Доцна ноќ во престолнината. Автомобили по улиците трубат на своите сирени. Од отворените прозорци се веат различни знамиња, најмногу државни. Луѓето шетаат и пеат. Повеќето се прегрнати. Многумина со скокање меѓу барокните објекти ја изразуваат својата радост. Никому не му пречи ниту снегот, ниту студот. И во другите градови е слично. Случајниот свидетел на оваа слика помислува: „Ќе ја биде оваа мала јужноевропска држава“.
Да, почитуван читателу, во право си, ова е сликата од Љубљана, каде што Словенците го прославија третото место и нивниот прв медал од светските ракометни првенства. И додека Словенија го славеше својот најголем ракометен успех, Македонија беше будна и трепереше очекувајќи го својот најголем успех – формирање влада! И – не го дочека. Дочека уште една несолена шега со нејзините нерви, нејзиниот устав и, што е најлошо, со нејзината иднина.
И го продолжи парадоксот на сопственото политичко битисување.
Наводно најзрелата партија од албанскиот политички блок излезе на својот прв важен испит на зрелоста. И – падна!
Изборите од 11 декември, кои беа најавувани како нов почеток, разврска на кризата и како уште не, од една страна беа токму тоа – крај за еден лагоден и корумпиран начин на владеење (ВМРО-ДПМНЕ за првпат од 2006 година не може да состави влада), но и продолжување на агонијата од она што следи, бидејќи во оваа ситуација не се исклучени ниту институционалните, ниту вонинституционалните решенија.
Демократската унија за интеграција е следниот парадокс во овдешниот политички трилер. Токму во моментот кога е таа најслаба во својата парламентарна историја, излегува дека е најважен (и единствен) фактор во формирањето на новата влада. Наводно најзрелата партија од албанскиот политички блок излезе на својот прв важен испит на зрелоста. И – падна!
Изјавата на Бујар Османи, според која, и повеќе од еден месец по изборите, ДУИ не може да се реши дали ќе оди во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ, дали ќе бара влада на широка коалиција, дали ќе оди во опозиција или на нови избори, е, најблаго речено, несериозна, неодговорна и непресметана. Па, за кој ѓавол, воопшто излегувавте на избори ако не знаете што ќе правите со резултатите од изборите?
Посебно место во оваа драмолетка, се разбира, има ВМРО-ДПМНЕ, најмоќната партија во таканаречениот македонски блок, која во моментов изгледа токму толку прагматично колку гуска во магла. Веднаш побараа нови избори! Демек, ако нивниот лидер не може да состави влада, тогаш никој не може! А нивниот лидер, ете, не може.
На страна досегашното самобилдање, токму во насока дека нови избори се непотребни, и папагалското повторување на наводниот принцип: победник коалицира со победник (меѓу македонскиот и албанскиот политички блок, што, инаку, де факто е федерализација на земјата) сега ги доведува до вистински политички очај. И, ајде, да не ја спомнуваме тука и целата антиалбанска реторика од предизборната кампања, која, во зависност од намерата колку долго сака ДУИ да ги влече за нос ветувајќи им влада, може да се обнови уште утре или да не се обнови воопшто.
Во секој случај, ако може да се размислува рационално во вакви нерационални ситуации, се чини дека бракот помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ е раскинат за подолг период, бидејќи ако сакаше и имаше потреба ДУИ да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе го стореше сега, кога картите беа ставени на маса, и, ете, ќе го испочитуваше нивниот заеднички став „победник-победник“. Но, не го направи тоа. И не гледаме причина зошто дополнително повторно би влегла во игра оваа опција.
Која е конфузијата во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери најдобро покажува токму барањето за нови избори. Имено, тие практично и формално не се можни. Нови избори се распишуваат единствено ако Собранието се самораспушти. За да се самораспушти Собранието, треба да се свика седница. Еве, седница ќе се свика, но нови избори распишува исклучиво претседателот на Собранието. Претседателот на Собранието не е избран. За да се избере, потребен е 61 глас.
Постои уште едно, повеќе практично, отколку формално прашање, но во моментов најбитно: која влада ќе ги спроведе новите избори?
Ако се направи коалиција која ќе обезбеди мнозинство за избор на претседател на парламентот, не гледаме причина зошто таа коалиција не би направила и влада. Погрешно е да се мисли дека улогата на првиот спикер во овој случај би била само формална, бидејќи постои уште едно, повеќе практично, отколку формално прашање, но во моментов најбитно: која влада ќе ги спроведе новите избори?
Не може да се врати претходниот формат на техничка влада, затоа што сега односите меѓу политичките партии се драстично променети и апетитите се поголеми. Конечно, променети се односите и во албанскиот блок, па и таму може да дојде до соодветни турбуленции. Без оглед на ова, таа техничка влада треба да ја изгласа Собранието. А, како што сега стојат работите, тоа не е во можност да го направи овој чекор.
Но, да замислиме, онака хипотетички, дека ќе биде постигнат договор за сите овие прашања и дека ќе одиме на нови избори. Што ќе променат тие? Во услови на непостоење на политичка влада, многу е тешко да се каже дека нешто се променило во државата што драстично ќе ги смени резултатите од 11 декември. Ниту една партија, имено, не доби можност да направи некој потег што би го променил расположението на гласачите. Со други зборови, ќе добиеме помалку или повеќе слични резултати и повторно ќе влеземе во ќор-сокак. И потоа пак ќе правиме избори и пак ќе влеземе во ќор-сокак. И така во недоглед.
Значи, на потег е претседателот Ѓорге Иванов. И тоа е таа агонија спомната некаде на почетокот на текстот. Имено, нашиот претседател дејствува сосема непредвидливо, надвор од формалното и обичајното право, така што тешко е да се предвиди што би можел да направи во моментов. Она што му останува е да се придржува до опциите на ДУИ, односно да го понуди мандатот на СДСМ или барем на оној што ќе обезбеди 61 потпис. Ако тоа не е можно, да помине на неговите уставни овластувања и да се консултира со парламентарните партии околу можните решенија – влада на широка коалиција или експертска влада (по теркот на владата на Кљусев), која би ги обезбедила сите претпоставки за расчистување со организираниот криминал и организирање нови избори.
Но, со Иванов никогаш не се знае…
Или, што би рекле, животот е она што поминува додека Македонија составува влада. А Словенија слави…