„Вистината обично лежи во средина. И обично без надгробен споменик“ (Станислав Лец)
Во едно мало приморско место во соседството, на периферијата налетав на заградени археолошки остатоци од мала градба, прилично разурната низ вековите, но со видливи човечки напори да биде зачувана од забот на времето. Проаѓајќи покрај неа, посведочив на интересна сцена. Под налетот на големо невреме – силен ветер и обилен дожд, мал дел од ѕидот се беше одронил.
Го забележаа тоа три момчиња, на возраст не повеќе од 10-11 години (!), и на нивните тротинети поитаа да информираат некого. За десетина минути на местото пристигнаа и локални власти, и загрижени жители, а за 40-тина минути и стручњаци, кои веројатно дојдоа од соседната, поголема општина. Го заградија местото и ги замолија присутните да се оддалечат за да можат да работат.
По два-три дена сѐ изгледаше како ништо да не се случило. Само вешто експертско око би можело да познае на кој дел било интервенирано. Плус, беше додадена и уште една информативна табла за значењето на тоа место. Во следните денови беа видливи подготовки за друга интервенција, најверојатно за уште потемелно покривање на археолошките остатоци.
Освен брзата реакција, она што најмногу ме фасцинираше беше потегот на децата. Тројца „мрсулковци“ што дотогаш се тркаа со тротинети низ тесните камени улички, измачкани по лицето со траги од штотуку изеден сладолед, имаа „око“ да забележат дека нешто се случува и дека треба да информираат за тоа.
Прашањето – кој се обиде да го замолчи дигиталниот Прличев, е подеднакво важно и како прашањето – дали системскиот молк ги охрабрува вандалите?
За така да постапат, требало да имаат свест за важноста на културните обележја, кои се заштитен знак за нивното место. А тоа се стекнува низ процесот на образование, но и домашно воспитание.
На оваа сцена од пред неполн месец ме наврати веста дека штотуку поставениот дигитален споменик на Григор Прличев бил цел на вандализам. Не преживеа ни 48 часа.
Овде не е само во прашање огромниот респектабилен труд на професорот Анис Сефиданис, кој подолго време работел на споменикот со неговиот тим. Овде во прашање е односот кон македонската историја, култура и нејзините дејци.
Во случајов се работи за модерен дигитален споменик, но слични атаци доживувале и мермерни и бронзени споменици и бисти – искршени или украдени, стопени и продадени, и ред други форми на едно нецивилизациско поведение.
Во сето ова огромна улога има образованието, но и градењето општествена култура на сеќавање, кои кај нас не се на завидно ниво. Во мандатот на Груевски се поставија многу споменици, ама во големата нарачка се најдоа и некои што не заслужија место во нашиот јавен простор, како што беше случајот со Ќосето.
Од друга страна, кога станува збор за нашиот „втор Хомер“, државата баш и не се претргна многу околу грижата за спомен-обележјата. Во новинарските архиви може да најдете фотографии и текстови како гробот на Прличев е обраснат со трева, а околу него е расфрлан отпад.
Ама ќе најдете и дека на приватна инцијатива, на проф. д-р Зоран Тунтев и Лајонс клубот „Лихнидос“ е осветлено неговото почивалиште, и родната куќа, и бистите во дворот на основното училиште, и пред библиотеката, кои го носат неговото име.
Во време кога македонските идентитетски обележја се предмет на оспорувања, обврската за чување на споменот за нашите дејци од минатото е уште поголема
Да, Заводот и музеј – Охрид извршија и конзервација и реставрација на гробот на Прличев, ама родната куќа на Прличев беше возобновена со донација од семејството на бизнисменот Минчо Јорданов. Убаво е што има приватни иницијативи, тие секогаш се добредојдени, но и државата мора да промовира став и концепт, кој нема да биде во лабава коалиција со цивилизациската обврска за чување на споменот за нашите дејци од минатото.
Ако нема таква грижа, тогаш што ќе остане – освен „културен концепт“, со кој просторот доминантно се претвора во модерни атракции, забавни паркови, фигури на шмизли, шопинг молови и други „светилишта“ на забавата и консумеризмот? Во време кога македонските идентитетски обележја се предмет на оспорувања, обврската за таква грижа е уште поголема.
Прашањето – кој се обиде да го замолчи дигиталниот Прличев, е подеднакво важно и како прашањето – дали системскиот молк ги охрабрува вандалите? Случајно или не, ова се случува во време кога Цар Борис Трети успешно ги проби нашите, секогаш несовршени законски регулативи, обезбедувајќи си постојана адреса во Охрид, и кога неговиот татко Фердинанд Први наводно резервирал ол инклузив аранжман во Богданци, додека дигиталниот споменик на нашиот Прличев ни во неговиот роден Охрид не може да најде мир.
Кога проблемите не ги решаваме навреме и промптно, кога се промовираме во статисти во сопствената држава, ваквите резултати многу ретко се случајни. Притоа, заморот од стагнацијата и чувството на онеправданост водат кон умртвеност, кон отсуство на рефлекс за каква било реакција. Тие се најкраткиот пат до анестезирање на крикот против ова што се случува, помирување со некаква, за нас стокмена улога на потчинетост, заради добрососедство или европeјство.
И двете нешта подразбираат интеракција и двонасочна улица, а не налог, диктат и инсталиран ќор-сокак, со наша дозвола. Од него нема да излеземе и никаде нема да стигнеме, со молк и потчинување. Никогаш нема лесен пат. Ако најдеш пат без пречки, тој веројатно не води никаде. Ако имаш луѓе и институции со порив да го бранат своето, државата секогаш ќе биде на вистинскиот пат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија