Слободен пад

Овој текст можам да го почнам вака: имам за вас две вести. Едната е лоша, другата е полоша.
Се шегувам, се разбира, не станува збор тука за никакви вести, туку за состојбата со слободата на печатот во Македонија (и во светот), состојба која традиционално, секој 3 мај (Меѓународен ден на слободата на печатот) ја констатираат „Репортерите без граници.“

Значи, лошата вест е дека Македонија на Индексот на слободата на печатот паднала за шест места (на 42. од минатогодишното 36. место во „конкуренција“ меѓу 180 земји). Полошата вест е дека сме паднати многу подолу, само што тоа се прикрива токму преку манипулативната методологија на нашите медиуми и на нашите политички фактори.

Имено, Индексот на степенот на слободата на медиумите на „Репортерите без граници“ не е трка на сто метри, па да се види која земја е подобра, а која полоша. Всушност, не е тоа никаков меѓудржавен натпревар, туку извештај за секоја земја посебно. Со други зборови, рангирањето на земјите на овој начин не претставува реална слика за слободата во одредените земји, туку каде се наоѓаат тие во однос на другите држави.

Критериуми

Констатацијата на „Репортерите без граници“ е дека степенот на слобода на медиумите е во пад речиси во целиот свет. Тоа се толкува со турбулентните политички (воени) состојби и прикриената цензура, односно силното политичко влијание во однос на известувањето од активните и потенцијалните воени жаришта, натаму поради распламтената пропагандна војна со дезинформации, како и со економската криза што се прекршува преку медиумите.

Во таа смисла, „Репортери без граници“ констатираат дека од 180 држави во светот, дури во 160, финансиската состојба на медиумите се постигнува „отежнато“ или „никако.“ Речиси во една третина од светот, медиумите се гасат токму поради финансиски тешкотии и притисоци.

Во таа смисла, 42-то место на Македонија не е резултат на реалните состојби, туку на падот на слободата на печатот и во другите земји. На пример, Србија годинава се наоѓа на 96-то место, што е напредок за две места во однос на лани, иако има пад по повеќето мерливи показатели токму во споредба со ланските мерења. Значи, овој „напредок“ не се должи на никакви подобрувања во медиумскиот простор, туку исклучиво на фактот дека во земјите што ја опкружуваат на листата, падот на слободата на печатот бил поголем отколку во Србија.

А каков е тој пад? За првпат годинава, просечниот резултат на сите земји е под 55 поени, што се оценува како глобално „тешка состојба.“ Дури 112 земји забележале пад во вкупниот индекс. Состојбите се оценети како лоши, дури во половината од државите, додека како задоволителни се оценети во помалку од една четвртина од земјите (Македонија со 42-та позиција е последната на листата со „задоволувачка“ состојби).

Според методологијата на „Репортери без граници“, секоја земја може да добие максимално сто поени (од вкупно пет индикатори што се оценуваат). Класификацијата се прави според бројот на освоени бодови: од нула до 40 поени, состојбата се оценува како многу тешка; од 40 до 55 поени како тешка; од 55 до 70 како проблематична; од 70 до 85 бодови како задоволувачка, а сите земји што имаат повеќе бодови се класифицирани во добри.

Македонија има 70,44 поени, што ја става на границата меѓу „задоволувачки“ и „проблематични“ држави. Минатата година сме имале 73,78 поени. Ако е за утеха, САД се на 57-то место со 65,49 бодови, колку што има и Гамбија (58. место).

Но, затоа Тринидат и Тобаго е на 19-то место со 79,71 поени.

Најлошо пласирана држава на Балканот е Косово (99. место), па Србија (96). Најлошо пласирана земја, членка на ЕУ е Грција (89. место со 55,37 бодови). Другите членки од ЕУ што се оценети како проблематични се: Италија, Романија, Бугарија и Хрватска. Од земјите во Западен Балкан, најдобро е пласирана Црна Гора, на 37-то место што е скок од три места во споредба со лани. Но, без оглед на овој „напредок“, Црна Гора лани имала 73,21 поени, а годинава има 72,83 бодови.

Веќе традиционално, првото место е резервирано за Норвешка (92,31). Втора е Естонија (89,46). На дното на листата се Кина (178. место, 14,8 бодови), Северна Кореја (179. место), а последна е Еритреја со 11,32 поени. Парламентот во Еритреја, последен пат се состанал во 2001 година. Четворица новинари, уапсени пред повеќе од 20 години, уште се држат во притвор без подигнато обвинение. Меѓу нив е и шведскиот државјанин Давит Исак.

Македонскиот пад

Македонија има најголем пад во таканаречениот политички индикатор, од 66,98 дури на 57,91. Со овој индикатор се мери степенот на поддршката на независноста и автономијата не медиумите наспроти државните и политичките притисоци; натаму нивото на прифаќање различни ставови, искажани според новинарските професионални стандарди, како и степенот на поддршка на медиумите од страна на владата и политичките фактори во зачувувањето на јавниот интерес.

Во социјалниот индикатор (напади на новинари по основ на род, националност, класа и религија; затворање извори на информирање; притисок на новинарите да не објавуваат одредени теми затоа што тоа „штети на интересите на земјата“) бележиме пад од 4,19 поени. Имаме пад од 3,66 поени и во економскиот показател (економски ограничувања поврзани со владините политики, фаворизирање во распределбата на државните субвенции, корупцијата; економски ограничувања поврзани со рекламни и комерцијални партнери; економските ограничувања поврзани со сопствениците на медиумите што сакаат да ги промовираат или бранат своите деловни интереси).

Само во индикаторите за правната регулатива и безбедноста на новинарите сме ги задржале истите поени како лани.

Би рекле дека не можеме да бидеме незадоволни од проценката дека слободата на печатот се наоѓа во „задоволителна“ состојба. Тоа не е лоша проценка, но само ако не се земе предвид околноста дека не се гледаат назнаки за нејзино подобрување. Напротив, се чини дека македонското новинарство е во позиција на слободен пад.

Македонскиот журнализам, според моите проценки, е нападнат од три магистрални правци. Првиот е таканаречената сопственичка структура, односно трендот на медиумите повеќе да не информираат, туку да „произведуваат содржини“, „инфотеинмент“, што би рекол Виктор Иванчиќ. Во таква атмосфера на создавање „шерови“ и „лајкови“, вистинската, објективна и целосна информација е буквално непожелна. Таа може да го преврти бродот на кој удобно се сместени политичарите, олигарсите и – сопствениците на медиуми.

Втората насока на напад е финансиската (не)зависност. Имено, малиот пазар отвора можности да се создадат новинарски монополи и своевидни конгломерати што ќе промовираат само една „вистина.“ Концентрирањето на капиталот во релативно мал број олигарси, чии интереси се врзани за политичките, доведува до склоноста медиумите да го продадат јавниот интерес во замена за гола егзистенција. Со секнувањето на американските пари, што, вака или онака, обезбедуваа некаква независност, овој проблем ќе биде или веќе е уште поистакнат.

И третиот напад се – дезинформациите. А дезинформациите најчесто се најмоќното пропагандно средство. Медиумите, во целиот овој контекст се фрагилни и лесно стануваат пропагандни средства. Држава со изразито ниско ниво на медиумска писменост е плодно тло токму за ширење разно-разни теории на заговор, лажни вести и – пропаганда!

Секој посебно од овие три системски проблеми заслужува своја посебна анализа и експликација, а би рекол плус и повеќе поданализи. Но, како што гледам, не постои некоја особена општествена волја овие состојби да се средат. Македонија, се чини, ќе остане и натаму во слободен пад, барем што се однесува до слободата на медиумите. Со други зборови, и демократијата ќе остане во слободен пад, затоа што без слобода на печатот нема ни вистинска демократија. Ете, тоа, всушност, е најлошата вест. Пардон, состојба.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија