И контролираниот медиумски систем во Македонија не може предолго да трае, бидејќи ќе стане контрапродуктивен и за неговите креатори. Толку ќе биде демаскиран, соголен и обезвреднет во јавноста, што дури и елитите кои го создадоа еден ден самите ќе се запрашаат: „Кого ние, всушност, лажеме? Јавноста или самите себеси?“
Читам, „Вест“ бил цензуриран. Во прв момент помислив дека нешто крупно „распнале“ на насловната страница. Искрено, се разочарав кога прочитав дека цензорските ножици заиграле заради фотографија на Стевчо Јакимовски од негово учество во вербален инцидент на паркингот пред матичната куќа на „Вест“, Медиа принт Македонија (МПМ). Во знак на протест, новинарите целата случка ја обелодениле на социјалните мрежи.
Добар потег, но сметам дека ќе беше уште подобро ако не одговореа на повикот да се вратат во редакцијата за да ја направат измената. Ако го оставеа цензорот сам да ја преуреди насловната страница. Ако му порачаа да си побара заменски новинари.
Да потсетам, пред две години, исто така „некој“ од МПМ, ја смени насловната страница на „Дневник“, но тогаш без знаење на уредникот. Главниот и одговорен уредник истиот ден во знак на протест си поднесе оставка. Но, дали тој негов морален чин го намали апетитот на раководството за цензурирање? Не. Зошто? Затоа што тој потег на уредникот не беше проследен и со редакциски протест и барање за потенцирање на котите на уредувачката автономија. Редакцијата на „Вест“ обединето застана зад демаскирањето на цензурата. И тоа е за голема почит.
Но, она што и пред две години и сега се премолчува, е одговорот на прашањето: Кој е тој „некој“ од раководството на МПМ што цензурира. Иако е важно новинарите и тоа да ѝ го соопштат на јавноста, она што е суштински многу поважно во овој момент, е во легитимна постапка пред раководството да си ја вратат уредувачката автономија. Во спротивно, вчерашниот гест со обелоденувањето на цензурата, многу брзо може да се претвори во новинарска „Пирова победа“.
Еве зошто: Читателите ќе изгубат доверба дека тоа што го читаат во печатените изданија е она што изворно било планирано да им се понуди. „Вистинското издание“ отсега ќе го очекуваат на социјалните мрежи, како нецензурирано место за вистината. А кога таквиот однос по извесен период негативно ќе се изрефлектира врз тиражите, за архи-виновник нема да биде прогласен заштитениот цензор туку директно новинарите.
Потоа ќе биде соопштено дека од „деловни причини“ мора да се намали бројот на вработени, односно финансиските резултати ќе станат алиби за да се отпуштаат новинари, особено оние што „многу зборуваат“ по социјалните мрежи. Верувам дека колегите се свесни за ваквата состојба.
Патем, на јавноста ѝ е сосема јасно дека цензорот истовремено е и нивни работадавач и линк со одредени политички структури. Но, што е другиот избор на новинарите? Дали на секој цензорски потег ќе следи дообјаснување по социјалните мрежи како требало да изгледа весникот, а како излегол? Во стилот „тази насловна не е насловна – вистинската барајте ја на Фејсбук“? И до кога така?
Таа стратегија е неодржлива на долг рок. Новинарите мора да бидат свесни дека наметнатиот филтер непропустлив за цензурирани теми, наскоро ќе им се претвори во армирана брана. Имено, ако заради ваква бенигна причина (кавга на Јакимовски на паркинг) им се цензурира насловната страница, што ли ќе биде кога ќе дојде на ред да се објави нешто политички многу „покалорично“?
Во некои минати времиња, кога во кино „Вардар“ кинооператарот по налог цензурираше бенигни сцени од уште побенигни филмови, еден од публиката во клучниот момент редовно ја нарушуваше тишината со гласна „клетва“ до цензорот: „Крати, крати, да ти се скрати!“. Речиси немаше проекција без ваква реакција и масовна смеа во салата. Така публиката дознаваше кој дел е цензуриран, иако тоа и не беше тешко да се заклучи од прескокнувањето на лентата и од дисконтинуитетот на филмската музика.
Она што вчера го направија новинарите на „Вест“ засега е идентично на пораката: „Крати, крати, да ти се скрати!“ Но, не смее да заврши само на тоа. По денот кога Фрудом хаус објави на кое ниво се слободите во Македонија, овој случај мораше да се искористи и за силна институционална (ре)акција и од редакцијата и од новинарските здруженија.
Но, многу зависи и од тоа кој како ја чита познатата фраза:„Ако постои желба сѐ да остане исто, тогаш сѐ мора да промени“. Промена не е ако по социјалните мрежи се разменуваат „пораки во шише“, додека други шишиња ја запоседнуваат и одработуваат насловната страница. Од друга страна, не се малку оние кои се раководат од идејата дека за сѐ да остане исто, не треба да се отстрани цензорот туку да се промени редакцијата. Новинарите треба да бидат свесни дека инспирацијата од такви „демократски примери“ од Унгарија и Турција, демнат зад секој агол, секој ден.
Но, факт е дека и вака контролираниот медиумски систем во Македонија не може предолго да трае. Особено ако е заснован на постојани и отворени притисоци, невистини, манипулации и пропаганда. Порано или подоцна, тој ќе стане контрапродуктивен и за неговите креатори. Толку ќе биде демаскиран, соголен и обезвреднет во јавноста, што на елитите кои го создадоа веќе нема да им биде од никаква корист, па еден ден и самите ќе се запрашаат: „Кого ние, всушност, лажеме? Јавноста или самите себеси?“ А за што поскоро да дојде тој ден, без оглед што го знаеме одговорот, наша обврска е постојано да ги прашуваме: Кого вие, всушност, лажете? Нас или самите себеси?