„Св. Прохор Пчињски“ повторно меѓу Македонците

Есента, сега веќе дамнешната 1988 година, од некои за мене сѐ уште нејасни причини, Македонската академија на науките и уметностите реши со југословенски научен собир да ја обележи 70-годишнината од формирањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, односно на Кралството Југославија.

Велам дека и тогаш, како впрочем и сега, причините ми беа нејасни. Првин, затоа што за македонската официјална историографија, таканаречената „прва“ Југославија беше „зандана на народите“ (ние се колневме во „втора“ Југославија, односно онаа по 1945 година), така што не се гледаше некоја особена причина, ние тука да го бележиме датумот на верифицирањето на поделбата на Македонија, па дури и преку југословенски научен собир.

Јасно е дека македонскиот дискурс секогаш беше дека манастирот е македонски, светецот е македонски и како „крунски доказ“ дека е наш беше фактот дека таму се одржало Првото заседание на АСНОМ

И, второ, затоа што во тоа време, националните романтизми ширум некогашните југословенски републики наголемо беа разбранувани, па, исто така, не се гледаше некоја рационална причина зошто токму МАНУ би била домаќин на некој таков собир.

Во тоа и такво време, една од „пожешките“ теми што се пласираше во македонската јавност беше територијалната припадност на манастирот „Св. Прохор Пчињски“, односно дали тој се наоѓа на македонска или на српска територија. Ете, се појавуваа, не само новински текстови, туку и цели публикации на таа тема.

Јасно е дека македонскиот дискурс секогаш беше дека манастирот е македонски, светецот е македонски и како „крунски доказ“ дека е наш беше фактот дека таму се одржало Првото заседание на АСНОМ.

Дури и јас, иако релативно млад новинар во тоа време, заедно со еден мој колега, пишував и објавив текст во тогашна „Нова Македонија“, токму околу разграничувањето на Македонија и Србија по Втората светска војна. Се разбира, поводот беше „Св. Прохор Пчињски“, иако некои други територии излегоа далеку поспорни отколку манастирот. Дури и се сеќавам на насловот на текстот  „Опинците на Стошиќ“.

Во таа атмосфера, Воислав Шешељ, со својата булумента, отиде до манастирот и ритуално ја искрши спомен-плочата со која се одбележуваше одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Овој чин не беше официјализиран од српските власти (читај: Слободан Милошевиќ), ама не беше ниту вербално, а уште помалку реално осуден.

Подоцна, кога манастирот конечно помина во рацете на Српската православна црква, спомен-собата на АСНОМ беше, ајде да кажеме така, расчистена и стана – манастирска трпезарија. Уште со потезите на Шешељ беше јасно дека традиционалните прослави на одржувањето на Првото заседание на АСНОМ во овој објект, повеќе не доаѓаат предвид. Па, се изгради Меморијалниот центар во Пелинце итн.

Без оглед на временскиот распоред на настаните, во таа 1988 година, токму тогаш кога се одржуваше споменатиот научен собир, атмосферата беше токму ваква – наелектризирана и полна со недоверба. И токму на Собирот на МАНУ, „главна ѕвезда“ беше никој друг, туку, тогаш веќе во поодминати години, најмладиот член на терористичката организација „Млада Босна“ (Србите би рекле „национал-револуционерната“), а со самото тоа и најмладиот член на атентаторската група што ги уби австро-унгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија, босанскиот Србин, професорот Васа Чубриловиќ (1897 – 1990).

Мислам дека е малку да се каже дека Васа Чубриловиќ имаше некаков националистички дискурс. Уште од пред Втората светска војна беа познати неговите ставови за албанското прашање (или како што тој го нарекува во доцните 30-ти години на минатиот век „арабанашко“). И тие ставови воопшто не беа милозвучни. Напротив. Или неговите ставови за непостоењето на Црногорци, Македонци итн. Сите бевме Срби. Кои несвесни, кои одродени, кои онакви или вакви…

Како таков, како контроверзен комунист со националистички ставови, како една историја што оди и е за првпат по шест децении во Скопје, Васа Чубриловиќ беше „легитимна мета“ на мојот новинарски интерес. И, заедно со уште еден колега, му направивме интервју. Тоа е веројатно најпиторескното интервју што кога било сум го направил.

И, се разбира, ниту сакав, ниту ја избегнав тогаш за нас важната тема, манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Чубриловиќ, ако ме држи сеќавањето, рече дека се разбира дека манастирот е македонски. Рече уште дека ако се наоѓал тој манастир, по некој случај, во Латинска Америка, на пример, среде Венецуела, повторно би бил екс-територија, односно македонска територија, затоа што тоа е важно за Македонија, а не за Србија или за Венецуела.

Чинот на Шешељ го оквалификува како „чист примитивизам“. Меѓутоа, додаде дека треба да знаеме дека не постои српско семејство што нема гроб во Македонија, дека тие луѓе тука биле обични луѓе, а ние тие гробови ги уриваме, бетонираме, правиме паркинзи од нив… А чувањето гробови е една од најголемите одлики на цивилизацијата.

Овој одговор, со целиот свој контекст, го најде своето место во интервјуто, издвоен во рамка и посебно обележен. Можете да го замислите моето изненадување, поточно мојот револт, кога сфатив дека делот за македонскиот однос кон српските гробишта воопшто го нема.

Нашиот претседател ќе оди во „Св. Прохор Пчињски“ да го одбележи нашиот голем ден. Не знам зошто, ама мене токму овој симболичен гест ми е баш тоа – симбол на заокружувањето на нашата државност

Подоцнежното образложение на мојот тогашен уредник беше дека „нема Чубриловиќ нам да ни кажува што и како да правиме“. Иако може да ни кажува дека „Св. Прохор Пчињски“ е наш!

Како и да е, разговорот со Чубриловиќ околу историскиот манастир продолжи. Го прашав, кога е веќе така, кога е тоа македонска екс-територија, зошто Србија не покаже добра волја и не го направи тоа така, туку сака да ги урне сите спомени на нашата државност. Да се разбереме, Чубриловиќ, како впрочем и повеќето српски националисти, веруваше во Југославија, се разбира под српска доминација. А во времето на правењето на интервјуто, Југославија, барем формално-правно, уште постоеше.

Тогаш Чубриловиќ ја кажа клучната реченица, која овојпат од некои наши сфаќања (мои и на мојот колега) не влезе во интервјуто. Рече нешто отприлика вака: „Кога ќе имате државност, можеби и тоа ќе се случи“.

Целата оваа дамнешна приказна ми се врати во сеќавањето со најавата дека претседателот Стево Пендаровски ќе оди (со соодветна делегација), утре, на Илинден, токму во „Св. Прохор Пчињски“. Се разбира, со знаење, одобрување и добра волја на српските световни и црковни власти.

Македонија, што би рекол поетот, помина премногу премрежија. Сепак, денес сме запишани под име во регистарот на Обединетите нации, а не под референца (колку и да ни се допаѓа или нѐ нервира тоа име), рамноправна членка сме на Северно-атлантскиот пакт (НАТО), го почнавме преговарачкиот процес со Европската Унија (килаво или не, тоа е тема за друг текст), Македонската православна црква влезе во семејството на православните цркви.

И, знаете што, нашиот претседател ќе оди во „Св. Прохор Пчињски“ да го одбележи нашиот голем ден.

Не знам зошто, ама мене токму овој симболичен гест ми е баш тоа – симбол на заокружувањето на нашата државност.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија