Алиса: Ќе ми кажеш ли, те молам, по кој пат треба да одам од тука? Мачката Чешир: Тоа зависи многу од тоа каде сакаш да стигнеш. Алиса: Не ми е многу важно каде. Мачката Чешир: Тогаш не е ни многу важно по кој пат ќе одиш“. („Алиса во земјата на чудата“, Луис Керол)
Ако знаеме каде сакаме да стигнеме, важно е да го избереме вистинскиот пат по кој треба да одиме. Пократкиот или полесниот пат обично излегува најдолг, а честопати и погрешен. Останува најтешкиот пат, кој не се мери според километражата и пречките што може да се најдат на него, туку според тежината на обврските што може да ги понесе и поднесе оној што тргнал по тој пат.
Нашава земја декларативно и акламативно знае каде сака да стигне. Патот е долг, тежок, обременет со бројни методолошки и административни процедури, со еден сувопарен бирократски јазик, кој повеќе иритира отколку што мотивира, одбележан со безброј знаци покрај патот, патокази и чек поинти: „не“ за корупација, „не“ за криминал, „не“ за селективна правда и ред други вредности и стандарди, кои попатно треба да ги препознаеме, прифатиме, примениме и докажеме.
Некои лоши рангирања објавени изминативе денови (перцепција на корупцијата и Глобалниот индекс на демократија) рефлектираат слика што сугерира како ние да сакаме да го изодиме патот, ама да не се заморуваме многу со правилата.
Не постои можност прво да стигнеме до целта, а потоа да се посветиме на стандардите. Пред деценија и нешто повеќе, низ филтерот на ЕУ поминаа некои земји со таков менталитет и таква практика, па сега Брисел има главоболки со извештаите за корупција во европски земји, а богами и ние имаме тешки главоболки со нивното „европско“ поведение.
Од тие, и други причини, во ЕУ не сакаат да им се случи реприза.
Некои лоши рангирања објавени изминативе денови рефлектираат слика што сугерира како ние да сакаме да го изодиме патот, ама да не се заморуваме многу со правилата
По правило, критиките за неповолни перцепции секогаш паѓаат на грбот на власта. Без разлика дали власта, дел од тие рангирања ги смета и за резултат на опозициски опструкции, нејзина обврска е да си обезбеди ефикасни демократски механизми со кои реализацијата на зацртаните цели ќе биде имуна на какви било внатрешни или надворешни опструкции.
Но, што правиме кога фокусот не е само во извршната или судската власт, кои се еврегрин теми за меѓусебна критика? Што правиме кога не е добра оценката за законодавната власт, таму каде што се сите избрани претставници на граѓаните?
На скала од 1 до 10, дебатата во Собранието за периодот од август до декември е оценета со 5,5, се вели во Извештајот на Институтот за демократија, од мониторингот спроведен од август до декември лани.
Оваа оценка е пониска во споредба со претходните периоди на набљудување, во кои оценката за квалитетот на дебатата бил од 6 до 6,3. Во Извештајот се вели дека само во 11 отсто од дискусијата имало еден или повеќе аргументи.
Пратениците повеќе се осврнувале кон разгледување на личноста на соговорниците, отколку кон нивните аргументи. Добро е што „квалитетот“ е квантифициран, ама и без оценки, сосема ни е јасно какво е пратеничкото поведение.
„Аргумент, кому му е потребно тоа?“ Народните избраници со години нѐ учат да не очекуваме таков луксуз од нив.
Оваа реченица, дури и кога е неизговорена, е составен дел од саркастичните изрази на нивните лица. Тој став им се согласува со бојата на костумот и вратоврската, со нередовноста, самобендисаноста, со ноншалантната поза што ја заземаат пред говорницата.
Секако дека има чесни исклучоци кои му даваат суштина на поимот пратеник. Но, најчесто говориме за една доминантна бројка пратеници што остануваат далеку од таа слика.
Оставаат впечаток дека едвај ги дочекале своите пет минути, дека само што не тргнале да го менуваат светот и векот, за сето тоа брзо да се сведе на лична и партиска промоција, во натпревар кој ќе да биде поинтересен, позабавен, кој ќе собере повеќе лајкови, кој ќе испорача повеќе вербална агресија и критика ad hominem.
Произведуваат многу децибели, а најретко ставови што ги одразуваат интересите на тие што ги избрале.
„Аргумент, кому му е потребно тоа?“ Народните избраници со години нѐ учат да не очекуваме таков луксуз од нив
Токму недостигот од дебата со аргументи придонесе да сведочиме на еден срамен „црн понеделник“ (24.12.2012) во Собранието. Како тоа да не беше доволно поразително, поуките од таа грешка ги истретиравме како тоалетна хартија, па дочекавме и еден „крвав четврток“ (27.4 2017).
По тие тешки упади во храмот на демократијата, многу бенигно звучат епитетите за она што се случува во помирните периоди зад неговите ѕидови – циркус, театар, таблоиден или стендап-парламент.
Во сето ова има еден апсурд. Најплодна и најаргументирана дебата имаше во првиот состав на парламентот во независна Македонија. Ако ја споредите образовната структура на пратениците во првиот состав, со кој било друг, произлегува дека во првиот парламентарен состав имало најмалку високо образовани кадри. Сепак, тие имале и покажале многу поголема политичка култура од сите нивни наследници.
Тогаш дури и „најтешките“ меѓупартиски пресметки наликуваа на амалгам од анегдоти, духовитост и добро избрани зборови за критика, без тензии и навреди. Тој парламент рефлектираше идеи, идеологија, енергија, дух на посветеност.
Денес нема ништо од тоа. Загубени се попатно или воопшто не виреат под собраниската купола, иако наликува на стакленик под кој дури и јалово дрво би можело нешто добро да роди.
Тој момент сè уште не сме го дочекале. Ако дојде, ќе го препознаеме по неколку нешта: нов речник, богата аргументација, култура на дебата и откажување од улогата на послушна гласачка машинерија. Не изгледа тешко, ама, за жал, досега никој не се обидел.