врзан за сообраќајот. Немам простор да ги набројувам сите аспекти на масовната корупција. Немаше, велам, ништо од ова да се случи вака како што се случува, ако образованието, здравството, полицијата, судството, медиумите, политиката… не ни беа корумпирани.

Затоа ако ве праша некој да му ја опишете Македонија, слободно кажете му го овој случај. Одеднаш сѐ и ништо нема да му биде јасно. Ако го прочитав овој случај во некој хорор-роман, сигурно ќе кажев: „Аууу, ова е претерано“. Но, за жал, животот во Македонија не пишува романи. Туку само трагедии.

И да не заборавам да го честитам Денот на Републиката – Илинден.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија