Што е табу? Википедија, меѓу другото, вели: „Во некои заедници, табу ги претставува обичајните норми што по ниту една цена не смеат да се прекршат.“ Вештачката интелигенција, пак, вака ми го објаснува табуто во современото општество: Поимот „табу“ во современи услови може да се дефинира како социјално или културно ограничување што забранува или стигматизира одредени теми, однесувања или практики, иако тие не се нужно незаконски или морално погрешни според универзални стандарди.
Тоа е еден вид невидлив кодекс што го регулира она што е „прифатливо“ во даден контекст – и често функционира како огледало на колективните стравови, вредности и идентитети.
Но, ниту Википедија, ниту копилотот на Мајкрософт не кажуваат каква казна следи ако се прекрши табуто. Иако може да се претпостави дека прекршителот го чека еден прилично дебел колективен стап. Она што е побитно е дека ниту еден од овие дигитални умови и неисцрпни извори на знаење, од некои причини, не го кажуваат она што е видливо со голо око: во заедници во кои не смеат да се кршат табуата, сите други норми можат да се кршат колку што душа ти сака.
Реторичкото прашање е дали Македонија влегува во оние заедници, каде што „табуата по ниту една цена не смеат да се прекршат“?
Со табуата неминовно се врзани и тотемите, тие божества чие допирање значи најстрашен вид богохулење.
Еве ја повторно вештачката интелигенција: „Во денешен контекст, тотемот може да се дефинира како симболичен објект, фигура или идеја што претставува идентитет, припадност, вредност или духовна ориентација за поединец или група. Тој не мора да биде животно или физички предмет – може да биде бренд, личност, уметничко дело, дури и концепт.“
И, меѓу другото, додава: „Тотемот често функционира како визуелен или концептуален репрезент на личен или колективен идентитет.“
За една полемика
Целата оваа дидактичка ламентација за табуата и тотемите е предизвикана од една, според мене, мошне важна полемика што деновиве се води по медиумите, порталите и социјалните мрежи. Читателот е веројатно во тек, но накусо: полемиката, можеби и без да сака, ја почнува Венко Андоновски со отвореното писмо во кое предупредува за наводната загрозеност на спомен-куќата и оставнината на Петре М. Андреевски во Слоештица.
По официјалните демантирања од Општина Демир Хисар, во полемиката се појавува мојот колега Бранко Тричковски, разбранувајќи ја македонската културна и интелектуална јавност со неговиот обид за критичко преиспитување на уметничките квалитети на Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски и Горан Стефановски.
Што предизвика толкав гнев кај нашите мислечки луѓе? Тричковски, во својата објава, всушност, ја проблематизира главната тематска определба на овие автори – Македонија. Тој, меѓу другото, вели:
„Никогаш нема да откриеме какви биле вистинските потенцијали на Петрета, но затоа знаеме дека делата што ги пријави во конкретните услови, се пристојно и поздравително државотворни и повеќе од скромни во уметничка смисла.
Како и на Гане, Анте и на другите великани на ударните бригади на македонското писателство. Македонија го има ограничено, па дури и уништено талентот на овие луѓе, кои по фестивали, кафеани и безвезни здруженија се потрошија себеси во величањето на Македонија, особено на нејзините страдања. На страдањата како нејзина суштина.“
Заедничкиот именител од бројните реакции на констатациите на Тричковски од типот дека Петре М. Андреевски е на нивото на „средношколски поет“ или дека дури и Горан Стефановски, кој е „малку над“, сепак не успеал да избега од „македонската приземјеност“, се сведува на две констатации: „македономрзец“ и „кој си па ти?.“ И, се разбира, на куп лични дисквалификации и навреди.
Сепак, највпечатлив во оваа врева е реакцијата на (исто така) мојот колега Бранко Героски. Не навлегувајќи во личните релации меѓу овие двајца новинари и некогашни соработници, според мене, Героски напиша исклучително опасен текст за македонскиот јавен простор.
Дури би рекол дека не се опасни неговите навреди кон Тричковски: „луд“, „Бардовац“, „медицински проблем“, „македономрзец“ и слични епитети. Опасно е што ставовите на Тричковски за уметничките вредности на овие автори, Героски ги поистоветува со „говор на омраза“. И не кон авторите (затоа што тука буквално и нема говор на омраза. Не вели Тричковски дека Андреевски е „џуџето од Слоештица“, на пример). Туку буквално за „говор на омраза“ кон цела Македонија! Опасно е дека во таа смисла и буквално ја повикува цела Македонија да застане на браникот на одбрана од Тричковски и неговите „токсични“ ставови.
Опасно е што Героски ги пребројува луѓето што ставиле „лајк“ на фејсбук-постот на Тричковски, па така и актерот Петар Арсовски ќе биде ставен на столбот на срамот затоа што „лајкнал“, односно се согласил со ставовите на Тричковски. Па, уште ќе му биде забележено дека играл во филм по сценарио на „средношколскиот поет“ Андреевски. Безмалку е прогласен за лицемер поради овој факт! Или ќе играш во филм по негово сценарио и нема да ставаш лајкови по вакви постови или ќе ја одбиеш улогата.
Посредно се кажува дека сите ние треба да внимаваме каде и зошто ставаме „лајкови.“ Моралната или поточно табу-полицијата на гласноговорниците на „проверените“ вредности на „македонизмот“ нѐ чека зад секој агол. Ако не сакаме да бидеме „македономрзачи“ и изложени на секакви малтретмани – тогаш памет во глава. Ете, така го сфатив јас текстот на Героски.
Негување тотеми
Своевремено, и јас лично се судрив со култот на Петре М. Андреевски. Бев член на жири-комисијата за наградата „Роман на годината“, кога во конкуренција беше и неговиот последен роман „Тунел.“ И не влезе во финалниот избор за наградата. Се сеќавам дека влегоа романи на Јован Стрезовски, Луан Старова и на Гоце Смилевски, но „Тунел“ не влезе.
Некој од жирито нѐ предупреди дека нѐ очекува пекол. Јас не знам колку телефонски јавувања со навредливи пораки, па дури и закани, не добив тие неколку дена. И се случи да го сретнам Петре некаде на улица (кој инаку беше претседател на првата жири-комисија за оваа награда) и разговорот да оди по стандардната шема: „Кој си ти, кои сте вие да решавате за тоа кој квалитет сум јас?“ Бадијала беше „вадењето“ на другите членови на жирито. Во тој момент и тие беа дилетанти.
Бев доволно дрзок да му кажам дека се извадил на „репутација и стара слава“ и дека „Тунел“, ако по некој случај бил потпишан со друго име, ќе отпаднел многу порано. Петре не рече ништо, само си замина.
Инаку, како информација, тогаш, покрај мене, жири-комисијата ја сочинуваа: Димитар Башевски, Оливера Николова, Благоја Иванов и Игор Исаковски, а наградата ја доби Гоце Смилевски за романот „Разговор со Спиноза.“
Она што е битно, продолживме да се дружиме со Петре. Јас дури и му го разбрав суетниот афект во тој момент, но разбрав и нешто друго: Петре не се чувствуваше како тотем на македонската државност. Не се чувствуваше како недопирлив. И не рече дека жири-комисијата ја сочинуваат луѓе што ја мразат Македонија. Не рече дека јас сум „македономрзец.“
Всушност, важноста на оваа полемика не ја гледам толку во проценките на уметничките вредности на „бардовите“ на македонската литература, туку во нејзиниот „нус-производ“, одржување и негување тотеми и табуа. Зошто, на пример, не смеам да кажам дека Тоше Проески не пее добро? Или дека Кирил Лазаров има најмногу „потрошени“ топки во историјата на македонскиот репрезентативен ракомет? Или дека потегот на Питу Гули на Мечкин Камен не е воопшто херојски, туку безумен?
Или дека Ристо Шишков е потпросечен актер? Или, ако сакате, дека „Дениција“ на Петре М. Андреевски е на ниво на „средношколска поезија“? Дали тоа ме прави поголем „македономрзец“ или помал „македонољубец“? Зошто сето она што носи предзнак „македонско“ мора да ми се допаѓа? И зошто не смеам да ги преиспитувам вредностите што од некои причини се доведени на ниво на канон, да не кажам табу.
Не е тука битно моето мислење за кој било од наведените примери. Битно е дека како цивилизација, ако воопшто сме цивилизација, мора да се ослободиме од самоцензурата, потклекнувањето на стереотипите и да дозволиме да се слушнат најразлични мислења. Да се преиспитуваме. И, ако сакате, да се препрочитуваме. Како што тоа, всушност, го прават сите цивилизирани земји. Проверувањето и осознавањето на вредностите не е факт што е даден еднаш засекогаш, туку напротив, тоа е процес што се одвива и ќе се одвива во континуитет.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија