Геноцидот не е злосторство од омраза. Не се работи тука за афект, за гнев или за некои други силни емоции што доведуваат до „стеснување на свеста“ и „поматување“ на разумот. Впрочем, кривичното право, колку што знам, го распознава овој тип злосторства. Геноцидот е многу повеќе од тоа. Судот на Босна и Херцеговина, во една своја пресуда своевремено констатираше дека „…за извршување на геноцидот е потребен висок степен индиферентност кон одреден дел од човештвото.“
Злосторничка индиферентност
Ако се согласиме со овој аспект на геноцидот, а не гледам причина зошто не би го направиле тоа, тогаш како можеме да ја толкуваме одлуката на Собранието на Република Северна Македонија да не ја стави на гласање резолуцијата со која се бара Израел да овозможи пристап на храна и медицински средства во појасот Газа? Јас не гледам друг одговор на ова прашање, освен како индиферентност кон одреден дел од човештвото. Или ако сакате, како соучество во геноцидот, тоа најголемо злосторство против човештвото.
Поразителен е фактот дека најголемиот дел од народните претставници биле против или, ајде да кажеме, индиферентни кон ова прашање (од 93 пратеници присутни во салата, само 16 гласале за ставање на резолуцијата на дневен ред), што во превод значи дека со оваа одлука, всушност, на целиот македонски народ, а не само на политичките елити, може да му се залепи своевидна етикета на соучество во геноцид.
Некој важен ќе праша: „Каде бевте тогаш? На чија страна?“ Ќе се браниме ли како нацистите по Втората светска војна, дека не знаевме што се случува?
Дали и ние обичните граѓани сме соучесници во геноцидот во Газа? Одговорот е дефинитивно потврден. Зошто? Затоа што со ништо не покажавме дека индиферентноста на нашите претставници во највисокиот законодавен дом не ја изразува нашата волја. Не покренавме никакви акции, петиции, референдуми за да покажеме дека не се согласуваме со оваа одлука. Не ги ставивме пратениците што не гласаа за резолуцијата на столбот на срамот. Затоа што останавме индиферентни. Незаинтересирани за огромното страдање на еден народ.
Јас знам дека сега некој ќе каже дека Газа е далеку, дека Македонија е мала и нејзиниот глас не се слуша, дека во оваа смисла каква било наша резолуција по ова прашање е сосема небитна. Па, ќе кажат дека не сакаме да одиме против волјата на САД, нашиот стратешки партнер, односно геополитичките околности се такви што секакво „отскокнување“ може скапо да нѐ чини. И дека е најдобро да нѐ се мешаме онаму каде што „слоновите си играат.“
Да, сето тоа е отприлика така, ама… Во тој случај не треба да се буниме кога бегалците ќе „навалат“ во земјата и кога ќе сфатиме дека воените жаришта не се на некоја друга планета од некоја далечна галаксија, туку се дел од нашата „глобална“ паланка.
И знам дека во некој момент, целото човештво ќе разбере и ќе го осуди ова страотно злосторство, дека некогаш ќе се појави некој израелски премиер и ќе клекне пред некој споменик барајќи прошка, како што тоа го направи Вили Брант своевремено. Знам дека Израел, покрај сета сегашна поддршка како држава, ќе биде ставен на столбот на срамот. И некаде, можеби онака попатно, ќе се спомне и Македонија.
Некој важен ќе праша: „Каде бевте тогаш? На чија страна?“ Ќе се браниме ли како нацистите по Втората светска војна, дека не знаевме што се случува? Или ќе кажеме дека нѐ заслепел сјајот од нашиот „неиндиферентен“ обид да пенетрираме што подлабоко во „периметарот на Трамп“.
Газа е нашата Хирошима
Како ќе го образложиме тоа дека сме една од ретките европски држави што нема, ама баш никакви односи со Палестина. Да се потсетиме: Палестина е признаена од над 140 земји во светот, односно околу 70 проценти од членките на Обединетите нации. Токму во времето на неизгласувањето на резолуцијата, францускиот претседател Емануел Макрон објави дека ќе ја признае палестинската држава. И така ќе стане првата земја, постојана членка на Советот за безбедност при ОН што ја признава палестинската државност.
Без оглед колку и како американскиот претседател го понижува неговиот француски колега (кој е изгледа отпорен на центрифугалната сила на Трамповиот периметар), ако ништо друго, одлуката на Макрон повторно ја разгоре дебатата околу решението со две држави, односно со воспоставување на палестинската држава. Прашање кон кое сме ние, погодувате, индиферентни.
Попуштањето на блокадата е направено по огромен притисок на бројни хуманитарни организации и многу држави во светот. Македонија не е една меѓу нив
Колку и да сакам, навистина не можам да ја сфатам политиката на Израел во оваа војна. Колку и да се обидам да ги разберам мотивите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за спасување на власта, конечно и за спасување на неговата кожа, историскиот детерминизам вели дека оваа војна и оваа политика се најпогубни токму за Израел.
Палестинскиот народ ќе преживее. Како што преживеа и еврејскиот народ во Втората светска војна. И во еден момент ќе се воспостави таа држава. И тоа од генерациите во чие колективно сеќавање длабоко ќе бидат врежани токму злосторствата и геноцидот од оваа војна. И Израел ќе добие во своето опкружување уште еден смртен непријател. Значи, колку повеќе се одложува ова прашање, толку ќе биде пострашна иднината за Израел.
Навистина, што е поентата на геноцидот, првенствено врз цивилите? Постоеше една стратегија на нацистичка Германија во Втората светска војна, која отприлика би можела да се сумира во реченицата: Ако не можеш да ги уништиш стратешките постројувања, тогаш ќе го уништиш населението околу нив. Или ако не можеш да го уништиш отпорот, тогаш ќе ги уништиш цивилите. Логиката е демек да се уништи изворот на потенцијалната работна сила или на потенцијалните бунтовници. Ако нема работна сила, нема кој да работи. Ако нема цивили, ќе нема и отпор.
За волја на вистината, и сојузните ја применуваа оваа тактика. Бомбардирањата на Франкфурт и Дрезден се драстични примери за сериозни воени злосторства. Најголемите се секако уништувањата на Хирошима и Нагасаки. Не ги споменувам овие два града бадијала. Хирошима беше симбол на грижата на совест, не само на САД, туку на целото човештво. Газа денес е она што Хирошима беше тогаш. Нешто што ќе стане симбол на бесмислено убивање. Кого не можеш да го убиеш, изгладни го до смрт. Зар тоа не беше политиката на нацистичките концентрациони логори?
Само ден-два по одбивањето на Собранието да ја прифати спорната резолуција, значи во доцните вечерни часови во саботата, на 26 јули, израелската морнарица го пресретнала и го запленила хуманитарниот брод Хандала, кој од Италија пренесувал медицинска опрема и храна. Бродот е пресретнат во меѓународните води, на педесет километри од брегот на Египет и на сто километри од Газа. На бродот имало 21 цивил. Израелските власти велат дека цивилите се на сигурно, ама не прецизираат каде се наоѓаат. Истата таа сабота, во израелските напади се убиени стотина луѓе, од кои барем 45 во близина на хуманитарните пунктови.
По повеќемесечна блокада, Израел вчера (недела, 27 јули) дозволи да влезат стотина камиони на Обединетите нации со храна. Во меѓувреме, најмалку 133 лица умреа од глад (две третини од нив се деца), а за над илјада луѓе се проценува дека се екстремно изгладнети. Попуштањето на блокадата е направено по огромен притисок на бројни хуманитарни организации и многу држави во светот. Македонија не е една меѓу нив.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија