Медиумската самоизмама овозможува да се прескокне оној стравичен момент кога треба да се видиме во огледало. Каде сме биле и што сме направиле? Што сме направиле од нас, а што од нашето опкружување?
Партијата на власт реши да прекине да комуницира со посредникот Питер Ванхауте. Поради наводните навреди на ВМРО-ДПМНЕ, на неговите претставници во пржинскиот преговарачки процес, а според нивната проценка и на целиот македонски народ. И тоа го соопшти преку соопштение!
Според целосно недипломатската и на моменти безобразна и некултурна содржина на соопштението може да се навести дека владејачката партија, освен што е лута на неостварувањето на нивниот проектиран датум за вонредните избори, фрустрирана е и од твит-пораките на Ванхауте.
Имено, европскиот дипломат преку серија таканаречени мемиња, во кои главната улога ја има едно маче, на својот твитер акаунт на дневна база духовито и секако невообичаено ги коментира дневните настани во земјата, пред сѐ поврзани со преговорите за медиумите и за прочистувањето на избирачкиот список. Меѓу другото, Ванхауте преку своите твитови прв соопшти дека нема да има избори на 24 април.
Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и писмото на амбасадорите Орав и Бејли беа своевиден детонатор за серија наводни новинарски текстови, колумни, разно-разни писанија, па и телевизиски сочиненија што се појавија во последните неколку часови од минатата седмица. Што сѐ човек не можеше тука да прочита: повици на некаков вооружен отпор, на палење на американската амбасада, на инает против Европската унија и САД, на создавање нови, надградени и проширени списоци на предавници и соросоиди… Ванхауте стана психопат и перверзник, а и другите претставници на меѓународната заедница не поминаа ништо подобро.
Медиумите (како и центрите на моќ, особено политичките) не ги лажат своите читатели и гледачи туку – се лажат себеси! Поточно, ја лажат публиката и себеси истовремено
Меѓу другото, Македонската телевизија, значи националниот сервис, во својата централна информативна емисија даде информација (со јавување во живо од пред Клубот на пратениците) за средбата на четворицата лидери на политичките партии, инаку потписници на Пржинскиот договор, сосема занемарувајќи го „ситниот“ факт дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како и неговата партија, целосно ја избојкотираа оваа средба.
Зошто сето ова се случува и со што сме заслужиле вакво полнење со зла крв, поттикнување насилство, спинување и лажење од средствата за јавно информирање? Затоа што нашето новинарство, како впрочем и целото општество (барем ако се проценува преку неговите институции) живее во некој паралелен свет, нестварен и илузорен. Во некој вид длабок зимски сон.
Се разбира дека не откриваме топла вода кога ќе констатираме дека новинарството кај нас не се занимава со новинарство туку со политика. Ако се обидеме да направиме малку посериозен мислечки напор, што, рака на срце, на колективно ниво и не ни успева баш најдобро, тогаш ќе видиме дека работите не се толку едноставни. Медиумите (како и центрите на моќ, особено политичките) не ги лажат своите читатели и гледачи туку – се лажат себеси! Поточно, ја лажат публиката и себеси истовремено.
Во суштина станува збор за еден вид одбранбен механизам предизвикан од злосторничкото здружување (што би рекле во Специјалното јавно обвинителство) и злоделата што се направени и се прават, а во кои македонското новинарство масовно учествува. Самоилузијата овозможува да се прескокне оној стравичен момент кога треба да се видиме во огледало. Каде сме биле и што сме направиле? И што сме направиле од нас, а што од нашето опкружување?
Питер Ванхауте немајќи вистински простор во традиционалните медиуми, го користи Твитерот токму за да каже дека царот е гол. А врз Твитерот, фала богу, власта уште не ставила шепа
Значи, самоизмамата нѐ убедува дека можеби не сме толку лоши, колку што лошо изгледаат делата што ги чиниме. Нешто слично како во онаа бајка за новото руво на царот. Таму царот не е гол (само) за да ги лаже своите поданици туку и самиот верува во сопствената илузија. Она што во македонскиот случај е важно наравоучение од оваа прикаска е дека поданиците и не се сосема убедени оти царот навистина има ново руво. Всушност, знаат дека е гол, само што им е страв да кажат. Потребен им е катализатор што тоа ќе го каже наместо нив и така ќе се разбие илузијата.
Внимавајте сега, единствениот што верува дека има ново руво е токму царот, односно тој што се служи со полувистини, лаги, илузии и спинови. И, секако, воопшто не е случајно дека главниот лик е цар, а не е кројач или ковач, на пример. Затоа што овој тип измами доаѓаат исклучиво од власта, поточно од онаа власт која прави лоши дела.
Во македонскиот случај многумина веруваат дека катализаторот, она дете што ќе каже дека царот е гол, е таканаречената меѓународна заедница, што не мора да биде погрешно мислење. Меѓутоа, улогата на катализаторот би требало да бидат медиумите. Затоа и власта е толку лута на Питер Ванхауте, затоа што тој, немајќи вистински простор во традиционалните медиуми, го користи Твитерот токму за да каже дека царот е гол. А врз Твитерот, фала богу, власта уште не ставила шепа. Од друга страна, Твитерот е куса форма, често духовита, што значи приемчива за оние што ги користат социјалните мрежи, а мора да се признае дека европскиот посредник тоа одлично го користи.
Во каков грч се одвиваат работите и по која цена се брани наметнатата илузија покажуваат токму примерите на воинствената харанга што актуелно тече низ овдешните медиуми. Во тој клуч треба да се гледа и најавеното формирање на паралелниот новинарски синдикат, оној каде што газдите ќе им ја плаќаат членарината на своите вработени (!). Имено, паралелниот свет мора да се бетонира, појако и постабилно од стиропорот на барокните фасади.
Во меѓувреме, надвор од петтата димензија на универзумот на новинарско-владејачкиот конгломерат, тече еден друг живот – јаден, недостоен, тмурен, тажен: деновиве почина уште една родилка во Прилеп. Новинарите не повикаа на вооружен бунт, ниту на спалување на Министерството за здравство. Ама знаат, длабоко во себе знаат дека царот е гол и дека ништо повеќе не може да го скрие тој срам.