Едно е легитимна критика на политиките на ДУИ од страна на политичките опоненти и јавноста, сосема друго е пресметување со неа преку изборот на Талат Џафери на чело на преодната влада. Небаре Џафери паднал од небо, дошол од Недојдија и лапнал функција. Зборуваме за истиот Талат Џафери, кој беше пратеник во три мандати, заменик-министер за одбрана, министер за одбрана и претседател на Собранието во два мандата.
Но, најголемата провокација за јавните одгласи околу изборот на Џафери за премиер го предизвика токму ДУИ преку триумфалистичко етнизирање на функцијата, сведена доминантно на описот „прв премиер Албанец“.
Оваа приказна, која под мотото „Pse jo“ почна со номинирање нa Насер Зибери за премиерска функција, финишираше со изборот на Џафери, со ревија од брендирани вратоврски на кој е испишан историскиот датум, канцелариски веселби на ДУИ и развозување новинари од соседството со возила на државни институции. Сето тоа за потребите на медиумското следење на големата „свадба“, каде што ДУИ дојде со невеста.
Фалењето со етничката припадност на премиер во граѓанско општество не е европски манир, во време кога на сите устата им е полна со Европа
Кај опозициските партии на Албанците, тоа шоу предизвика порив да му ја симнат „круната“ на Џафери, повторувајќи дека функцијата е само техничка. Демек, „кока кола лајт“. Но, премиер е премиер, без разлика дали предводи преодна или редовна влада. И Емил Димитриев беше „технички“ премиер, ама истурка 16 месеци на таа функција (од 18.1.2016 до 1.7.2017 година), што не беше мал период во тие политички кризни времиња.
Да се пролонгираа изборите уште еднаш, Димитриев ќе имаше стаж колку и „редовниот премиер“ Димитар Ковачевски. Техничката влада предводена од Оливер Спасовски функционираше осум месеци, во критичен период со пандемијата предизвикана од корона. Актуелните проблеми не прашуваат дали функционира преодна или редовна влада.
Фалењето со етничката припадност на премиер во граѓанско општество не е европски манир, во време кога на сите устата им е полна со Европа. Од една страна имаше крајно фалбаџиско и свадбарско однесување на врвот на ДУИ, сето тоа добро медиумски и политички пофалено од Тирана и вешто релативизирано од косовскиот премиер Албин Курти.
По малоречанскиот восклик за „историскиот ден“, по опозициската потсмешливост кон „стоте дена“ греење на фотелјата за идниот премиер, по фалбите од Еди Рама за историската лекција на Ахмети, се огласи и Албин Курти.
Тој, „на поранешниот претседател на Собранието на Македонија, Талат Џафери му посака успех на новата функција – премиер во техничката влада, која три месеци подоцна ќе ја води соседната земја на избори“.
И ништо во овој избор на зборови не е случајно. Најмалку е случајно потсетувањето дека Џафери бил претседател на Собранието, што е повисока функција од премиер на преодна влада со мандат од три месеци. Во превод – историскиот ден го изедначи со симнување од коњ на магаре.
Покрај пораката Македонија како партнер на Приштина и на Западот да се држи подалеку од Москва, беше наведено дека она што го очекува Приштина е овде да се промовираат вредности на соживотот и борба против етничката дискриминација. Во превод – прашање е дали овој избор е резултат на такви вредности и на таква борба.
И трето, Курти изрази уверување дека со колегата Џафери ќе го продолжат патот на меѓувладината соработка, како што било и со неговиот претходник Ковачевски, на кого Курти му честиташе за вредностите што ги одразувал за време на неговото раководење. Во превод – нема поголеми очекувања од Џафери, во однос на соработката што ја имало со Ковачевски.
Халеевата комета последен пат била видлива од Земјата во 1986 година. Токму таа година на значајни функции биле избрани двајца Албанци, кои деновиве често ги спомнува опозицијата – Вулнет Старова и Синан Хасани. Ако барате симболика, сигурно ќе ја најдете
И во овој случај, Џафери беше „таблата“ преку која се испишаа политички пораки во триаголникот Скопје – Приштина – Тирана, сите со изборна навигација.
Иако во изборна година, очекувано е вакви пораки да добиваат поголем интензитет, сепак, повеќе разочара нивото на внатрешна комуникација.
Ако е „небитен“ премиерот и преодната влада што треба да ги спроведат изборите, како тогаш се битни изборите? Како е битен легитимитетот што треба да се добие преку изборната волја на граѓаните, за да функционираат институциите од кои очекуваме поголема ефикасност, нова енергија и европски стандарди?
Забелешките кон ДУИ, критиките за раскалашено однесување на дел од нејзините функционери, критиките за корупција, не се цехот што треба да го плати Талат Џафери како челник на преодната влада. Тие нешта треба се решаваат во надлежните институции.
А по големата реклама за историското достигнување на Албанците, Џафери сега е пред голема обврска. Откако е устоличен како „прв премиер Албанец“, не ќе може за грешките да биде виновен „премиерот“, а за успесите заслужен „Албанецот“ во него.
Тој треба да потврди дека со ништо нема да ги прекрши законите, доброто владеење и угледот на државата, за време на неговиот мандат. И на тој начин да отвори пат – кој било следен избор на припадник од немнозинска заедница на некоја од државните функции – да не биде дочекуван како појавување на Халеевата комета – еднаш на 70 и кусур години.
Оваа комета, последен пат била видлива од Земјата во 1986 година. Токму таа година на значајни функции биле избрани двајца Албанци, кои деновиве често ги спомнува опозицијата – Вулнет Старова и Синан Хасани. Ако барате симболика, сигурно ќе ја најдете.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија