Цврста рака

Белорусија ја стави Македонија на списокот „непријателски земји“. Со оглед на политичкиот и „демократски“ бекграунд на претседателот што го потпишал декретот, Александар Григорјевич Лукашенко, потегот – прави чест. Белорусија само го следи примерот на големиот брат. Тоа е „суверената“ земја, која зависи од надворешната и од безбедносната политика на Русија и функционира како нејзин додатен политичко-безбедносен простор. Повреди на човековите права, недемократски избори, репресија на граѓанското општество, на опозицијата и новинарите, се нејзиниот главен бренд по кој ја препознаваат во светот. И се разбира по вечниот Лукашенко, кој за две години ќе прослави три децении на власт, откако со измените на законите и Уставот си обезбеди неограничено право на реизбор. Кога во 2019 година ја посети Србија, во говор во парламентот се пожали дека Западот не му верувал оти спроведува демократски избори, а подобро од спроведеното и не можело да биде.

Односот кон војната во Украина и прашањето за РСМ се најексплозивните за владата на Петков. Посебно второто, кое носи огромен потенцијал за загрозување на тамошната владејачка коалиција. Но, и таму, и овде, полека се подгрева „улицата“

„Тoлку многу се трудевме да ги задоволиме и нашите поддржувачи и Истокот и ЕУ, а што добивме како резултат? Едни беа воодушевени од резултатите на нашите избори, а други рекоа – бидејќи опозицијата не влезе во парламентот, тоа значи дека е лошо, изборите не биле демократски, нема слобода, има диктатура. Тоа е вистинска глупост, бидејќи јас тогаш воопшто не бев присутен во земјата, помислив – нека помине без мене, за потоа никој да не ме прекорува (… ) Бев принуден искрено да им одговорам. И јас сакав да има три, пет членови на опозицијата во парламентот, иако тие не би решавале ништо. Ама како да ги доведам ако добиле само 3,5 отсто од гласовите. Максимум две лица добија. Како да ги доведам во парламентот, уште и на демократски начин како што тие (ЕУ) бараат? Не можев за рака да ги влечам“, рече во говорот Лукашенко.

Зошто потсетувам на ова? Војната во Украина и наративите за земјите што се „пуштени низ вода“ (од ЕУ или НАТО), денес сѐ повеќе ги оживуваат апетитите за водачи од типот на Путин или Лукашенко. Во земјите што произлегле од поранешните социјалистички блокови, се ламентира за потребата од „цврста лидерска рака“, за „строг ред и поредок“ во советска смисла, за еден „добар автократ“, кој ќе ги демаскира лажните европски ветувања и ќе фати нов правец.

Во државите каде што ЕУ не ги реализирала ветувањата за интеграција, наративите се исти – дека демократијата не донела ништо, дека бирократијата во ЕУ е отуѓена од потребите на Западен Балкан, дека на земјите-членки што се против проширувањето сосема им одговора бугарското вето…

И тоа се шири со невидена брзина. Прашањата што Брисел со години ги туркаше под тепих, под изговор дека „прво е потребно продлабочување, а потоа проширување на ЕУ“ (Макрон), сега не може да се покријат само со зајакнатата солидарност во ЕУ, во однос кон украинската криза. Бидејќи празниот простор што беше оставен со децениското мижење на ЕУ кон интеграцијата на овој регион, веќе се пополнува со токсичен национализам.

Процентите на доверба рапидно растат кај крајно десните партии. Ни Македонија не е исклучок. Иако анкетите сѐ уште не го регистрираат тоа во вистинската димензија, балонот латентно расте. Путин ја нападна Украина, ама, пред сѐ, најдиректно ги извади на виделина процепите на ЕУ, во кои е напластен дебел талог од револт – последица на егоизмот и елитизмот на Унијата, која практично цела деценија не отвори врата за кандидатите.

Особено по кризата во Украина, во тие заборавени држави се случува дополнително разочарување, кое во моменти на зовриено незадоволство заради интеграциското статус кво, може да тргне во одредена насока, само затоа што таму нема спуштена рампа и затоа што на хоризонтот гледа „цврста рака“.

Тој момент не е далеку во реалноста. Како што предупреди претседателот Пендаровски во интервју за Еуроњуз пред два месеца „доколку се случи повторно уште едно одложување (на почеток на преговори), тогаш од јуни натаму проевропските сили и проевропските политичари или реформисти нема да победат на други избори во Македонија“.

И не само во Македонија. Во земјата со која треба да го решиме спорот, видливо се преструктурира јавното мислење. По нешто повеќе од 100 дена на новата бугарска влада, според истражувањето на „Маркет линкс“, партијата на премиерот Кирил Петков „Продолжуваме со промената“ со рејтинг од 19,7 отсто падна на второ место, а со 22,1 отсто на прво место се врати опозициската ГЕРБ.

БСП, од четврта, стана трета политичка сила, а кон четвртото место се приближува националистичката и антизападна партија „Преродба“, кон која главно се слева довербата од поддржувачи на руската политика.

Војната во Украина и наративите за земјите што се „пуштени низ вода“ (од ЕУ или НАТО), денес сѐ повеќе ги оживуваат апетитите за водачи од типот на Путин или Лукашенко

Односот кон војната во Украина и прашањето за РСМ се најексплозивните за владата на Петков. Посебно второто, кое носи огромен потенцијал за загрозување на тамошната владејачка коалиција. Но, и таму, и овде, полека се подгрева „улицата“.

Проблемот е што големиот број протести најавени овде, сите во ист период, може да бидат (зло)употребени и претворени во платформа што ќе ги надмине причините за протест. Ако во јуни изостане одлука за почеток на преговори, таа капсула на незадоволство може да биде киднапирана и од други побуди и протагонисти, кои разочарувањето од ЕУ ќе го нострифицираат како поддршка за други политики.

Тогаш, никој не ќе мора да нѐ става на списокот непријателски земји, зашто самите себеси ќе си станеме непријатели. Клучот да не се случи такво сценарио, колку што е во рацете на Бугарија и ЕУ, толку е и во рацете на секој македонски граѓанин, свесен за моменталните социо-економски можности на државата, и за разликата меѓу војна, мир и националистички пир.

Но, тоа е едната страна на медалот. Другата страна подразбира навремени и ефикасни санкции за сите што ја подјадувале и разграбувале супстанцата на земјата. Не може за едни секогаш да биде криза, а за други – секогаш рај. Кога граѓаните ќе се уверат дека криминалот навистина и неселективно се санкционира, и дека украденото се враќа во државната каса, тогаш и тие ќе покажат повеќе трпение за сегашната оскудација.