Вирус поголем од вирусот

Австрија синоќа привремено го затвори железничкиот сообраќај со Италија поради веста дека во еден од возовите се наоѓаат двајца заболени од корона вирусот. Некои извори велат дека соседните земји сериозно размислуваат да ги затворат границите со Италија. Европската Унија за денес има закажано итна телефонска конференција на министрите за здравство за проценката на ризикот од ширење на заразата. Карневалот во Венеција е одложен.

Во Милано се затворени сите училишта, музеи, театри, кафеани… Забраната на јавни собири важи и за црквите. Десетина градови во северната провинција Ломбардија целосно се ставени во карантин и од нив никој не смее да излегува, ниту, пак, некој да влегува. Исто така, во покраината не смеат да застануваат возови и автобуси.

Медиумите пренесуваат фотографии и снимки од сенишни градови, како преземени од некои футуристички филмови за крајот на светот.

Претходно гледавме уште пострашни слики од сенишно празниот кинески мегалополис Вухан. Булеварите и авениите се сосема празни. Луѓето не излегуваат од своите домови. Можеби Вухан навистина е слика на градот од нашата иднина, како што предупредува Славој Жижек, кој, за „Раша тудеј“, пишува за паниката од епидемијата со корона вирусот.

Можеби градовите на иднината ќе бидат навистина толку изолирани што ќе биде можно од нив да се избега само во придружба на Снејк Плискен (Курт Расел) од филмот „Бегство од Њујорк“.

Можете ли да ја замислите Македонија во карантин? Замислете дека никој од неа не може да излезе, ниту некој да влезе. Дека сме оставени самите на себе. Па, ние ќе се испоубиеме меѓу себе и нема да дочекаме вирусот воопшто да се насели тука

Со појавата на заразата со Ковид-19 (како што официјално се вика корона вирусот) во Италија, овој вирус досега најблиску стаса до Македонија. Близината не се гледа само во географската оддалеченост, туку и во процените дека во Ломбардија живеат околу 12.000 македонски државјани, што секако го зголемува ризикот за појавата на оваа болест кај нас.

Да, навистина што ќе се случи ако корона вирусот заскита и кај нас? Можете ли да ја замислите Македонија во карантин? Замислете дека никој од неа не може да излезе, ниту некој да влезе. Дека сме оставени самите на себе. Па, ние ќе се испоубиеме меѓу себе и нема да дочекаме вирусот воопшто да се насели тука. Тие што нема меѓусебно да се заколат, ќе умрат од мака што навреме не избегале од оваа дупка.

Кај нас е доволно човек да погледне една телевизиска дебата и веднаш да фати џаде за Германија, а богами може и за Италија. Белки нема да биде таков малер, па токму за него да се закачи корона вирусот. А тука сигурно нешто ќе го дофати. Па, за нас Вухан е мачкина кашлица.

Всушност, на некој начин ние веќе ја живееме иднината. Неиздавањето пасоши е една од ефикасните мерки на власта да го спречи иселувањето од земјата. И да го најави карантинот. Затоа што тука не бегаме од болести, туку бегаме од самите себе.

Нашите градови не треба да бидат во карантин за да бидат попразни од Вухан. Тие се одамна испразнети. Можеби некои во нив уште си играат живот, ама тоа е само залудно трошење на загадениот воздух.

Замислете само како ќе се запрепасти некој вирус, ако случајно биде исплукан во Пехчево, на пример? Или биде искашлан во Крушево? Или во Свети Николе? Или во Кратово? Сигурно би се прашал која будала го донела во оваа пустелија. Би го фатила паника.

Тој не знае дека тука треба само да хибернираш до следниот изборен циклус. Тогаш убаво може да се слушне дека невработеноста се намалила, платата пораснала, бизнисот и економијата цветаат… Или дека следи обнова за Македонија, дека ќе се сузбие корупцијата, ќе се оправат образованието и здравството, ќе го средат криминалот…

Нашите градови не треба да бидат во карантин за да бидат попразни од Вухан. Тие се одамна испразнети. Можеби некои во нив уште се играат живот, ама тоа е само залудно трошење на загадениот воздух

Можат да си играат политичарите со статистиката и со надежите колку што сакаат. Факт е, меѓутоа, дека Македонија е како пациент што се обидуваат да го оживеат се дефибрилатор. Знаете, кога онаа вечно рамна линија на мониторот потскокнува одвреме навреме, односно од избори до избори. Надеж, значи, постои, ама е толку мала, што ни најблиското семејство на пациентот не верува повеќе во подобро утре.

Затоа ако ви се чини дека целиот свет е на нозе поради опасноста од епидемија од светски размери, а само Македонија си дреме на ушите, немојте да се грижите. Реков веќе, Македонија одамна живее во постапокалиптичните провинции на иднината. Далеку од светските трендови и недопрена од светските грижи.

Таа е толку пред своето време, што цело време живее во минатото. Не ни треба нам болница, изградена во неколку дена, доволно е само да погледнеме на телевизија, во весник или, најдобро, во бројните портали и да паднеме во кома пред да изговориме „л“ од лажни вести. Или, ако имаме среќа да ни биде продолжен пасошот, барем на некој од граничните премини.

Значи, ако има каква било логика во постоењето на овие живо-неживи клеточни паразити што го возбудија светот, тогаш тие треба да се држат подалеку од нас. Нема среќа тука за никого, па ни за вирусите, па макар се викале тие „корона“. Ние ја вршиме нивната работа. Ние сме вирус.