Еве една досетка од еден мој колега: Хади Незир е како Јети. Постојат луѓе што тврдат дека го виделе! За неупатените, членот на раководството на Демократската партија на Турците (онаа на Кенан Хасипи, која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ) Хади Незир беше министер без ресор во Владата на Република Македонија од 2008 година (ако не се лажам, до 2014). А Јети – тоа е она митско чудовиште кое се појавува по потреба на засилување или олабавување на некоја приказна. Мит, токму како и нашите министри без ресор.
Се разбира, целата приказна започна од објавувањето на имињата на министрите во новата Влада на Зоран Заев и од фактот дека од 26 министри, речиси една третина, односно осум се министри без ресор (Кочо Анѓушев, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Аднан Ќахил, Зорица Апостоловска, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Рамиз Мерко), што секако е голем размер во однос на 15-те министри и исто толкуте министерства што се предвидени во новиот Владин кабинет (од 26-те членови на новата Влада, еден е премиер, а барем засега двајца се вицепремиери со одредени задачи – за евроинтеграции и за спроведување на Охридскиот рамковен договор, додека 15 се министри со свои ресори).
За волја на вистината, министри без ресор имало во сите македонски влади, дури и во извршните совети од времето на социјализмот, само што нивниот број ретко бил поголем од двајца или тројца именувани функционери на овие места. Дури во времето на Никола Груевски овој број на министри без ресор значајно се зголемува.
Министерот без ресор може да биде влијателна личност, задолжена за некои специјални задачи, а може да биде и некој што тоа место го добил како награда и чии овластувања не се поголеми од оние на Нушиќевиот почесен конзул на Никарагва
Во последната Влада на Емил Димитриев, според податоците од нејзината официјална веб страница, има седум министри без ресор: Бејџан Иљас, Неждед Мустафа, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумоф, Арлинд Зеќири и Горан Мицковски. Кон овој број треба да се додадат и петтемина вицепремиери, од кои двајца имаат министерски ресори (за здравство и за надворешни работи), а тројца имаат посебни задачи (економски прашања, евроинтеграции и спроведување на Рамковниот договор).
Можеме тука, се разбира, да го коментираме персоналниот состав, не само на министрите без ресор туку воопшто на целиот Владин кабинет, но нема тоа да го направиме. Не само поради традиционалните сто дена, во кои, по некое непишано правило, медиумите ја оставаат новата Влада на мира туку повеќе затоа што во овој момент многу повеќе нѐ интересира феноменот на министрирањето без конкретен ресор.
Навистина, што работи министерот без ресор? Некаде по социјалните мрежи прочитав дека министерот без ресор е како директор без фирма, што е до некаде точна дефиниција, но само до некаде. Според професорот на белградскиот Факултет за политички науки Зоран Соиљковиќ, министерот без ресор може да биде влијателна личност, задолжена за некои специјални задачи, а може да биде и некој што тоа место го добил како награда и чии овластувања не се поголеми од оние на Нушиќевиот почесен конзул на Никарагва.
Се чини дека ова е најблиската дефиниција до македонскиот случај. Имено, има низа важни општествени подрачја и состојби кои воопшто не се или не се доволно опфатени во постојните министерства. На пример, кризните ситуации, предизвикани од природни катастрофи и временски непогоди, туризмот, медиумите, координацијата меѓу државните институции и јавните претпријатија, регионалниот развој, насилство во семејството, други социо-патолошки појави итн. Натаму, министрите без ресор можат да бидат на чело на некои дирекции и други државни органи, кои немаат ранг на министерство, но се проценува дека нивната важност во одреден период е мошне значајна. Со други зборови, работа и за министрите без ресор – има!
Мандатарот на новата Влада Зоран Заев со својот прв чекор, составувањето на Владата, не направил никакви реформи во однос на претходната. Освен што можеби некои од имињата на новите министри се нешто попознати во јавноста од нивните претходници. Но, само некои, а не сите!
Од друга страна, без оглед на двополизмот во македонската политика, коалициите со помалите партии се неминовни, па министерството без ресор доаѓа како некаква награда за лојалноста за партијата која учествувала во формирањето на власта (во нашиот случај, во уривањето на претходната власт). И тука се појавува оној Јети од почетокот на текстот – министерот за кого некои луѓе тврдат и дека го виделе. Министрите без ресор, всушност, го даваат политичкиот спој помеѓу желбите и реалноста. Политиката, конечно, е уметност на возможното. Разумен компромис, што би рекол Ѓорге Иванов.
Во оваа смисла, министрите без ресор во парламентарните демократии се вообичаена работа. Затоа пак, во претседателските системи тие се крајно невообичаени, ако воопшто ги има. Во Велика Британија, на пример, министрите без ресор се нарекуваат државни министри (Minister of State), додека во Германија тие се сојузни министри за посебни работи (Bundesminister für besondere Aufgaben).
Министрите без ресор уште се нарекуваат и министри без портфељ, односно министри без портфолио. Портфељ или портфолио е всушност паричник во кој се чуваат пари, картички и документи, а значи и папка во која се чуваат различни хартии. Оттука имаме и портфолио акции. Доаѓа од француската сложенка portefuille, која е составена од глаголот porter (да носиш) и именката fuille (лист).
Со оглед на фактот на кој начин и како се трошеа државните пари во последниот период, тогаш и не е чудно што новата Влада има толку министри без паричници. Како што сега стојат работите, целата Влада е без паричник. Односно без ресор. Само се надеваме дека нема да заврши како она ледено чудовиште, Јети, во замрзнатата земја Македонија.