Третиот и тринаесеттиот човек

Уште на самиот почеток на драмолетката наречена „Рекет“ имаше многу нејасни работи. Сега, како што се одвиткува клопчето, односно по емитувањето на снимките во италијанскиот опскурен медиум „Ла Верита“, работите стануваат – уште понејасни.

На пример, не е јасно колкав обем зафаќа целата операција? При што не мислиме само или единствено на вкупниот промет на пари дадени за поткуп или рекет, сеедно. Всушност, најмалку мислиме на парите, иако и тој податок не е неважен, туку на бројот на компромитирани процеси на Специјалното јавно обвинителство.  Главниот јунак на овој евтин, а прескап политички водвиљ, Бојан Јовановски, сега веќе многу попознат како Боки Тредичи, отколку по неговиот оригинален прекар или крстеното име, во снимените разговори вели дека му „завршил работа“ на извесен Жарко, дека бил во преговори со некој Деjан итн.

Со други зборови, останува нејасно дали СЈО има легитимитет во кој било од случаите што ги води? Како постапува со доказите во овие случаи и дали има уште компромитирани обвинители, преку нивната шефица Катица Јанева.

Натаму, не е јасно колку луѓе се вплеткани во целата оваа валканица. Од почетокот беше тешко сфатливо дека Тредичи е мастермајндот на ова риалити шоу, а сега веќе можеме да го слушнеме името на судијката Димишковска, обвинителката Стефанова, натаму на споменатите Жарко и Дејан, на извесен Бобо (сосе сопругата), на некој Зоки, но и на премиерот Зоран Заев, а веројатно има уште ликови, за кои допрва ќе чуеме.

Мене лично особено ми е интересна улогата на премиерот Заев. Се разбира, низ призмата на обелоденетите разговори, каде што Боки вели нешто во стилот „зборено е со Заев“, односно објаснува за „менаџирања“ и „конструкции“ во однос на овие наводни средби меѓу Боки и премиерот. И покрај демантирањето на премиерот, како впрочем и на повеќето инволвирани во овој случај (клучен збор во овие демантирања е „злоупотребен/а“), уште од самиот почеток се наметна еден голем прашалник над дејствувањето на Заев во однос на „случајот рекет“.

„Рекет“, всушност, доаѓа во вистинско време за полагање на испитот на зрелоста на Македонија. Во духот на актуелниот празник, редно е да се даде голем курбан за да се прочистиме

Имено, уште тогаш Заев потврди дека кај него дошле некои „бизнисмени“ и се пожалиле на „рекет“ и дека самиот тој го пријавил случајот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, односно на обвинителката Вилма Русковска. Наводно,  заедно се договориле дека е најпаметно „бизнисменот“ сам да поднесе кривична пријава (што веројатно го ослободува од обвинението за поткуп).

Иако на прва топка може да се говори дека Заев во случајов постапил како совесен граѓанин и ја пријавил корупцијата за која се уверил дека е направена, сепак тука се поставуваат некои прашања. Како и зошто премиерот го пријавил овој случај, а не го упатил „бизнисменот“ сам да оди во Обвинителството, како што тоа јавно го направи неколку дена подоцна, порачувајќи му на колегата Бранко Героски дека премиерот не е адреса на која треба да се испорачаат сознанија околу случајот, туку тоа е Обвинителството? Зошто „бизнисменот“ имал повластена позиција и зошто за неговите сознанија за „рекетот“ се поприемчиви од оние на новинарот?

И, конечно, врз база на која политичка програма или, ајде, политичка логика, актуелниот премиер на една земја, па макар таа била и Северна Македонија, се сретнува со прилично компромитиран „бизнисмен“, веќе обвинет во еден случај („Империја“), финансиски ептен многу „потежок“ отколку што е тоа, на пример, актуелниот случај со рекетот.

И тука доаѓаме до споменатите „конструкции“ и „менаџирања“ на Боки. Да не му ја „изменаџирал“ некој оваа средба на премиерот со „бизнисменот“? И со која „конструкција“ тоа го направил?

Не знам, ама знам дека сомнежите се далеку од исчистени. Особено, ако низ оваа призма се гледа неверојатно ноншалантно водената истрага и користењето колективни годишни одмори, токму период за да можат евентуално новите обвинети да влијаат врз сведоците и доказите, па, ако сакате, и да ги контаминираат доказите. Со други зборови, освен СЈО, на извесен начин е компромитирано и Јавното обвинителство.

И сега доаѓаме до можеби круцијалното прашање – кому му одговара интернационализирање на случајот (објавување на снимените материјали во странски медиум), со која цел и како воопшто протекол доказниот материјал?

Зошто „бизнисменот“ имал повластена позиција и зошто за неговите сознанија за „рекетот“ се поприемчиви од оние на новинарот?

Првиот дел од прашањето е, ајде така да кажеме, поедноставен за одговарање. Станува збор за масивен напад врз и во институциите, добро темпиран и поради годишните одмори, но и поради евидентното влегување во НАТО и приближување до Европската Унија.

Евроинтеграциите, како што нѐ учи искуството, носат извесна стабилизација на државите што го реализирале овој процес, во смисла на владеење на правото. Водењето на овој институционален напад, значи, им припаѓа на политичко-криминалните кругови со кои Македонија, за жал, изобилува. И кои се, ова вреди да се нагласи, префарбани со сите политички бои.

Логиката говори дека снимените материјали до италијанскиот медиум можело да ги достави или самото Обвинителство или „бизнисменот“, меѓутоа, како што тоа обично се случува, политичко-криминалните процеси во Македонија не би биле такви, ако воопшто се базираат на логика.

Имено, според презентираните материјали, јасно се гледа дека ова обелоденување не му одговара никому од горенаведените протагонисти. На Обвинителството не му одговара, не само затоа што со обелоденувањето на снимените материјали ги контаминира доказите и ја компромитира целата истрага, туку со овој акт од авион може да се види дека таа истрага во стартот е лошо водена и до некаде селективна. Од друга страна, од исто толкава височина може да се види дека „бизнисменот“ не е уценет или рекетиран, туку дека со големо задоволство соработува со своите „рекетари“, па дури и има свои креативни придонеси кон целиот криминален чин.

Кој тогаш ги доставил снимените материјали?

Според она што досега беше објавено, целиот процес на „рекетирање“, по барање на бизнисменот, бил сниман од извесна странска служба. Се претпоставува дека станува збор за некоја бугарска разузнавачка служба, со оглед на двојното државјанство на „бизнисменот“, неговата функција на почесен конзул на Бугарија, но и со оглед на тоа дека во снимените разговори се споменуваат извесни Бугари, кои треба да се „тргнат од работата“. Сепак, многу е тешко да се претпостави дека каква било бугарска служба би имала каков било интерес овие материјали да се дистрибуираат преку Италија. Дури напротив.

Тука некако мораме да се допреме до теориите на заговор, а сепак да ги избегнеме избламираните „странски служби“. Имено, прилично тешко е да се претпостави дека тука извесен период биле бугарски или чиј и да се разузнавачи, снимале разговори и видеа, а нашите служби за тоа да не знаеле. Дури е многу поверојатно дека нивните колеги од странство уредно се пријавиле кај нашите органи.

Е, сега, како што на сите ни е добро познато, ние имаме прилично искуство во снимање разговори и нивна достава „таму каде што треба“. Се разбира, ова е само теорија, ама прилично сум блиску до убедувањето дека „третиот човек“ во приказната треба да се бара (ако воопшто се бара) токму кај нашите разузнавачи. Само што сега повеќе ја нема Катица да вика: „Отвори, отвори“, што значи дека овој дел од приказната многу веројатно никогаш нема да биде расветлен.

Ако сакаме да гледаме со оптимизам на целата оваа политичко-криминална каша, тогаш ќе констатираме дека станува збор за хазард и за оној што ја води операцијата, а не само за нападнатите институции. Сакам да кажам дека „Рекет“, всушност, доаѓа во вистинско време за полагање на испитот на зрелоста на Македонија. Во духот на актуелниот празник, редно е да се даде голем курбан за да се прочистиме. Што побргу се направи тоа, толку подобро. А оваа естрадизација на политичкиот живот е одлична можност за тоа.