Суспектни

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Не слушајте што зборуваат, гледајте што прават. Ова правило отсекогаш помагало да се разбијат илузиите околу новосоздадените догми, во случајов, која партија е за избори што поскоро, а која, наводно, за што подоцна. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со денови, тврдат дека изборите не се во нивните три приоритети.

Како прв приоритет го посочуваат здравјето на граѓаните и велат дека услови за изборно соочување ќе се создадат кога нема да се бројат жртви од корона вирусот, кога ќе нема опасност од заразување, и кога граѓаните без страв ќе можат слободно да ја изразат својата волја. 

На овој став не може да му се најде мана. Но, во македонцките работи, за жал, секогаш има едно „но“, кое ги открива лажните морализирања.

Во време кога сѐ уште се бројат жртви од вирусот, кога се намалува, но сѐ уште не е завршена опасноста од заразата, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, именуван во техничката влада на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, најдиректно ги оспори сите погоре презентирани ставови на партијата.

А кога ВМРО-ДПМНЕ нема да изусти ни збор за пропустите на полицијата и за одговорноста на нејзиниот министер, повеќе не може да тврди дека ѝ е приоритет здравјето на граѓаните. Едното со другото не оди

Во време кога се во сила мерките за спречување масовно собирање, која ја контролираат и санкционираат полицајците на кои тој им е министер, Чулев организираше прослава/собир на Денот на полицијата, каде што присутните седеа без никаква физичка дистанца!

Уште и мораа да „дуваат свеќички“ на роденденска чадна бомба, со која ги послужи медиумите, дипломатите и другите гости, но тоа е друга приказна, која, исто така, бара одговори.

Истиот ден, полицијата со која тој раководи, во Струга немо ја набљудуваше верската манифестација, на која се собраа стотици верници. Да не беа на чело на колоната свештени лица, човек ќе помисли дека станува збор за партиско-изборен митинг. Да не зборувам за голем број присутни мајки со деца помали од 10 години, (се видоа и бебешки колички), кои имаат олеснителна мерка да не мора да одат на работа, ама очигледно не и на литија.

Верувам дека на полицијата ѝ било непријатно да влезе во конфронтација со верските чувства на граѓаните. Но, кога веќе била таму, можела барем да организира ред –луѓето во колоната да се движат на соодветна дистанца. Ни тоа не било направено. Зошто?

Најголемиот дел беа без маски, а сите заедно начичкани еден до друг, додека партии држат предавања дали ќе било безбедно да се оди на гласање и каква ќе била дистанцата меѓу гласачите. Сигурно поголема од онаа на струшката литија.

А кога ВМРО-ДПМНЕ нема да изусти ни збор за пропустите на полицијата и за одговорноста на нејзиниот министер, повеќе не може да тврди дека ѝ е приоритет здравјето на граѓаните. Едното со другото не оди. Се претвора во демагогија и предизвикува домино-ефект.

Дилеми има многу, но онаа за условите за (не)одржливост на изборите ќе мора да се аргументира со навистина точни и искрени аргументи. Зашто, ако се суди според учинокот на Чулев, избори може да има уште утре: сите собири станаа дозволени

Па сега, Исламската верска заедница на вонреден состанок одлучила џамиите на 12 мај да се отворат за молитви за верниците, и велат дека оваа одлука ќе наиде на разбирање кај надлежните државни институции. Ајде сега Наќе Чулев, со сиот струшки путер врз главата, нека им каже дека не смеат. Откако вчера други смееле. Или ВМРО-ДПМНЕ нека ѝ укаже на ИВЗ дека приоритет е здравјето на граѓаните.

Тогаш  ќе мора да одговори зошто некои би биле поеднакви од другите во верските права. Партијата не ќе може да даде аргументиран одговор на ова, бидејќи веќе промовираше прилично „суспектна“ позиција.

Ако продолжам со оние неподносливи термини од лекарскиот речник, заклучокот би бил: приоритетот на ВМРО-ДПМНЕ за здравјето на граѓаните „егзитираше“ токму заради нивниот молк и лицемерни принципи. Не може да претендираат на објективност „постмортем“ на тие принципи, и да се обидуваат и натаму да пропагираат здрави политички позиции, бидејќи тие им се загрозени и од коморбидитетите што ги прикажа Чулев во (не)постапувањето, пред кои, исто така, одмолчаа.

Да не зборувам за молкот пред урлањето на навивачите под ѕидините на црквата „Свети Спас“. Не слушнавме дека тоа собирање е санкционирано. Се случи ли воопшто, или беше само некаков визуелен отсјај, реминисценција на некои стари злоупотреби на навивачките групи?

Дилеми има многу, но онаа за условите за (не)одржливост на изборите ќе мора да се аргументира со навистина точни и искрени аргументи. Зашто ако се суди според учинокот на Чулев, избори може да има уште утре: сите собири станаа дозволени.