Теориите на заговор се глупави сами по себе. Дури и тогаш кога некои сегменти од реалноста ќе им дадат за право. Тие се како расипан часовник. И расипаниот часовник два пати дневно покажува точно време, но тоа не значи дека не е расипан.
Оној момент кога едно општество не може, поточно не сака, да ги стандардизира и да ги рационализира, со еден збор да (си) ги објасни процесите што му се случуваат, тогаш се прибегнува кон ширење на – теориите на заговор. А тие се шират, се разбира, преку медиумите, бидејќи медиумите и по дефиниција се канали за прибирање, селектирање, анализирање и дистрибуирање информации. Нивната улога е токму „нештата да станат појасни“, односно да се рационализира ентропијата што нѐ опкружува и така да му се олесни животот на нивниот консумент.
Затоа медиумите се и толку подложни на манипулација – кога фактите не одговараат на посакуваната стварност. И затоа во новата фаза на македонскиот медиумски срам е токму поплавата на најапсурдни (бело)светски заговори чија единствена цел е да се урниса државата Македонија и нејзината успешна приказна, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, се разбира.
Не дека Македонија и досега била имуна кон вакви и слични езотерии, но приказните околу тоа дали човекот се качил на Месечината и дали Земјата е рамна, па дури и за илуминатите, масоните, Билдерберг групата… сепак спаѓаат во светската фолклорна ризница на помалку или повеќе бенигната глупост.
Веењето на недоветните и извеани новокомпонирани македонски приказни за светските заговори не се ни толку бенигни, а најмалку се безопасни. Со нив, всушност, се остваруваат повеќе цели. Првата е да се замагли до непрепознатливост организираниот криминал со кој и поради кој очигледно се владее(ло) и по можност да се префрли одговорноста од владејачката врхушка на некој друг.
Во изборот на новопечените непријатели нема некоја голема селекција: од опозицијата (пред сѐ лидерот на опозицијата), граѓанскиот сектор (сороспии, платеници), одродени Македонци, па сѐ до половината од современиот релевантен свет: САД, Велика Британија, Германија, Италија, Холандија…
Следната цел е исто така врзана со сеење магла – демек земјата е екстремно успешна, ама тоа не им одговара на новиот светски поредок и на клетите непријатели, па затоа ни увезуваат кризи (Сорос, Канвас, странски служби, пуч). И конечно, третата цел (никако помалку важна), на државата ѝ се заканува исчезнување, а неа може да ја спаси само еден човек, односно лидерот на владејачката партија. За таа цел странските инсталации (сите најважни светски разузнавачки служби!) и овдешните архетипски непријатели (кодоши, продадени души) прават напори за негова елиминација (затворање, атентат).
Веењето на недоветните и извеани новокомпонирани македонски приказни за светските заговори не се ни толку бенигни, а најмалку се безопасни. Одбраната на власта и на личниот комодитет веќе се претвора во отворени повици за насилство кон неистомислениците и забрана на нивни здружувања
Ако непријателите успеат да го тргнат Груевски од политичката сцена, тоа значи дека ќе немаат никаква пречка да ги реализираат своите планови. И затоа народот треба да им се спротивстави по секоја цена! И тука доаѓаме до опасната зона. Одбраната на власта и на личниот комодитет веќе се претвора во отворени повици за насилство кон неистомислениците и забрана на нивни здружувања.
Во теоријата, онаа „нормалната“, научната, преовладувањето на теориите на заговор се смета за сериозна индиција за заболеност на општеството. Имено, според студијата на канадскиот социолог Гордон Пеникук и неговите соработници „On the reception and detection of pseudo-profound bullshit“ („За прифаќањето и детекцијата на псевдодлабокоумните гомненици“) од ноември минатата година, теориите на заговор се конструкции кои, иако навидум имаат потенцијално подлабоко значење, всушност се збир на случајно одбрани зборови, наредени во реченица што ја задржува синтаксичката структура. За разлика од обичниот нонсенс, тие се нешто што упатува на некаква вистина, а всушност не ја содржи.
Теориите на заговор се глупави сами по себе. Дури и тогаш кога некои сегменти од реалноста ќе им дадат за право. Тие се како расипан часовник. И расипаниот часовник два пати дневно покажува точно време, но тоа не значи дека не е расипан.
Истражувањето на Пеникук, направено врз околу 300 испитаници, покажува дека најмногу доверба во теориите на заговор имаат луѓето со помала интелигенција. Во истражувањето се заклучува дека станува збор за личности кои се „помалку самокритични, со послаби когнитивни способности и многу посклони кон онтолошка конфузија“.
Кај нас, се разбира, нема вакви истражувања, па не можеме да тврдиме колкав дел од популацијата е склон да поверува на будалштините на медиумите. Но, затоа со голо око се гледа дека оние чиј опис и попис на работното место е креирање на јавното мислење, значи новинарите и медиумските професионалци, во голем број спаѓаат во оваа група.
Дури и на прес-конференцијата на српскиот премиер Александар Вучиќ, одржана веднаш по дознавањето на резултатите од актуелните предвремени избори, една наша колешка го запраша за можноста да се направи меѓудржавна коалиција како заштита од дејствувањето на агенцијата „Канвас“! Вучиќ, кој и самиот покажува склоности за манипулирање со теориите на заговор, одговори дипломатски, воздржувајќи се да не биде прегруб.
Во меѓувреме, еден весник започна серија текстови на темата за светскиот заговор против Македонија. Првото продолжение беше промптно пренесено од таканаречените провладини медиуми, така што не се сомневаме дека истото ќе се случи со целиот фељтон. Оние пак, кои немаат толку трпение за читање, можат да се задоволат со нешто покуси сочиненија, на пример за тоа што значи буквата „Т“ почетна на сите досегашни истраги на Специјалното јавно обвинителство или дека ЦИА го финансирала апстрактниот експресионизам во ликовната уметност, односно Џексон Полок, како дел од студената војна против комунистичкиот блок (се разбира, со поттекст на естетската страна на Шарената револуција).
Нашето општество и досега покажуваше сериозни знаци на болест. Дијагнозата ја постави уште Прибе, а Пржинскиот договор требаше да биде терапија што ќе го излекува. Во овој момент се чини дека се оди на мошне подрастични терапевтски методи – оние што подразбираат бела кошула со долги ракави, врзани на грбот.