Не ја дочекав Новата година, заспав, но таа сепак дојде. Што е уште еден доказ дека малку работи на овој свет зависат од нас. Тие се случуваат, сакале ние или не, ги чекале – или не. Што би требало да ни влее голема доза оптимизам. Замислете да зависеа од нас.
Додека ја одвиткував последната сарма за годината и се борев да не потемни мајонезот во руското влијание на трпезата, ми текнува на онаа прекрасна мисла на најпознатиот филозоф на денешнината – Симе Синапов, кој рекол дека сите ја чекаат Новата година, оптимистот возбуден што ќе му донесе следната, а песимистот да се осигура дека старата заминала.
Ние што заспиваме предвреме не значи дека не сме ни песимисти ни оптимисти, само имаме низок притисок и високи очекувања од сонот.
Не би сакал да звучам песимистички, но го гледам, на пример, списокот со цели за минатата година и заклучувам дека има многу вистина во оној рекламен спот со вперен прст во мене и со заканувачки слоган – Ти си Македонија! Единственото во што успеавме и јас и Македонија во 2017 година е што се ослободивме од Никола Груевски без жртви. Килажата, на пример, ми пораснала обратнопропорционално од македонската економија, примањата и понатаму ми се ниски, но стабилни ко курсот на денарот, а од односи, и понатаму најчесто практикувам односи со јавноста.
Госпоѓо Могерини, ако мислите дека 2017 година била тешка, чекајте да ја видите 2018. Зашто, Балканот не е мртов. Тука секогаш има добра журка. Нема лесни години
Тезата, на пример, на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, дека 2017 година била тешка за Балканот може само да значи дека таа релативно кратко време се занимава подетаљно со нашиов полуостров. За Балканот важи онаа истата крилатица што важи и за возрасните луѓе: Ако се разбудиш еден ден и не те боли ништо, тогаш сигурно си мртов.
Госпоѓо Могерини, ако мислите дека 2017 година била тешка, чекајте да ја видите 2018. Зашто, Балканот не е мртов. Тука секогаш има добра журка. Нема лесни години.
Тоа важи и за Македонија, која според експертизите на сите два милиона експерти, заедно со уште неколкуте милиони членови на Македонската обединета дијаспора, ја очекува година на болни, тешки реформи, финален спринт во маратонските преговори за името и долга низа пострауматски стресови предизвикани од 2017 година, чијшто интензитет, за жал, не може да се предвиди во целост.
А дека нѐ очекува тешка година знаеја и македонските пратеници, па затоа, за да соберат сили за сите следни тешки предизвици, си договорија лабава агенда до 15 јануари. До 9 јануари одмор, а потоа евентуално по некоја комисиичка за „разгибавање“. Или, со други зборови, си споија Нова година со Стара нова година. Што, ако ги набљудуваме нештата оптимистички, е подобро отколку да споеја Стара нова година со Нова година (освен за расходите по основа на патни трошоци, се разбира).
Така ли изгледа помирувањето во парламентот? Додека едните бојкотираат, другите се солидаризираат и одмораат. Помирно, здравје.
Ако, сепак, ја немате среќата да сте пратеник во македонскиот парламент и не може да си дозволите толку долг одмор на стартот од бугарското претседателство со ЕУ, не очајувајте. Вам секако ќе ви излезат брчки на лицето, но решението е секогаш близу. Јас, на пример, го најдов во билбордите на Стопанска банка АД Битола, која нуди кредит за пластична операција за отстранување на брчките. Брчките ги нема уште денес, а кредитот можете да го враќате следните десет години. Извонредна можност.
Единственото во што успеавме и јас и Македонија во 2017 година е што се ослободивме од Никола Груевски без жртви
Веќе сте заглавен со друг кредит? Немате редовна работа? Ратата надминува третина од вашата плата дури и на стогодишен рок на отплата? Во таков случај не сте кредитоспособни, но повторно не треба да очајувате. Гледајте на светлата страна од животот – вие ќе имате брчки, но ќе немате кредит. Ако мислите дека вам ви е тешко, секогаш може да се сетите како ѝ е на Македонија. Македонија во 2018 треба да врати рати од кредити тешки 370 милиони евра. За што ќе мора да земе нови заеми од 665 милиони евра.
Има и други работи што во овие празнични денови можете да ги направите за себе. Веднаш ми текнува на неколку што можат благопријатно да влијаат на вашата општа состојба.
Знам дека човек тешко се одвикнува од добрата чашка, но тоа што можете да го направите е да не ја пиете како генерал Слободан Праљак, односно на екс и ко да му е последна.
Исто така, секој од нас може да се обиде да не биде пајак. Притоа, не мислам на пајак-службата на ПОЦ која за празнициве толку се разработе што покрај возила почна да крева и непрописно паркирани бандери, туку мислам на инсектот пајак кој дневно може да изеде и 40 пати повеќе храна од својата тежина. Тоа не значи да престанете да јадете кифлички, сарми, руски и печења, само да се обидете тоа да не надминува неколку ваши тежини.
Со сообраќаен речник да се изразам – држете прописно растојание помеѓу вас и фрижидерот.
Следно што можете да направите е да не одговорите баш на сите новогодишни пораки на Вибер. Ако тоа ви паѓа тешко, сетете се дека истите желби си ги посакавте и минатата година, па сепак, таа не ви беше исполнета со среќа, здравје, бериќет во оние количества во кои ви беа посакани во сите оние сенд-ту-ол пораки на Вибер и останатите бесплатни апликации за откачување пријатели и роднини со еден стикер.
Внимавајте што гледате на телевизија. Избегнувајте вести, турбофолк, филмови од минатиот век, а ако имате уплатено спортска – и спортски натпревари. Со други зборови, држете го телевизорот исклучен, барем додека сте будни.
И последно, но не и најмалку важно – името можеби ќе мора да се решава во 2018, но тоа сѐ уште не значи дека не можете да направите нешто патриотско за да се чувствувате подобро. На Фејсбук врти спонзориран текст за оваа организација во која ви се нуди несекојдневна можност да донирате 100, 250, 500, 1.000, 2.500 или 5.000 долари за организацијата и да ви биде полесно.
Почнав и ќе завршам со Симе Синапов, кој вели дека ден за вас може да почне нова година и така треба да се чувствувате. Јас не се чувствувам така, но на сите што го славите – среќен 3 јануари! Многу среќа, радост, здравје и бериќет следните 365 утра Господови! Не мора да ми враќате на поракава.