Сол на отворена рана

Турли тава. Засега вaка може да се опише ситуацијата од која зависи македонскиот датум со преговори со ЕУ. Од една страна, домашните очекувања да се крене рампата на ЕУ легитимно се должат, пред сѐ, на договорите со кои земјава затвори спорови со два соседа, од кои „Преспа“ ја дава клучната тежина на резултатската вага.

Од друга страна, без оглед на поединечните извештаи на ЕК за напредокот на земјите-аспиранти, ЕУ ја анализира состојбата од малку поширок агол, кој во моментов – апсурдно, но вистинито, нас нѐ прави колатерална жртва на тие околности, иако сме прогласени токму за „модел“ за нивно решавање.

Да не заборавиме, ЕУ лани ја охрабруваше земјава да го затвори спорот со Грција, меѓу другото, и за да избегне да биде тангирана и натоварена со „бранови“ од евентуална разврска на спорот Белград – Приштина.

Денес, зовриената состојба во Албанија, дополнително вжештена по „бомбата“ објавена во „Билд“, која го дискредитира врвот на извршната власт, а случајно или не објавена во овој сензитивен „ЕУ-момент на вистината“, нам ни изгледа дека ќе ја олесни одлуката за издвојување на РСМ од пакетот со Албанија по прашањето за датум. Дали?

Изјавите од Берлин, на пример, навестуваат дека останувањето на Албанија надвор од пакетот, отвора грижи и прашања во клучните европски метрополи – дали во таков случај разочарувањето би можело да биде супституирано со други потези, со кои работите би можеле да добијат поинаков тек? Се мисли, пред сѐ, на повиците за обединување на Косово и Албанија, кои, без оглед колку се далеку од реалноста, секако би можеле да поттикнат мобилизација на разни радикални идеи со домино-ефект.

Во таа неспокојна визура се вклопуваат и други проблематични камчиња на мозаикот – неодамнешната акција на косовската полиција на северот од земјата, подигнувањето на српската борбена готовност, разменетите пораки во шише, сѐ до политичката порака на Дачиќ испишана врз американска банкнота. Патем, Србија е во тежок застој во преговорите во ЕУ и неизвесно е дали ќе отвори нови поглавја.

Сето тоа во време кога се замрсува српско-косовскиот јазол, а во пресрет на новиот самит за тоа прашање, кој на први јули би требало да се одржи во Париз под патронат на Франција и Германија. Дотогаш се очекува уште многу води и пораки да протечат – почнувајќи од актуелната конференција на ГлобСек во Братислава, на која ќе се расправа и за иднината на дијалогот Белград – Приштина.

Сето тоа мешање на картите на Балканот, ги прави многу претпазливи Париз и Берлин, а нивното одложување на одлуката за РСМ се доживува кај нас како сол на отворена жива рана. И со право

Српскиот претседател Вучиќ има очекувања од средбите со в.д. помошникот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, и со сенаторот Рон Џонсон, но уште поголеми очекувања има од седницата на Советот за безбедност за Kосово, каде што се надева на голема руска поддршка.

Сето тоа мешање на картите на Балканот ги прави многу претпазливи Париз и Берлин, а нивното одложување на одлуката за РСМ се доживува кај нас како сол на отворена жива рана. И со право. РСМ, која беше европската ѕвезда на прогресот и стабилноста, е последната која во неизвесност треба да ја чека можноста да ги почне преговорите со ЕУ.

Но, дека Берлин не брза, туку авансира во дополнително време за смирување на состојбите во Албанија, и за расчистување на маглите на релација Белград-Приштина, индицираат тврдења на германски медиуми дека канцеларката Меркел јасно ставила до знаење дека одлука за датумот за преговори на Северна Македонија за приклучување во ЕУ е можно да се донесе „најрано во октомври“.

Ако се има предвид дека земјава доби кандидатски статус во 2005 година, по 14 години застој, би рекле дека плус три месеци чекање не менуваат ништо драматично. На хартија да, но дали и во практика?

Кој би можел да предвиди со сигурност дали ваквото европско тактизирање ќе придонесе за смирување на духовите во регионот, доколку македонската приказна биде казнета со неизвесност?

Тоа нема да ги охрабри мирољубивите, туку може да им даде време и крила на разнесувачите на разни географски карти со предзнак „голема“. Ако во Србија сѐ почесто се врти слоганот „Ако Косово не е Србија, тогаш ни Република Српска не е БиХ“, тоа остава впечаток дека Република Српска би била очекуваната репарација за Белград во случај на „разграничување“ со Косово, идеја која ги вклучува алармите во целиот регион.      

А токму оваа мешаница директно се одразува на очекувањата на РСМ и ветувањата на ЕУ. На крајот, не е најважно дали одлуката ќе биде летово или во октомври, туку да биде одраз на реалните заслуги на РСМ.

ЕУ нема да го изгуби кредибилитетот само ако под склоп на споменатите околности ја остави земјава без датум за преговори, или ако ѝ го даде затоа што „мора“, бидејќи е неодбранлива секоја спротивна позиција. ЕУ ќе ја изгуби легитимациската карта на агенс и поддржувач на мирот и стабилноста.

За неа ќе биде крајно поразително ако годината кога двајца премиери се номинирани за Нобелова награда за мир, ја дочека со „запечатување“ на сликата за тензичен Балкан, а не со истакнување и валоризирање на примерот кој ја руши таа слика и поттикнува мирно решавање на споровите.

Ако РСМ најде компромис со Бугарија и со Грција, ништо помалку не се очекува од големите европски демократии. И самата ЕУ не би требало да се согласи со ништо помалку од тоа. Не заради нас, заради себе и идејата врз која е изградена

ЕУ ќе се дискредитира ако напорите на Заев и Ципрас за стабилноста на регионот ги жртвува пред олтарот на генерализираните европски сомнежи за традиционалните лоши ученици од Балканот, и ќе ги деморализира сите што на мирен начин сакаат да ги решат проблемите.

Не се сите исти. Мора да се направи разлика и да се чека домино-ефект од позитивните, а не од негативните примери.

Според „Политико“, Париз порачал дека одлуката за преговорите со РСМ ќе се постигне на „француско-германски начин“ и дека двете водечки земји во ЕУ ќе се обидат да најдат компромис за тоа прашање во рамки на пошироки дискусии за ЕУ. Би било добро да најдат.

Ако РСМ најде компромис со Бугарија и Грција, ништо помалку не се очекува од големите европски демократии. И самата ЕУ не би требало да се согласи со ништо помалку од тоа. Не заради нас, заради себе и идејата врз која е изградена.