Сто евра за културата!

Неодамна, група ентузијазирани уметници, собрани под името ВИС „Тркалезна маса“, во летното кино „Мирно лето“, односно во дворот на Кинотеката на Македонија, одржаа прекрасен музичко-рецитаторски перформанс, наречен „Пат околу светот за еден век“, според стиховите на Славко Јаневски од неговата книга „Црни и жолти“, а по повод стогодишнината од раѓањето на овој великан на македонската култура.

На ова прекрасно доживување, создадено со многу добра волја и труд, а без речиси никаква институционална поддршка, ме потсети, ни помалку ни повеќе, туку премиерот Заев, односно Владата на Република Северна Македонија, со нејзиниот четврти пакет економски мерки за помош во ковид-кризата.

Ете, требаше да се стаса до четвртиот пакет, па владата да се сети дека во државата постојат и културни творци и работници што не се институционално врзани за некоја фирма или културна институција. Таа успеа да изброи 520 самостојни, културни, филмски и естрадни уметници и реши да им подели еднократна помош во форма на картичка со вредност од 6.000 денари.

Односот кон културата ги дефинира карактерот на државата и на државата и на државната политика, како и способноста на општеството да ги дефинира, да ги разбере и да ги решава проблемите со кои се соочува

Не навлегувам тука во помошта од сто евра. На октроираните пари не им се гледа во забите. Иако читателот е доволно информиран и самиот да го разбере нивото на помошта, сепак еве ќе бидеме беневолентни и ќе кажеме дека државниот буџет сепак не е ќуп без дно, особено во околности кога горната граница на јавниот долг е веќе достигната, а владата не е златна рипка да исполнува нечии желби.

Сепак, прашање е дали владата можеше да смисли малку покреативни нефинансиски мерки, со кои на уметниците и на културните работници ќе им овозможеше да си ја вршат својата работа, а на нивните консументи да ги задоволат своите културни потреби. Нешто како што направија споменатите ВИС „Тркалезна маса“!

Добрата работа е во тоа што владата, во време на криза, вака-така, се сети на живата култура. Иако клучната поента е изоставена – најголемиот број кризи, всушност, настануваат затоа што културата е толку драматично маргинализирана и изместена од јавниот простор и секојдневието.

Културата, навикната на вонредните околности на својата современа положба, во време на криза е единствената што може да понуди одговори што другите ниту ги даваат, ниту се способни да понудат рационални решенија.

Вирусот ќе помине, а нашиот однос кон културата – ќе остане! Иако нема сомневање дека вирусот уште долго време ќе биде универзално алиби за многу промашени јавни политики, сепак прашањата на културата беа отворени, и тоа во заострена форма уште многу пред вирусот да се појави. Еден од суштинските проблеми на ова општество е изразитата маргинализација на живата култура. Овој проблем е уште поголем во едно поделено општество со разбранувани страсти и силни зборови, а без вистинска институционална традиција.

Културата што е препуштена на ентузијазмот и претворена во ексклузивен простор на мали групи посветени и просветени луѓе, не може да живее со полн живот и во секој случај не може да биде дел од општественото секојдневие.

Општеството не може да се развива така што на културните работници ќе им се подели милостина од сто евра. Да бидеме искрени, не може да се развива ниту преку фамозните странски инвестиции, кои, како што се чини, повеќе се заинтересирани за евтината работна сила и овдешните субвенции, отколку за сопствениот удел во развојот на општеството.

Културата што е препуштена на ентузијазмот и претворена во ексклузивен простор на мали групи посветени и просветени луѓе, не може да живее со полн живот и во секој случај не може да биде дел од општественото секојдневие

Значи, развојот на општеството е неразделив од неговата витална и влијателна култура. Односот кон културата ги дефинира карактерот на државата и на државата и на државната политика, како и способноста на општеството да ги дефинира, да ги разбере и да ги решава проблемите со кои се соочува.

Во времето на пандемијата, културните „производи“ им беа и им се достапни на консументите со посредство на интернетот и на другите медиуми (книги, филмови…), што, на крајот на краиштата покажа дека на луѓето овој вид „стока“ им е неопходен, токму како и продуктите за храна и средствата за хигиена. Но, тоа не е доволно.

На културата ѝ е неопходен јавен простор, во кој живиот човеков глас и живото човеково умеење, здружени со луѓето со вистински културни потреби, заедно ќе обликуваат заедница на современа и просветена култура. На сите ни е потребна една ваква, ослободена јавност. И тоа во секоја општествена област.

Заклучокот е дека културата е нужен одговор во секоја криза, било да е таа финансиска, политичка, морална…, а Македонија, богами ги поминала сите нив, и тоа со долгорочни последици. Без волја да ги банализираме работите, прашањето на културата и деновиве на својата жестокост, и тоа во контекст на идентитетските прашања што така упорно ги форсира Бугарија.

Мислите ли дека овие прашања би биле воопшто можни, ако државата, од своето осамостојување до денес, барем малку стратешки работеше на развојот на креативната култура?

Конечно, сите ние сме горди на културните вредности создадени во втората половина на минатиот век, но и многу порано, не сфаќајќи го сопствениот парадокс. Парадоксот дека токму оние што треба да ја создаваат таа ослободена јавност и да го надградуваат нејзиниот идентитет – се целосно маргинализирани. Со сто евра на октроираната картичка!