Среден прст

Грција и досега имала (успешни) обиди да се претстави како најпатетична, најкутра и најирационална нација во Европа. Антимакедонскиот протест во Атина уште еднаш ги доведе на врвот на овој неславен пиедестал.

Сепак, лично, не сум нешто особено фасциниран од оние, ајде да кажеме, околу 200.000 протестирачи што излегоа на големиот протестен митинг во Атина за да го одбранат името Македонија. (Според полициски извори имало околу 140.000 демонстранти, најрадикалните медиуми избројаа над 2,5 милиони, според организаторите се собрале над милион, а според независните набљудувачи ги имало околу 200.000 протестирачи). Особено затоа што овој протест повеќе беше насочен против политиките на грчката влада, отколку кон некаква одбрана на грчкото достоинство. Истата реторика, длабоко заглавена во некои минати векови, која се базира на „предавници“ и „патриоти“, на „продадени души“ и „свиткани ‘рбети“, „името не го даваме“ и слично, во суштина само покажува дека станува збор за оној, ултимативен, последен обид да се спречи неминовниот тек на совремието, а тоа е дефинитивното цивилизирање на овој регион.

Не. Не можат оние 200.000 протестирачи, дел од нив заслепени од националистичката еуфорија, дел довлечкани со автобуси, дел заведени од ретроградните црковни великодостојници да го сменат текот на општествените процеси. Дури не можат ниту да го подзапрат. Можат, во најдобар случај, да предизвикаат некој вид сожалување. Ах, кутрите тие…

Во случајов, дури ни прашањето на името на нашата држава не е најбитното. Евидентно е, имено, дека Македонија тешко, на моменти невешто, некогаш и неподготвено, ама сигурно оди во правец на усвојување на европските вредности. А овој ветер, го сакале тие тоа или не, нема да ја одбегне ни Грција. Тоа, едноставно, не се само општествени туку и физички законитости.

Не. Не можат оние 200.000 протестирачи, дел од нив заслепени од националистичката еуфорија, дел довлечкани со автобуси, дел заведени од ретроградните црковни великодостојници, да го сменат текот на општествените процеси

Со други зборови, некако не можам да се ослободам од идејата дека целата оваа претстава за хранење на националното его ми личеше на грчко-македонскиот заеднички симбол – на Халкидики. Поточно на оној средниот прст, Ситонија. Да бидеме искрени, многу од овдешните политики последната деценија наликуваа на средниот прст, а оние што не наликуваат, според своите ефекти недвојбено потсетуваат на него. Наравоучението на приказната е јасно – кој на друг му покажува среден прст, останува со прстот во уста.

Не знам, можеби со помош на националистите и фашистите од двете страни ќе успееме да го сочуваме името, ама за шумата кај Јанковец во Преспа, прашањето останува отворено. Идејата на Преспанско-пелагониската епархија да исече 80 хектари стара дабова шума, да ја продаде и од тие пари да изгради манастир единствено асоцира на злосреќната судбина на домородците на Велигденските Острова (Рапа Нуи).

Тоа се оние што за ќеифот на своите богови изградиле огромен број огромни камени статуи (сочувани се 887). И за потребите на градбата на статуите ја исекле целата шума. И изумреле! Со други зборови, ако поповите решат на ваков начин да градат манастири, тогаш можеби името Македонија ќе остане, само што нас ќе нѐ нема.

 Кога човек ќе види како здушно и заеднички работат нашите попови и нивните грчки колеги ќе сфати дека двете цркви немаат никакви проблеми во остварувањето на своите стратешки цели, а тоа е името Македонија дефинитивно да го стават ад акта. Или и тие да си го добијат својот среден прст.

А тоа дека Македонија е библиска земја можевме да го сфатиме токму во предвечерието и на денот на атинските протести. Тогаш, ете, заврна еден од оние илјадагодишни дождови што паѓаат по неколку пати во годината. И поплави поголем дел од државата. Потопени се стотина куќи, државни и јавни згради, урнати се мостови, ама затоа ќе ја сечеме шумата за да изградиме манастирски комплекс.

А и натаму нема да ја знаеме точната бројка на вработените во администрацијата. Министерот Дамјан Манчевски вели дека вработените од оние сектори кои не го ажурирале или не го пријавиле списокот на своите вработени нема да примаат плата. Па, како ќе знае Манчевски кој прима државна плата, ако не знае дали тој е вработен или не во државната администрација. Ако веќе знае кои луѓе примаат плата, тогаш белки знае колку луѓе се вработени во администрацијата.

Како и да е, Манчевски, барем посредно ни ја открива тајната на неизвршениот попис. Ние не знаеме да ги попишеме луѓето што работат во администрацијата, а камоли попис да направиме. Патем речено, спомна ли некој попис воопшто. Во 2021 година доаѓа редовното попишување. Ете шанса тогаш да ги попишеме вработените во администрацијата!

На крајот на краиштата, време е да мрднеме со прст. Па макар бил и средниот.