Добро е познато колку опозицијата е склона кон тешки конфабулации, особено такви од кои единствено таа излегува храбра, достоинствена, пожртвувана, посветена, спартански издржлива или аскетски истренирана… И, особено, дека ако таа не е на власт – наскоро ќе се случи потоп, кошмар, хаос од невидени димензии.
И сега, кога за првпат Денот на независноста се прослави без какво било рентирање на автобуси и „патриоти“ во платено движење кон Скопје, стигна опозициската оценка: „Дебакл на прославата на независноста – нема народ“.
Таа прикаска заврши. Нема веќе списоци за задолжително присуство, нема смс-пораки од разни комитети со закани „да си се нацртал на прослава или…“. Нема делење маици, сендвичи, знамиња, закупи на автобуси и распореди кој кога и од каде тргнува, и кој од каде се враќа… Нема такви симулакруми.
Но, опозицијата и нејзините медиумски мегафони, не само што не се срамат од таквата претходна практика, туку и ја потенцираат за да направат разлика: „колку народ славел кога биле на власт тие, колку – кога се овие“.
Притоа, разликата ја сведуваат на крајниот „ефект“ (масовноста), но не и на методолошките алатки за негово постигнување. Затоа, по синтагмата „нема народ“ веднаш ставаат точка. Во спротивно, ќе треба да си пукаат во нога и да кажат: „Драги наши членови, симпатизери и поддржувачи, присуството што го гледавте синоќа пред зградата на Владата е резултат на разликата меѓу она што значи СЛОБОДА и она што значи ПРИНУДА“.
Оние што се соочиле со принудата, се надевам дека еднаш ќе сфатат во што е разликата.
СЛОБОДА е кога човек сам решава каде и како ќе го помине празникот и празничниот викенд – дали со присуство на државно-организирана манифестација, или во своја режија – дома, на викенд, на баскет, во гледање филм со Хју Грант, во кафуле, на езеро, нива, планина… Слобода е кога на државна манифестација нема да бидеш цензуриран и слободно можеш да настапиш со музичка нумера која носи наслов „Немој да се курчиш“. „Слобода е кога ги забораваш името и презимето на тиранинот“ (Бродски). Слобода е кога не мораш да негуваш клише со звуци на „патриотската естрада“, со едни исти тажаленки за „црна, ропска Македонија“.
Кога нема рентиран „народ“, има нерентирани, слободни луѓе, индивидуалци, кои не се согласуваат да бидат третирани како маса
Особено, ако самиот си ѝ подарил на земјата една деценија заробеништво, додека лажно си ветувал слобода. Слобода е кога децата можат слободно да си трчкаат по тревникот пред Владата, бидејќи тој се сади и одржува со парите на нивните родители. Слобода е да дојдеш на централната прослава со сладолед или семки во рака, без опасност некој да ти тутне штапски подготвен транспарент или знаме. Слобода е да решиш да не го слушаш обраќањето на премиерот, туку само музичкиот дел. Или обратно. Слобода е кога секој има право на свој избор.
Треба ли да потсетам или сами ќе се сетат оние кои при една голема победничка прослава, со „ептен многу народ“, не успеаја да го „забележат“ мртвото тело на Мартин Нешкоски? Потоа од „хуманост“ го криеја настанот, па го штелуваа со лажни податоци, за на крајот резигнирано да заклучат дека „ни едно убиство не успеале да скријат“.
Тоа е тоа. И продолжува со исто темпо. Принуда е кога ќе те принудат да веруваш дека е нормално да бидеш нечовек и да не помогнеш на некој што паднал до тебе или пред тебе. Принуда е кога ќе те натераат да плукаш, а не да сакаш. Принуда е кога ќе те натераат да се сликаш со вождот за негови пропагандни цели, во момент кога е посоодветно да примиш инфузија, да мируваш, или конечно самиот да се чукнеш по глава, прашувајќи се како си можел да заглавиш меѓу такви принудувачи.
Духот на празна партиско-комерцијална мегаломанија (многу народ/габаритни згради/полни штабови) ќе мора да се врати во шишето
Принуда е кога ќе те бројат пред автобусот, како што ги бројат субвенционираните грла при контрола. Принуда е кога ќе ти кажат дека нема шетање лево-десно, дека има распоред на кој дел од славеничкиот плочник треба да стоиш со твојата група, а Н.Н. на 15 минути ќе проверува дали сте на купче. Принуда е кога на таков начин ќе те претворат во сценографија за пополнување на плоштадната шах-табла и ќе те сместат меѓу бронзени коњи и кралеви, за преку тебе да ѝ дадат некаква човечка димензија на мермерната празнотија пред која се слави празникот.
Во тоа е разликата. Кога нема рентиран „народ“, има нерентирани, слободни луѓе, индивидуалци, кои не се согласуваат да бидат третирани како маса.
Токму тие, чии организми не биле, и не се на таков начин сензибилизирани, тие кои сметаат дека чест на татковината ѝ се укажува преку професионалност, знаење, чесност, преку даночна лојалност, а не преку тетовиран патриотизам, тие успеваат да го сочуваат менталниот интегритет од какви било квази еталони за големината на една прослава.
Со разбивањето на таквите митови, сѐ помалку ќе има работа за „мерачите“ на славеничките дебакли или успеси, освен ако не инсистираат и натаму да креираат мејнстрим што ќе произведува масовно понижување на можноста за какво било изразување на индивидуалноста, односно за густирање на слободата од страна на нивните ПРИВРЗАНИци. Духот на таа празна партиско-комерцијална мегаломанија (многу народ/габаритни згради/полни штабови) ќе мора да се врати во шишето.