Таа дупка не е дупка

Да кажеме дека големиот одрон и поплавата на Плетвар се резултат на природна непогода. Конечно, и во држави за кои владее мислењето дека многу повеќе се грижат за овој тип безбедност на сообраќајот, се случуваат вакви работи. Велам, да кажеме, затоа што Македонија, сепак, е мала земја и релативно лесно може да се направи своевиден катастар на црни точки за можни одрони и тие соодветно да се заштитат.

Но, ете, како олеснителна околност ќе го земеме фактот дека веќе се навикнавме тука секоја година да паѓаат дождови што паѓаат еднаш во сто години. А против такви дождови, како што веќе и досега нѐ убедуваа – одбрана нема!

Колку повеќе дупки на патиштата – толку повеќе вулканизери. Колку подлабоки дупки – толку повеќе лимари

Но, ете, ако го објасниме Плетвар како резултат на невремето, како ќе ја објасниме дупката што се појави на мостот пред Драчево? Како резултат на некоја натприродна сила од вселената што доаѓа тука на секои сто години и ги буши нашите мостови?

Дупката на драчевскиот мост ме потсети на еден мој дамнешен текст, пишуван можеби пред две децении за тогашниот „Утрински весник“. Текстот беше насловен „Драчевска дупка“ и во него беше констатирано дека дупките на најпрометната драчевска улица, токму онаа што води од мостот, преку Драчево, кон Студеничани, Моране, Орешани, Зелениково…, ја имаат таа натприродна особина самите да се регенерираат, да се шират и да се спојуваат, така што во еден момент целиот асфалт ќе биде претворен во една голема дупка. Заедно сосе мостот над Маркова Река.

Се разбира дека оттогаш до денес малку што се променило. Драчевските дупки и натаму се жилави во борбата против автомобилите, кои на ниту еден начин не можат да ги заобиколат. Ако веќе некоја од поударните дупки и се санира, секогаш се тука на помош неизнивелираните шахти, поставени на стратешки места, што, едноставно, не можете да ги прескокнете. А кога врне дожд, бидете уверени во ова, никој во Драчево не поминал жеден преку вода.

На оној што ќе му успее да го извози овој слалом без да направи посериозни оштетувања на амортизерите или без да ги искине гумите, може да му се случи она што му се случи на авторот на овие редови – едноставно, да му отпадне ауспухот. Со ширењето на славната Драчевска дупка на мостот меѓу Пинтија и Драчево, веќе не се во опасност само фелните и амортизерите, туку лично и човекот што го вози автомобилот.

Но, не се само драчевските дупки, и не се саде во Драчево, ги има по целата наша мила татковина. По сите патишта и автопатишта, секаде каде што има асфалт. Многу години се чудев како секоја македонска влада, секоја локална самоуправа, со еден збор секоја власт се колне во градежништвото како главен фактор во растењето на општествениот производ. И како ниту една од сите променливи власти не успеа во графата „градежништво“ да ја стави и патната инфраструктура. Или тој тип градежништво не го крева општествениот производ.

Всушност, има некоја логика во неправењето ништо околу патиштата и автопатиштата. (Во случајов ќе бидеме милостиви и нема да се осврнуваме на она долговечно правење на некои 30-тина километри автопат меѓу Кичево и Охрид).

Имено, ако сака човек да биде позитивен кон целата оваа издупчена работа, ќе каже дека ова е шанса за развој на малите бизниси. Колку повеќе дупки на патиштата – толку повеќе вулканизери. Колку подлабоки дупки – толку повеќе лимари. И сите тие, не само што ќе имаат обезбедена работа, туку ако продолжи овој повеќедецениски тренд (а како што сега изгледа нема никаква причина да се прекине), тие ќе имаат сериозни шанси за ширење на сопствениот бизнис, вработување нова работна сила, инвестирање во таканаречените гринфилд инвестиции.

Таа дупка е метафора, па и парадигма на целото наше суштествување на тлото на библиската земја Македонија

Со други зборови, луѓето ќе си ги плаќаат даноците, давачките и така ќе го полнат буџетот. Од друга страна, парите што ќе ги добиваат се додадена вредност. Со нив нововработените ќе купуваат чевли од Куманово, конфекција од Штип, мастика од Струмица…

Вработените, пак, во фирмите што ја продаваат оваа стока, со вишокот пари ќе купуваат автомобили, ќе возат по патиштата со дупки и одрони. И потоа ќе ги поправаат своите автомобили кај своите потрошувачи. Следствено ќе се отвораат нови автомеханичарски, вулканизерски и слични бизниси, па потрошувачката ќе биде уште поголема. Со други зборови, нашите дупки, всушност, се инвестициски дупки.

Ако сакаме да бидеме искрени, ќе кажеме дека култот на дупката во патот одамна се гради во нашата традиција. Земете го само за пример оној прекрасен оксиморон „ударна дупка“. Во превод тоа би значело дека дупката ве удира вас, а не удирате вие во дупката. Значи, една празнина, едно ништо ви го згорчува животот. Или, што би се рекло, покрај ударни бригади, постојат и ударни дупки.

Освен ударните, се разбира, има и други видови дупки. Постојат дупки во меморијата, дупки во знаењето, дупки во историјата… Но, главно дупките се делат на природни и вештачки. На оние што ги направила природата и на оние што ги направил човекот. И на дупката на мостот пред Драчево, како посебна категорија.

Затоа што, во суштина, како во онаа старата глупава шега, таа дупка не е дупка. Таа дупка е метафора, па и парадигма на целото наше суштествување на тлото на библиската земја Македонија.