Анализи

Поголема отчетност за весникарските субвенции

За три години, 1,9 милиони евра државни пари за весниците

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Весниците што земаат државни субвенции добиле нов услов од државата – во втората половина од годинава ќе треба да ѝ достават извештај на Владата за искористеноста на парите од помошта, информираат за БИРН од „Илинденска“ бр. 2.

Новиот услов е додаден при последната распределба на субвенциите, во декември 2020 и тој не постоеше претходните две години.

„Програмата за помош на весниците е дополнета за да нема повеќе шпекулации дека критериумите за одобрување субвенции овозможуваат печатените медиуми ненаменски да ги користат парите што ги добиваат од државата“, коментираат од Владата за БИРН.

Ова информација ја добивме откако побаравме Владата да ги коментира наводите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за евентуалните ризици во програмата за помош на печатените медиуми. 

Горкото искуство од влијанието на буџетските пари врз медиумската сцена придонесува да се преиспитува секоја политика што државните пари ги пренасочува во приватните медиуми

Имено, ДКСК во новата национална антикорупциска стратегија предупреди дека критериумите врз основа на кои се одобрува помошта за весниците се недоволно прецизни и овозможуваат ненаменско користење на парите.

Македонски весници и неделници, во последните три години добиле вкупно 1,9 милиони евра државни субвенции, покажа нашата анализа на исплатите за 2017, 2018 и за 2019 година.

Горкото искуство од влијанието на буџетските пари врз медиумската сцена, на кое бевме сведоци деценијава зад нас, денес придонесува да се преиспитува секоја политика што државните пари ги пренасочува во приватните медиуми.

Антикорупциска бараше поголема транспарентност

Loading...

Loading…

Националната стратегија сè уште не е усвоена во Собранието.

Горан Трпеновски, член на ДКСК и новинар по професија, образложувајќи ги наводите што се однесуваат на додавање критериуми за субвенции за весниците, вели дека треба да бидеме сигурни оти тие средства се користат за развој „а не за луксуз на газдата, а сето тоа да биде поткрепено со докази“.

„За да се избегне каков било сомнеж дека нема тргување со влијание, треба да има критериум и образложение за што печатените медиуми ја искористиле владината помош, односно клучна е транспарентноста. Да наведат за што ги искористиле добиените пари. Пример – купиле опрема, печатарска хартија или ја унапредиле веб-страницата“, вели тој за БИРН.

„Не е страшно и не е тешко критериумот ‘транспарентност и отчетност’ да се стави, ако се има волја. И не боли многу“, додава Трпеновски.

„За да се избегне каков било сомнеж дека нема тргување со влијание, треба да има критериум и образложение за што печатените медиуми ја искористиле владината помош“, објаснува Горан Трпеновски, член на ДКСК

Првиот човек на асоцијацијата што ги претставува весниците, и косопственик на „Коха“, Лирим Дулови смета дека Антикорупциска со овие наводи непотребно остава простор за сомнеж во програмата за поддршка на печатените медиуми.

Дулови за БИРН вели дека „парите што се добиваат од владата, се наменети за одржување и развој“.

„Како резултат на тоа, ниеден весник не е згаснат досега. Асоцијацијата има и солидарен фонд, со кој секоја година се помагаат и други весници што не ги исполнуваат критериумите на владиниот повик“, додава тој. 

Тој вели дека многу весници сега издаваат и секојдневни специјални прилози, кои ги немало порано, иако главниот акцент го ставиле на зајакнување на електронските изданија.

„Многу весници направија редизајн на своите сајтови, а некои од нив денес имаат и електронски изданија на весниците.“ 

„Зависно од средствата што се добиени, некои медиуми создадоа и своја видеопродукција со најнова 4K-технологија. Денес постојат медиуми кои континуирано произведуваат видеоматеријали, па дури и имаат и своја IP-телевизија, каде што во живо се дебатира за различни теми од секојдневниот живот на граѓаните.“ 

Широк консензус за субвенциите

Loading...

Loading…

Во ноември 2017 година, претставници на весниците „Коха“, „Нова Македонија“, „Слободен печат“ и неделниците „Фокус“ и „Капитал“ ја формираа Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми.

По барање на асоцијацијата, а со поддршка на новинарските организации, пред три години, државата се согласи секоја година да им исплаќа половина од трошоците за печатење и за дистрибуција на весниците на македонски јазик и 70 проценти од овие трошоци на изданијата што излегуваат на јазиците на етничките заедници.

Владина поддршка не добиваат баш сите печатени медиуми, туку тие што „непрекинато информираат за тековните политички, економски, социјални и културни прашања“.

Кандидатите за субвенции не треба да бидат во постапка на ликвидација или стечај, да немаат административни казни и забрани, да се регистрирани во Регистарот на издавачи на печатени медиуми во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми и да се печателе и да се дистрибуирале во последните три години.

Владина поддршка не добиваат баш сите печатени медиуми, туку тие што „непрекинато информираат за тековните политички, економски, социјални и културни прашања“

Првата година во 2018 се доделија околу 690.000 евра за трошоците што весниците ги направиле претходната 2017, во 2019, пак, се распределија нешто повеќе пари – речиси 714.000 евра.

Минатата година, фондот се намали на 487.000 евра. Владата реши, наместо половина, да покрива 36,8 проценти од трошоците за печатење и дистрибуција за весниците на македонски јазик, додека за печатените медиуми на јазиците на етничките заедници поддршката падна од 70 на 50,8 проценти од овие трошоци. 

Најголема поддршка добиваат дневните весници „Слободен печат“, „Вечер“, „Нова Македонија“ и „Коха“, додека значајна сума, но пониска, се доделени и на неделниците „Фокус“ и „Капитал“. Годинава неделникот „Капитал“ не конкурирал затоа што еден период, поради пандемијата, не се печател, туку се објавувал само дигитално. 

Првиот човек на асоцијацијата, еден од сопствениците на весникот „Коха“, Лирим Дулови, за БИРН, потенцира дека идејата за помош на весниците потекнала од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и оти била поддржана од неколку невладини здруженија од областа на медиумите, Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) и од стопанските комори.

Тој потсетува дека за да се заокружи соодветниот модел на помош се организирале неколку јавни дебати, на кои, меѓу другото, активно била вклучена и ОБСЕ. 

„Со еден збор, овие критериуми не се определени од владата, туку од нас самите (печатените медиуми), а за тоа беше постигнат невиден општ консензус во нашето општество.“

„Сега се создава забуна во јавноста и се фрла дамка на еден долгорочен и транспарентен процес, за кој, како за ниедно друго прашање во државата, немаше широк консензус“, вели Дулови, коментирајќи ги сугестиите на ДКСК во однос на субвенциите.

Дување на јогурт

Субвенциите за весниците дојдоа по деценија, во која власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ исплаќаше милионски суми во медиумите и влијаеше врз нивната уредувачка политика. Затоа изненадување беше кога наследниците на Никола Груевски на Илинденска бр. 2, премиерот Зоран Заев и неговите министри прифатија субвенционирање на медиумите, наспроти нивните недвосмислени изјави во минатото дека ќе нема државни пари во медиумите.

„Ќе спречиме трошење буџетски средства во медиумите“, стои на 42-та страница од предизборната програма на СДСМ од 2016 година, „План за живот“.

Власта сега е убедена дека ќе го избегне клиентелистичкиот однос држава-медиуми, само доколку парите се делат непристрасно.

„Ниту еден весник не ја смени уредувачката политика. Има и весници што го охрабриле истражувачкото новинарство и добиле награди за текстови што биле критични кон власта“, вели претставникот на весниците, Лирим Дулови

Во тоа уверува и Лирим Дулови од асоцијацијата на печатени медиуми. 

„Ниту еден дневен весник не ја смени уредувачката политика. Има и весници што го охрабриле истражувачкото новинарство, а за тоа доказ се и добиени награди за текстови што биле критични кон власта.“

Заложба на асоцијацијата е поддршката за печатените медиуми да добие и поткрепа во закон, за таа да не зависи од волјата на партиите што ќе бидат на власт во одреден момент.