Страв од култура

Постои некоја апокрифна легенда дека во овие краишта, некој тогашен прв министер за железници смртно се плашел од возови. Се разбира дека актуелниот министер за сообраќај, транспорт и врски не се плаши од сегашните македонски возови, затоа што, како што сега стојат работите, тие се многу побавни од оние „ќировци“ и парни локомотиви од почетокот на минатиот век.

Оваа анегдота не ми падна на ум за да расправам за брзите пруги и рехабилитацијата на магистралните патишта (како што тоа денес модерно се нарекува), туку како аналогија на некои други министри, не „исчистени“, туку „октроирани“ со таканаречената метла на премиерот Зоран Заев. Значи, прашањето што ме мачи е дали предложениот министер за култура, извесен Хисни Исмаили, лекар и професор на извесен тукашен медицински факултет (толку барем разбравме од првично објавената негова биографија), се плаши од овдешната култура?

Да не се разбереме погрешно, за разлика од оној несреќен „железнички“ министер со „возофобија“, стравот од културата е само додадена вредност на кој било министер за култура од која било земја. Како што сега стојат работите, повеќето „културни“ министри, од осамостојувањето до денес, ја имаат токму обратната особина – неподносливата леснотија на храброста да се соочат со ресорот, кој во принцип не го познаваат. Не велам дека господинот Исмаили е еден од тие, бидејќи не знам, но самиот факт дека јас не знам, доволно ми говори дека веројатноста човекот бестрашно да се впушти во костец со нешто што не го знае е прилично голема.

Круцијалното прашање е зошто владејачките политички елити го препуштаат овој ресор на луѓе, кои се (можно) способни, ама за некои сосема други работи? Или, поточно кажано, зошто на чело на овој ресор доаѓаат некои, ете, да кажеме, докажани профили, ама на некои други полиња? А, може и вака: зошто во првата реконструкција на Владата на Зоран Заев, единствениот реконструиран министер беше токму министерот за култура Роберт Алаѓозовски, еден од ретките кои навистина имаше компетентност за оваа позиција, произлезена од неговото долгогодишно менаџирање во таканаречената независна културна сцена?

Одговорите на овие прашања и не се толку сложени, како што можеби на прв поглед изгледаат. Политичките елити, едноставно, немаат никаков страв од културата, особено не од таканаречената жива култура. И таа, како безопасна и неподготвена за самозаштита, речиси воопшто не ги интересира. Од друга страна, веќе докажаните култур-трегери, односно менаџери во областа на културата (без оглед на нивната сексуална, расна, етничка, религиозна, политичка или каква било друга припадност) можат да бидат и тоа како опасни, можат да поставуваат непријатни прашања, да го преиспитуваат системот на вредности, а што е најстрашно, можат да воспоставуваат и нов систем на вредности.

Од друга страна, ако се прашувате зошто токму лекар ќе го води ресорот за култура, и тука имаме претпоставен одговор. Затоа што ова Министерство, според некаков коалициски договор, ѝ припаѓа на релативно малата партија Алтернатива на Гаши. Со други зборови, Алтернатива не е толку моќна да го преземе Министерството за здравство и таму да го постави својот пулен Исмаили за министер, бидејќи здравствениот ресор, според некои извори од Министерството за финансии, има средства од над 14 проценти од годишниот буџет, башка во најава е една од најголемите инвестиции – градењето на новиот клинички центар, додека, според истиот извор, во ставката наречена „рекреација, култура и религија“ (запазете го редоследот на секторите) се предвидени 1,6 проценти од буџетот.

Единствена помала ставка од „спортот, забавата и културата“ е екологијата – половина процент од буџетот! Со други зборови, културата е тука само за задоволување на партиските апетити и за меѓупартиско поткусурување, што на крајот на краиштата може да се види и од спроведените стратегии во оваа област.

Се разбира дека во овој контекст не можеме да ги избегнеме случувањата околу изборот на директор на Младинскиот културен центар во Скопје.

Радосната вест е дека со петицијата на културните работници, културата, ете, повторно избива во преден план кај голем дел од јавноста. Нерадосната вест е дека повторно станува збор за наводни проблематични кадровски решенија (се сеќавате на „Случајот Лешоски“?), а не за суштинските дефекти во функционирањето на системот на културните институции кај нас. Во ред, „случајот Бени Шаќири vs Русе Арсов+250 интелектуалци и културни работници“ можеби може да донесе некоја свест за партократијата што владее во голем дел од културните институции (ама, не мора), но, принципиелно гледано, не нуди некакви вистински одговори за вистинските прашања, за вистинските стратешки проблеми во овој сектор.

Еве, да претпоставиме вака, Русе Арсов ќе биде избран за директор на МКЦ. Најрегуларно и најправно. И кој потоа ќе ги запре потписниците на петицијата во убедувањето дека токму тие се решавачкиот фактор во неговиот избор? Иако, ајде да го претпоставиме и тоа – не се! Примерот со МКЦ се потенцира затоа што Младинскиот културен центар е наводно последното прибежиште на независната култура, што, самото по себе, е точна, ама проблематична теза. Со оваа контрадикторност, сакам да кажам дека вистинската поента на некаков „културен“ бунт би била, на пример, освојување други простори, а не персонално уредување на „последното прибежиште“.

Накусо кажано, речиси можам да тврдам дека половината од потписниците на петицијата не знаат кој и зошто е директор на Културно-информативниот центар во Скопје или на Музејот на Град Скопје и дека тоа воопшто не ги засега, како што не ги засегаат ни системските проблеми во овој кутар сектор.

Сепак, ние ќе застанеме на радосната вест – културата е повторно во центарот на вниманието!