Тито и јас

Претпоставувам дека не е  примерно на отстапениот простор за овој текст авторот да ги изнесува сопствените лични искуства. Но, сепак, верувам дека читателот ќе пронајде разбирање за мојот случај, затоа што сум убеден дека тој е добра илустрација за она што секојдневно ни се случува.

Имено, при една од моите несоници, на пример некаде околу четири наутро, сфатив дека тој ден е 25 мај, некогашниот Ден на младоста и роденденот на Јосип Броз Тито. И во момент на целосно безделничење, какво што само може да биде во таа глува доба, на мојот фејсбук-налог напишав еден наводен цитат од Јосип Броз. Уште од мали го слушавме тој цинизам: „Нема потреба мојот роденден да биде празник. Нека биде тоа Ден на младоста“. Ја напишав таа реченица и, се разбира, го наведов името на Маршалот како нејзин наводен автор.

Кога следниот пат го отворив сопствениот фејсбук-профил, таму веќе имаше педесетина коментари од мои пријатели, кои, речиси сите, го честитаа – мојот роденден! Во моментот кога се пишува овој текст, на таа изјава стојат преку 120 честитки за роденденот и има повеќе од 310 допаѓања (на македонски: лајкови).

Се разбира дека не ми беше јасно кој дел од цитираната изјава ги навел луѓето на помислата дека ми е роденден. Во еден од ретките коментари што разбраа за што се работи, односно дека моите ФБ-пријатели, едноставно, се „насадиле“ ми беше препорачано да го избришам сопствениот статус и така да ја прекинам „агонијата“ на луѓето што „наседнале“ на идејата дека ми е роденден. Во друг коментар од таа група беше констатирано дека станува збор за феномен што заслужува поширока социолошка и психолошка анализа.

Не го избришав статусот. Го оставив да стои. Се разбира не за да се ситам или на кој било начин да ги омаловажувам луѓето што не разбрале дека станува збор за цитат. На крајот на краиштата, во некоја рака би требало да бидам задоволен и среќен што толку многу луѓе ме уважиле и нашле време да ми го честитаат роденденот.

А меѓу нив имам и реални пријатели, луѓе што навистина ги почитувам и во ниту еден момент не се сомневам во рационалноста на нивното расудување. Велам дека не го избришав статусот токму и од моето убедување дека оваа појава заслужува посериозно толкување и повнимателен третман.

Едноставно, тешко е да се одвоиш од толпата. Никој не сака да биде виден како некаков исклучок од правилото или несоцијализирана единка во групата. Таквите најчесто биваат отфрлани од социјалните интеракции

Зошто, значи, се случи тоа што се случи? Лично мислам дека образложението дека луѓето не читаат ништо, односно дека го виделе зборот „роденден“ и веднаш се залетале да честитаат, веројатно донекаде може да држи вода. Но, само донекаде. Затоа што, повторувам, меѓу оние што лично ги познавам, а ми го честитаа роденденот, повеќето се разумни, образовани и рационални луѓе.

Повеќе верувам во нагонот за повторување на постапките на другите. Не знам дали ви се случило да стоите како пешак на црвено светло на пешачки премин. И да видите кога еден пешак ќе тргне и другите да тргнат по него. Или барем по инерција да се придвижат, иако семафорот уште покажува забрането минување. И иако црвеното светло е јасно видливо за сите. Значи, некој под тој мој статус закачил вињета со шампањско, свеќички, торти, бакнежи… и ми го честитал роденденот. Некој друг тоа го видел и ја продолжил низата. И така натаму.

Англо-саксонците тоа го нарекуваат „bandwagon effect“, или што би се рекло „ефект на колата со музичарите“. Станува збор за она возило (често камион) во кое се возат музичарите од оркестарот што ја предводи некоја парада или циркуска поворка. И гледачите речиси по правило одат по него.

Со овој ефект навистина можат да се објаснат многу работи. Од мода до музички вкусови. Луѓето, едноставно, се склони да му веруваат на мнозинскиот вкус, без притоа да се напрегнат и самите да донесат сопствен заклучок. Или, да кажеме, да честитаат некому роденден, кога веќе другите му честитале.

И сето тоа е во ред додека станува збор за бенигни примери. Но, социолошките истражувања покажуваат дека луѓето, на пример, се склони да гласаат за кандидатот за кој мислат дека ќе победи на избори, а не за тој што им нуди најдобра програма. Преку овој феномен може да се толкува и чудната љубов на луѓето кон своите диктатори, негувањето на култот на личноста кон оној што буквално ти го обезвреднува животот.

Преку него може да се објасни и неизмерната љубов кон „најголемиот син на сите наши републики и покраини“, веќе споменатиот Тито, а богами и неразбирањето на цинизмот во неговата наводна скромност неговиот роденден де не биде државен празник, туку само Ден на младоста.

Станува збор, значи, за еден вид колективно или групно размислување, па ако сакате и размислување на толпа, кое, речиси, по дефиниција го претставува она што социјалните психолози го нарекуваат „стеснета свест“. Типичен пример за ваквите реакции се однесувањата на навивачките групи, кои по правило постапуваат по принципот „како првиот, така вториот“. Едноставно, тешко е да се одвоиш од толпата. Никој не сака да биде виден како некаков исклучок од правилото или несоцијализирана единка во групата. Таквите најчесто биваат отфрлани од социјалните интеракции.

Во суштина, работата е прилично едноставна и може да се дефинира со еден збор – површност. Живееме во површно општество, со површни критериуми, со површен систем на вредности, со површни интереси… Со еден збор, ги живееме нашите површни животи.

Во таа смисла, нема никаков проблем во тоа што некој мене ми го честитал роденденот на погрешен датум. Проблемот е многу подлабок и бара посериозни когнитивни напори за да се надмине. Со цел ризик што тој напор го носи