Регион

Караницата за гас со Русија, можност за бугарскиот премиер Петков

Одлуката на Русија да ја прекине испораката на гас за Бугарија се чини дека ја зајакна решеноста на премиерот да ја зацементира прозападната ориентација на земјата

На неодамнешниот деловен појадок организиран од Американската стопанска комора, бугарскиот премиер Кирил Петков ја нападна Русија, и тоа не само поради нејзината војна во Украина.

„Иницирањето антикорупциски реформи, исто така, значи и ограничување на странските влијанија во Бугарија, кои претежно се од Русија“, рече премиерот и ги осуди силите, за кои кажа дека се обидуваат да создадат раскол меѓу Бугарија и нејзините сојузништва со Европа, САД и со НАТО.

Ова се силни зборови од премиер на поранешна комунистичка земја, која години по пристапувањето во НАТО и во Европската Унија – се бори да ја разјасни својата позиција во однос на Русија.

Војната во Украина, која сега трае веќе три месеци, се чини дека ги разјасни работите за владејачката партија на Петков, Продолжуваме со промените. Единственото прашање сега е – дали може да ја следат и партнерите во владината коалиција?

Во корист на кабинетот на Петков, можеби, се најавите дека неговата влада обезбедила гас што ѝ е потребен за краткорочно да го замени снабдувањето што го прекина рускиот Гаспром кон крајот на април. И тоа, ни помалку ни повеќе, од Соединетите Американски Држави.

На 10 мај, Петков се сретна со американската потпретседателка Камала Харис и се договори за испораките на природен гас од САД, почнувајќи од јуни. Петков рече и дека гасот ќе биде меѓу два и пет отсто поевтин од тој на Гаспром. Сѐ уште не е познато која американска компанија ќе го врши снабдувањето.

„Ова несомнено е успех за Бугарија“, рече експертот за енергија, Васко Начев.

Бугарија и Полска беа меѓу првите земји на кои Русија им го исклучи снабдувањето со гас како одмазда поради тоа што застанаа на страната на Западот во војната во Украина, што ѝ даде на Софија „привилегија итно да најде алтернативни резерви“, рече Начев за БИРН.

„Доколку половина Европа остане без испорака на гас во истиот момент, ситуацијата би била сосема поинаква и проблемите би биле неспоредливи со сегашните. Сепак, Бугарија го одигра ова на најдобар начин“.

„Тоа би можело да послужи како пример дека ѓаволот не е толку црн како што се претпоставува дека е“, рече Начев, додавајќи дека  „ѓаволот“ е реалноста, односно излегувањето од економската сенка на Русија.

Изгледи за долгорочен договор за гас со САД

Кирил петков и камала Харис Фото:gov.bg

Русија ja прекина испораката на гас за Бугарија и Полска на 27 април поради нивното одбивање да платат во рубљи, услов што Москва го постави за да го ублажи влијанието на западните санкции.

Пред прекинот, Гаспром испорачуваше околу 90 отсто од природниот гас во Бугарија.

Подоцнежниот аларм за можниот недостиг беше ветер во едрата на проруските партии, како Бугарската социјалистичка партија, која е во владата со Петков, десничарската Преродба и Бугарскиот подем.

Но, неколку дена по состанокот со американската потпретседателка Харис, Петков објави дека испораките од САД ќе почнат да пристигнуваат во почетокот на јуни и дека гасот ќе се пренесува преку сојузниците на Бугарија во НАТО, Турција и во Грција.

Начев вели дека е оптимист за долгорочен договор за гас со САД.

„Не гледам никаков ризик бидејќи параметрите на договорот се поврзани со цената на Хенри Хаб“, рече тој, мислејќи на центарот во Луизијана, кој со децении беше примарна точка преку која се дефинираат цените на договорите за иднината и брзата испорака на гас во САД.

Зголемeни цени, зголемени тензии

Но, покрај социјалистите, несреќен е и друг партнер на Петков. На 16 мај, првиот човек на Има таков народ, Слави Трифонов, поранешна телевизиска славна личност и пејач, се огласи на Фејсбук со обвинување дека Продолжуваме со промената  шири „неточни информации за очекуваната цена на следните испораки на гас“ и создава „лажни очекувања“.

Војната во Украина веќе ги разоткри пукнатините во коалицијата, меѓу Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија од една и Бугарската социјалистичка партија и партијата на Трифонов од друга страна.

Социјалистите се спротивставија на идејата Бугарија да ѝ испрати оружје на украинската војска и додека Трифонов јавно го поддржа таквиот чекор, неговата партија, на 5 мај гласаше за помалку важното решение за помош на Украина, кое едноставно подразбира само сервисирање на украинското оружје во бугарските фабрики.

Се чини дека коалициските судири му наштетија на рејтингот на владата. На 18 мај, анкетата на Галуп покажа дека на прво место е опозициската ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов со 13,9 отсто од гласовите на народот, а по неа следи Продолжуваме со промената со 13,4 отсто.

Екстремно десничарската проруска партија Преродба беше на четвртото место, со 5,4 отсто, додека се смета дека новооснованиот Бугарски подем, кој исто така има симпатии кон Русија, е блиску до надминување на прагот од четири отсто за влегување во парламентот, ако дојде до предвремени избори .

Според друга анкета спроведена од Маркет Линкс, а објавена на 17 мај, довербата на јавноста во владејачката коалиција падна на 15 отсто од 36 отсто во јануари, пред руската инвазија на Украина.

Причина повеќе за незадоволството е стапката на инфлација, која на 17 мај достигна 14,4 отсто, што главно влијае врз цените на гасот, храната и горивата.

Како одговор на намалениот рејтинг, владата стави на располагање две милијарди лева, што е приближно околу милијарда евра, за помош на најпогодените бизниси и поединци.

Од 1 јули, пензиите ќе се зголемат за 20 отсто, додека данокот на додадена вредност за греење, вода, природен гас и метан е намален на девет отсто. Владата, исто така, воведе и намалени даноци за семејствата со деца, а се укинува и ДДВ за леб.

„Овие мерки се дел од сеопфатниот пакет за справување со кризата со високите цени, но тоа е чудна мешавина на популизам, добри идеи за намалување на административниот товар врз бизнисот и обид да се насочи финансиската помош кон најранливите групи во општеството“, пишува новинарката Вера Денизова во текст за неделникот „Капитал“.

„Не е јасно каков ефект се очекува да има воведувањето нула ДДВ за лебот врз понудата и малку е веројатно дека ќе има пониска цена за крајниот корисник“.

Резултатите од испитувањата на јавното мислење и зголемените цени може да го зголемат притисокот врз кревката владина коалиција на Петков, но Начев вели дека крајот на енергетската зависност на Бугарија од Русија е реален и неповратен, посочувајќи на завршувањето на гасната интерконекција меѓу Грција и Бугарија, што подоцна оваа година треба да почне да носи азербејџански гас во Бугарија преку Трансјадранскиот гасовод, ТАП.

„Проектот е во фаза кога никакво надворешно влијание не може да влијае врз неговиот развој“, рече Начев.