На почетокот еден мал квиз. Нека крене рака секој од вас, драги читатели, што го има прочитано романот „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес. Гледам многу кренати раце. Одлично, браво, седете.
А сега едно малку потешко прашање. Нека крене рака секој оној што го има прочитано романот „Тврдоглави“ на Славко Јаневски. Гледам многу помалку кренати раце. Во ред е, седнете.
Читателот со право ќе се запраша зошто токму сега, во екот на епидемијата со ковид-19 и во уште едно историско време кога се формира влада и кога сме на прагот на преговорите со Европската Унија, значи зошто токму сега се замајувам и ве замајувам со вакви небитни и несоодветни прашања.
Пред да одговорам, сакам да набројам само неколку факти. Колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес, за првпат ја објавува својата хроника за измисленото место Макондо во Буенос Аирес на 30 мај 1967 година (ако е важно, само два дена пред да излезе легендарниот албум на „Битлси“, „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“).
Книгата, која подоцна ќе стане попродавана од „Одисеја“ на Хомер или од „Божествената комедија“ на Данте, за првпат ќе биде објавена во САД, три години подоцна (1970). Истата година е објавена во Велика Британија, а следната во Франција. И така се раѓа светскиот феномен наречен магичен реализам и главно презентиран преку прозата на латиноамериканските автори, кои тогаш светот за првпат ги открива.
Потребата за ново критичко препрочитување на обемниот опус на Јаневски (но и на другите македонски литературни големини) се наметнува како неминовност и од практични причини: кај Јаневски е запишано сето она што денес ни се случува
Хрониката на измисленото место Кукулино, Јаневски ја започнува две години подоцна, токму со објавувањето на „Тврдоглави“. Овој роман, типичен претставник на магичниот реализам, излегува во 1969 година, во времето кога Европа и светот уште не го измислиле овој поим. За жал, за разлика од нормалните култури, ние не ги запишуваме точните датуми на настаните што биле пресвртница во нашата културна историја.
Но, овие факти, иако би можеле, не се она што го поттикна овој текст да ги стави „Тврдоглави“ во контекст на „Сто години самотија“. Дури не е ниту убавиот и неискористен повод на обележување на стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски (1920 – 2000). Иако, секако и тоа би можело да биде доволна причина за постоењето на овој и многу други слични текстови, особено од аспект на симболиката на двата спомнати наслови.
Сепак, станува збор за интрига, која ќе се обиде да нè подбуцне да го препрочитаме Јаневски. Би можел дури да кажам: за првпат да го прочитаме во контекст на третата деценија на векот што го живееме.
Потребата за ново критичко препрочитување на обемниот опус на Јаневски (но и на другите македонски литературни големини) се наметнува како неминовност и од практични причини: кај Јаневски е запишано сето она што денес ни се случува. Има таму и непознати епидемии, и итарпејовски итроштини во освојување на власта, и предавства, и атавизми, и образовни и здравствени системи, и иселувања од државата, и доселувања, и загадувања, и климатски промени, и буквално сето она што нѐ засега.
Немам никаква намера да го презентирам тука Славко Јаневски како некаков пророк (иако, богами, не му ја одземам ниту таа особина), ниту имам намера да зборувам за неговите уметнички квалитети (секако има поумни и покомпетентни од мене за тоа). Сакам само да го посочам како своевиден општествен амблем, потсетник на нашата недоветност да создаваме колективна меморија и на тој начин да го рационализираме сопственото искуство, преточувајќи го во решенија за искушенијата што циклично и сѐ почесто ни се случуваат.
Вистинското наследство на Јаневски не е во прогласи и во форми, туку во суштинското менување на модусот на размислување и функционирање, во создавањето жива култура што ќе ги врами нашите искуства со добрите светски практики
Не знам кој како мисли, ама убеден сум дека Јаневски во суштина е трагична личност на македонската култура, токму онолку колку што се трагични неговите антијунаци, и токму во мерата во која сме ние трагични. Трагична фигура е затоа што со децении пишувал, работел, објаснувал, а ние не сме знаеле да препознаеме што ни кажува и на што нѐ предупредува. Не сме го читале.
Дури и онаа несреќна лустрација, тој страшен политички чин, чии жртви не доживеаја соодветна рехабилитација или сериозно извинување, не е ништо друго, туку токму одраз на нашата трагичност. На крајот на краиштата, таа политичка параноја постхумно да се уништуваат луѓето и тврдоглаво да се сече гранката на која седиме е брилијантно опишана токму од самиот Јаневски во неговиот расказ „Глутница“.
Јаневски својот микрокосмос го нарекува Кукулино, токму од кукањето, земјата е Каинавелија, луѓето се злобни, неуки, тврдоглави, со сон за одење во прекуокеанските или европските земји. Нема тука херои, нема место кај Јаневски ниту за Крали Марко, ниту за Александар Македонски. Неговите јунаци се ништожни, но желни за моќ (прочитајте го расказот „Власт“). Тие се детерминирани од општествениот систем што сами го создале. Нив ги уништува системот што сами го хранат.
Ете, тоа е причината зошто Јаневски е лустриран. Тоа е причината зошто не се препрочитува. Тоа е причината што стогодишнината од раѓањето на еден од најголемите македонски умови, ќе се осмелам да кажам на македонскиот Крлежа, поминува безмалку глуво. Нема оваа држава ниту сила, ниту слух да се навраќа на своите великани.
Да, градот Скопје (кој, патем речено има некоја идеја дека ќе стане европска престолнина на културата) ја прогласи оваа година за година на Славко Јаневски и најави дека една улица и една библиотека ќе го носат неговото име. Не знам до каде е таа работа, меѓутоа знам дека вистинското наследство на Јаневски не е во прогласи и во форми, туку во суштинското менување на модусот на размислување и функционирање, во создавањето жива култура што ќе ги врами нашите искуства со добрите светски практики.
Стогодишнината од раѓањето на Јаневски беше уште една испуштена можност да ги прекинеме овие сто години самотија.