Референдумот помина (со убедлива победа на сите), сега уште неколку избори, две-три политички кризи, Пржино 3 и 4 и дошла Нова година. Кој би рекол, летна оваа тековнава некако набрзина. А и тие пред неа. Лета времето во Македонија, како вчера да беше Пржино 1.
И покрај сите наши надежи дека има деветмина здраворазумни во собраниското трло на опозицијата, предвремените избори се сè поизвесни. Наспроти широко прифатениот став дека тие не му одговараат никому, ни на власта, ни на опозицијата, ни на хермафродитите што не се ни едното ни другото, има многу аргументи што зборуваат дека ним ќе им се израдуваат сите. Буквално сите.
Зошто Мицкоски сака предвремени избори? Поради две големи причини.
Прво, за да може да се отараси од спорот со Грција без да треба да учествува на каков било начин во процесот на негово решавање. Референдумот го бојкотираше, а во парламентот консензусот за општа амнестија им е толку силен, што не го пробива ни руски тенк, а не, пак, заедничка изјава на Могерини и Хан или уште некој повик од кабинетите на Меркел или Трамп.
Во првата варијанта (бојкот), ќе нема пратеничка група и партијата ќе мора да се обедини на улица (што е полесно отколку во парламент), во втората (небојкот), ќе има само верни послушници
Ќе треба да ги отвориме идентитетските прашања, односно да им го менуваме личниот идентитет и да им бараме дозвола да се населат во Манитоба и Алјаска со ескимски имиња. При што, ако не ги најдат јатаците на фамилијата, може да умрат од студ, зашто Крсто Мукоски по навика нон стоп ќе им ја отвора вратата.
Втората голема причина, можеби дури и поважна од првата, е што Мицкоски не ја поднесува својата пратеничка група, или барем еден поголем нејзин дел. Што би рекол тој самиот, тие се како диво месо на партијата и го загрозуваат нејзиното единство, па дури и нејзиниот опстанок, како таква.
Внатре има неколку струи, со прилично широк распон на идеи, од луѓе блиски до хорхеизмот како тип на таканаречениот паљурски дадаизам (според кој Македонија треба да е нов лидер на неврзаните), преку религиозни типчиња кои во Путин гледаат нов папа, а на Вучиќ – како на балкански кардинал, па сè до ситни криминалци фатени во некоја од мрежите на СЈО.
И ниедна од овие струи не е под контрола на Мицкоски, а како и би биле, кога и самиот Мицкоски не е под своја контрола. Малку е иронично, изградија толкава барокна палата, за денес командите да доаѓаат од „Палома бјанка“. Како и да е, џојстикот е сè уште во рацете на стариот лидер, а командите стигнуваат безжично, односно преку Мартин Протуѓер, за кого велат дека му е залепен на Мицкоски, така што овој бара амин и за по мала нужда, а не, пак, за некоја голема одлука.
Во такви услови, со пратеничка група од многу мали ножиња забиени во грб (дефиниција на Груевски), Мицкоски и носителот на џојстикот едвај чекаат избори. Сеедно дали ќе ги бојкотираат или не, во новиот парламентарен состав ќе немаат „свои што не се нивни“. Или во превод, ќе нема место за Тончиња, Илчиња и слични непослушни ножиња.
Во првата варијанта (бојкот), ќе нема пратеничка група и партијата ќе мора да се обедини на улица (што е полесно отколку во парламент), во втората (небојкот), ќе има само верни послушници. Теоријата на Мицко, која да бидеме искрени не е математички непрецизна, вели – подобро и 25 души твои, отколку 45 души не-се-знае-чии.
Зошто на Заев му одговараат избори? Исто така има две големи причини.
Прво, да удри по некој камшик кај своите, кои не се покажаа баш во најсилно светло овие година и пол. Иако ова изгледа помалку важна причина, на долг рок, ако сака да владее и подолго од денот на уставните промени, за вистински реформи му требаат и кадарни луѓе во собранието.
Зашто, веројатно смислата на реформските закони не е само да стасаат од централата во собрание и меѓу две гравчиња од 50 денари, пратениците да ги изгласаат. Треба некој таму тие решенија да ги брани, да ги аргументира и да ги одбрани. Не само пред опозицијата (која можеби и ќе ја нема), туку и пред граѓаните и јавноста.
На крајот на краиштата, не е сè толку црно, гледајте и на позитивната страна – уште една Нова година и Хорхе оди во доживотна пензија
Второ, секако сака избори и заради спас на историската шанса да не ги закопаме за навек евроатлантските перспективи на земјава. Нема друг излез за Македонија, освен уставните амандмани да поминат во собранието. Толку. Тхе енд. Нема план „Б“. Има втора варијанта (секогаш има), договорот да пропадне, но таа не е план, туку е тотален колапс на државата, прво политички, потоа и економски. А за Заев таа варијанта е политичка смрт.
Зошто на ДУИ му одговараат избори? Не му одговараат, ама, па кој ги прашува нив, тие и така постојат за интересите на македонските граѓани, овај нали, а не поради нивни лични и партиски интереси (ха-ха-ха).
Е сега, да бидеме уште малку похрабри, па да прогнозираме и ваква ситуација: власта свесно оди на непржински избори, опозицијата свесно оди на бојкот, странците свесно велат добро, ако нема друг излез, по што сите свесно (но не премногу јавно) си даваат збор дека по овие, вакви, нужни избори, ќе следуваат нови, вистински, заедно со претседателските на кои ќе учествува и опозицијата.
Ако сте ги прочитале внимателно аргументите за избори погоре во текстов, веројатно не мора да ви се објаснува зошто ваквите непржински избори им одговараат на сите. Дури и на Левица и Јанко Бачев, кои ќе ја имаат честа едно три-четири месеци да си поиграат парламентарна опозиција, таман колку да им помине меракот.
Ако ова сценарио се оствари, спремете се за еден подолг изборен маратон. Да, сè друго ќе застане во државава, но пред да промрчите што било, сетете се дека некои од вас апстинираа и лично кумуваа да се оди по потешкиов пат за сите.
На крајот на краиштата, не е сè толку црно, гледајте и на позитивната страна – уште една Нова година и Хорхе оди во доживотна пензија.
П.С. Да бевме во Европа, сега ќе се спремавме за нов референдум – дали да има зимско и летно сметање на времето, или само летно. Се разбира дека и на овој референдум ќе победеа Димитар Апасиев и Билјана Ванковска, како претставници на непрочистениот дел од избирачкиот список, но барем ќе имаше кој да слави на плоштад…