Има биолошко-анатoмски теории по социјалните мрежи кои тврдат дека постои обратнопропорционална врска помеѓу бучноста на моторите за време на топлите скопски ноќи и должината на пенисот на нивните возачи. Не знам дали до овие теоретски заклучоци е дојдено по аксиоматски или по емпириски пат, но, несомнено, мора да постои некоја силна фрустрација во интелектуалната кубикажа на моторџијата што го тера во два, три или четири часот по полноќ да ја турира до даска својата машина.
Точни или неточни, ваквите теории, сепак, не се без научна логика. Има основа да се верува дека моќноста на моторот и потребата да се „нагази“ на жешкиот асфалт надополнува некаква немоќ (импотенција) на некои други полиња, но од каде доаѓа потребата целата населба да чуе колку многу си импотентен, тоа стварно не знам.
Во Аеродром, каде што живеам, секоја ноќ е хорор. А сограѓаните од другите урбани населби ми тврдат дека така не е само крај булеварите Јане Сандански, АСНОМ и Србија, туку и крај сите поголеми булевари на кои може да се крене преку стотка за неколку секунди. Најчесто станува збор за трки (веројатно да се дознае на кој му е помал), но неретко е случај и за индивидуално изживување на единката со блага, лута или кисела ретардација врз остатокот од човештвото.
Има основа да се верува дека моќноста на моторот и потребата да се „нагази“ на жешкиот асфалт надополнува некаква немоќ (импотенција) на некои други полиња, но од каде доаѓа потребата целата населба да чуе колку многу си импотентен, тоа стварно не знам
Нејсе, за психосоматските проблеми на моторџиите си постојат соодветни терапии, но што правиме ние со терапиите за нивните жртви за кои е одговорна државата.
Уште во 2007 година, веројатно како дел од „страотните и многу гласни“ реформи што ги правиме еве веќе цела една транзиција, проширена и надградена, оваа држава донела и, замислете, Закон за заштита од бучавата во животната средина. Од спроведувањето на овој Закон, јас како жител на Аеродром, можам да заклучам само две работи: 1. законот не се спроведува; 2. Аеродром не е животна средина.
Не, не е метафора. Бучавата одамна се смета за загадување. Не помалку опасно од хемиското. Светската здравствена организација го опишала загадувањето со бучава како опасност што може да предизвика оштетувања на слухот, кардиоваскуларни проблеми, тешкотии со памтењето, стрес и депресија. Некои стручњаци за бучава имаат малку поекстремни ставови и тврдат дека константната бука, бавно но сигурно, нè убива!
„Загадувањето со бучава предизвикува хипертензија, дијабетес, прекумерна тежина, срцеви и мозочни удари“, вели во една изјава што ја најдов на интернет, докторот Даниел Финк, претседател на организацијата „Тивка коалиција“, составена од стручњаци за здравје и за закони што се занимаваат со оваа тематика.
Кај нас, се разбира, вакви коалиции чија суштина не е да се придобие ДУИ, да се фати некој тендер или да се приграби централната, локалната, а со тоа и сите други власти, никогаш ниту се формирале, ниту, пак, некој се обидел да ги формира. Барем јас не сум чул. (Оставам простор и да сум оглувел од моторите).
Но, да сум само јас – арно. Не знам, немам податоци за процентот на оштетувања на слухот во Скопје, ама пред некој ден на пазар во Аеродром, на пример, присуствував на ваков муабет:
Купувачот: Колку праските?
Продавачот: Немаме круши, завршија.
Купувачот: Аман, бе, скапи многу.
А којзнае и јас дали сум чул добро, може зборувале за лубеници и дињи.
Ќе ви раскажам една анегдота од еден роднина, кој на враќање од Италија за дома решил да преноќи во Чампино. Тоа е предградие на Рим каде што е лоциран вториот по големина патнички аеродром во италијанската престолнина, онаму од каде што лета „Визер“ за Скопје. Резервацијата за хотелот си ја направил на интернет и бил многу среќен со цената. Толку среќен што кога пристигнал на рецепцијата, изненаден колку добро изгледа хотелчето, прашал уште еднаш дали добро ја разбрал цената.
– Си, си, черто – му потврдила жената на рецепција.
Потоа гледајќи во луксузниот базен со мовчиња, шанкови на вода и отворени џакузија под сенки од палми во дворот, прашал како е можно хотелот да има само две ѕвезди.
– Ќе видите – му рекла рецепционерката, насмевнувајќи му се, а тој претпоставил дека не ја разбрал добро, италијанскиот му е прилично елементарен.
О, да, секако дека разбрал. Дури не знаеше ни тие две ѕвезди како ги добиле. Откако денот го поминал во разгледување на Рим, и во дегустирање евтини италијански вина, поднапиен и капнат се вратил во собата. Таман сакал да се слече за под туш, кога хотелот почнал да се тресе како да е на врв на кратер од вулкан, кој штотуку почнал да еруптира.
– Земјотрес – извикал панично и преку терасата (за среќа бил на приземјето) скокнал право во базенот, сосе пљачките.
Откако хотелот, сепак, не се срушил, што било мало чудо бидејќи потресот имал, според негова проценка, едно шест-седум накај осум Рихтери, излегол внимателно од базенот и внимателно почнал да се враќа кон собата. Таман се вратил, пак здрмало и мојов роднина со пантерски скок назад во базенот.
Тоа потрајало така сè додека не сфатил дека тресењето не е од земјотрес, ами од громогласна бучава. Хотелот, имено, се наоѓал залепен до оградата од аеродромот, на само неколку десетици метри од пистата што се користи за полетувања.
По непроспаната ноќ, роднинава донел две одлуки: никогаш веќе во хотел „Чампино“ и задолжително читање на коментарите пред да букира.
Ако веќе не може да се постигнат сјајните резултати од магливата половина на годината, ПМ-10 честичките ги надокнадуваме со загадување од бучава, односно со десетпати по десет децибелски вибрации во воздухот. Битно да е загадено
Е, а нам секоја ноќ ни е таква. Живееме во Аеродром, ама како да живееме на аеродром. Ова не е игра на зборови, а дека е така ќе го поткрепам и со факти. Истражував малку и дојдов до следнава табела (потекнува од учебник за основно во Хрватска, каде што за бучавата ги образуваат од мали нозе):
Целосна тишина: 0-20 дБ (децибели);
Шумолење на лисја: 30 дБ;
Мирни урбани подрачја во градовите од 2 до 4 наутро: 40 дБ;
Нормална конверзација во затворено: 50 дБ;
Возило додека чека на семафор: 50 дБ;
Возило додека се движи со нормална градска брзина: 60-80 дБ;
Камион додека се движи со нормална градска брзина: 78-92 дБ;
Мотор додека се движи со нормална градска брзина: 75-100 дБ;
Мотор при прекумерна брзина: преку 110 дБ;
Дискотека: 85–103 дБ;
Млазен авион при полетување: 110 дБ;
Копнени воени вежби: 105–120 дБ;
Бука што сериозно го оштетува слухот: 120-140 дБ.
Не, е тешко да се заклучи дека летните ноќи, кога меѓу другото треба и да се одмориме малку од напорната година, ни поминуваат како на писта за полетување авиони за време на копнени воени вежби. А имаме Закон за заштита од бучава. Ха-ха-ха. Баш духовито од државава.
Па, уште и напишале во членот 2 дека целите на Законот се следниве:
‐ создавање здрави услови за животот на луѓето и заштита на животната средина од бучава;
– преземање мерки и активности за избегнување, спречување или намалување на бучавата;
‐ преземање мерки за заштита од бучава, која е наметната од блиската средина и предизвикува непријатност и вознемирување,
‐ отстранување или намалување на штетните ефекти, кои се последица од изложеноста на бучавата во медиумите и областите на животната средина и
‐обезбедување основа за развивање мерки за намалување на бучавата што ја емитуваат поголемите извори, особено патните, железничките и водните превозни средства и инфраструктура, воздухопловите, опремата што се користи на отворен простор и во индустријата, како и мобилните механички средства за работа.
Ако отидете на веб-страницата на Министерството за животна средина, ќе се изненадите дека сите главни насловни вести се за средби на министерот Насер Нуредини со странски амбасадори. Не дека од развиените земји нема што да се научи за екологијата, ама не би било лошо министерот да си ги препрочита законите за кои е надлежен (ги има и на сајтот на Министерството), па да оствари и некоја средба со граѓаните да чуе како тие прописи се спроведуваат во праксата.
Исто така, јавно го канам министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, меѓу две бегства на осомничени, да најде време една вечер да помине на клупа на булеварот Јане Сандански. Тој нека донесе радар за мерење брзина, јас ќе донесам семки за грицкање, па заедно да уживаме во трките.
Освен импотентните моторџии и уште поимпотентните институции, имаме проблем и со импотентната граѓанска свест. Во Њујорк, просечно има околу 200.000 повици од граѓаните за да пријават бучава. Кај нас нема тивка коалиција, наместо тоа има коалиција на Трајче и Трпе: слушај си моторџиски беснеења, трај си и трпи си.