Сметам на вас! Мерси боку!

Кога токму во Брисел ќе почнат да се игнорираат европските постигнувања на земјите аспиранти за членство во ЕУ, проблемот е многу поголем од наводните предлози за реформи во политиката на проширувањето. Во право е министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кога вели дека најмалку што Европската Унија му должи на регионот – е да биде директна.

Ако повеќе не постои консензус за европската иднина за Западен Балкан, тоа мора отворено да ни биде кажано, а не ставот на Франција да служи како „покритие“ и за други земји чија позиција е – „само ако се сите ‘за’, тогаш и ние би дале зелено светло со одредени услови“.

Почесно ќе беше на Северна Македонија и Албанија отворено да им биде кажано дека на подолг рок нема ништо од одлука за пристапни преговори, и да се тргне настрана приказната за новата методологија што ја предлага Франција, во превод – „менување на правилата во текот на натпреварот“, како што оцени Пленковиќ.

За таа методологија објективно нема време ниту да биде донесена, а камоли да профункционира до новото навраќање на прашањето во мај 2020 година, како што денес „раскошно“ заклучиле во само една реченица од заклучоците.

Можеби јавно треба да ги замолиме пријателите од ЕУ да не купуваат ново време и да не се навраќаат на тоа прашање. Имаа можност тоа да го сторат сега, бидејќи добро знаат што сѐ е направено во последниов период. Знае и Макрон. „Сметам на вас“, лично порача тој во видео пораката што ја упати до македонските граѓани во пресрет на референдумот.

Почесно ќе беше на Северна Македонија и Албанија отворено да им биде кажано дека на подолг рок нема ништо од одлука за пристапни преговори, и да се тргне настрана приказната за новата методологија

„Во последните години беа направени многу нешта, но на 17 јуни 2018 година се направи голем исчекор (…) Бидејќи верувам во нашиот континент, во силата на Европа во моќта на колективната мудрост и во заемната соработка, би сакал да се обврзам и да Ви кажам во што верувам. (…) До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но, на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно! Сметам дека истиот има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е и суштината на амбициите за Вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следат. Сметам на вас“, порача Макрон пред една година.

И во првата година што уследи по тој силен и храбар македонски исчекор,  што е одговорот? „Не“. Не за надежите на нашата младина во прокламираната „сила на Европа, во моќта на колективната мудрост и во заемната соработка“. Мерси боку! Кои се причините, затскриени зад наводната нова методологија? Страв од азиланти? Или општ перформанс наменет  исклучиво за француската јавност?  

Па има ли подобар начин да се намали бројот на азиланти во ЕУ од Албанија или генерално од земјите на Западен Балкан, од тоа да се валоризира напредокот на тие земји и да им се отвори вратата за преговори. Што ќе ги задржи луѓето во нивните земји, ако не извесноста на еу-перспективата?

Наспроти ова, изјавата на Макрон откри тлеење на ксенофобија, но и на каење заради воведената визна либерализација. Поразително е кога тоа доаѓа од земја која израсна врз слоганот којшто го одбележа раѓањето на модерната политичка ера – Libertéégalitéfraternité, и од земја која е еден од клучните стожери на Унијата, чие мото е „Обединети во различноста“.

Дали ставот на Макрон е во цврста коалиција со овие вредности или тие се заменети со еден надмен однос, по кој треба да бидеме среќни што воопшто имаме визна либерализација во „мобилната“ ЕУ?

Не е ова ниту разочарување, ниту изненаденост. Тоа е ново соочување со реалноста која ќе ја преживееме достоинствено, исто како што ја преживеавме изјавата на еден друг Французин, Пјер Мороа, дека „секое племе не заслужува да има своја држава“. Франција има право да си ги штити своите национални интереси, ние своите.

И зошто да бидеме разочарани од Макрон и од неговите заткулисни поддржувачи, ако стигнуваат релевантни информации колку напори вложила и домашната опозиција во повеќе европски центри за да ја дискредитира актуелната власт, божем „лобирајќи“ за позитивна одлука. Срамно и тажно.

А претседателот Пендаровски повикува на обединување на сите партии околу врвните државни приоритети. Убаво, но дали сите партии имаат иста цел, или некои си мислат само на партиските приоритети?

Не е ова ниту разочарување, ниту изненаденост. Тоа е ново соочување со реалноста која ќе ја преживееме достоинствено, исто како што ја преживеавме изјавата на еден друг Французин, Пјер Мороа, дека „секое племе не заслужува да има своја држава“

Да, имаме проблеми, имаме незавршени реформски процеси, но кажете ми една земја, не од Западен Балкан, туку од ЕУ, во која сите проблеми се решени. Реформите се тековен процес, едни завршуваат други почнуваат, подобрувањето на перформансите на системот е континуиран процес. Особено ако по кандидатскиот статус (2005 година) цела една деценија поминала во стагнација, или уште полошо – во назадување.

Со тоа што ЕУ сега пропушти да ги валоризира клучните македонски достигнувања, ја губи и можноста на конкретни примери да направи разлика со деценискиот популизам, национализам и демагогија, кои земјите во регионот предолго ги држеа изолирани од европската перспектива.

Иако сега не изгледа така, отстуството на одлука за преговори не е пукање во нога на Северна Македонија или на Албанија, туку директно во ногата на ЕУ, на долгорочен план.

Ако се убива елементарна мотивација за нови исчекори на земјите аспиранти, ако старата Европа рефлектира слика дека си е доволна сама за себе и тоа во време на Брегзит и на други идеи за заминување од ЕУ, нејзината (до)сегашна апсорпциска моќ брзо може да се сведе на антоипод на сето тоа.

ЕУ треба да биде загрижена за тоа многу повеќе од Северна Македонија и Албанија. 

По ваквите (не)прилики, нашата земја сега има еден избор – да продолжи да ги гради и надградува своите демократски и развојни перформанси, без разлика дали тоа ќе биде валоризирано од Брисел. Битно е да биде валоризирано од домашната јавност. Политичарите се менливи и минливи. Државава надживеала многу скептици во нејзината иднина, ќе ги надживее и сегашните.