Легендарниот аргентински фудбалер Клаудио Каниџа, и покрај тоа што беше навистина расен голгетер, во колективната меморија не остана запомнет по неговите фудбалски мајстории, туку по фамозната изјава: „Ако кокаинот е дрога, тогаш јас сум наркоман.“ Морав да се сетам на Каниџа кога го видов видеото со директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, како се подготвува да консумира токму – кокаин!
И тој, токму како Каниџа, без оглед на неговите квалификации и лекарски вештини, нема да остане запомнет во колективното сеќавање како некој што спасувал животи и им помагал на луѓето во неволја, туку токму како лекарот што „шмркаше“.
И жал ми е што ова морам да го констатирам – ама тоа петно тешко ќе се испере. Токму како што и изјавата на Каниџа остана во преданијата, иако човекот повеќе од две децении не е активен фудбалер.
Морален слом
Можам да се согласам дека споредбата меѓу еден фудбалер, колку тој и да е квалитетен, со еден квалитетен лекар може да прозвучи неумесно, но само од една причина: Каниџа е, сепак, само – фудбалер. И нему му прилега да размислува со нозете, а не со главата. Му прилега умот да му биде во топката, а не во општествениот систем на вредности. Никој од Каниџа не очекува ништо, освен да дава голови. Од друга страна, докторот сепак е – доктор. И навистина не знам на што мислел кога воопшто решил да експериментира со дрога. Или воопшто не мислел. Циниците би рекле дека дрогата му го испила мозокот.
Не е ова само дамка врз кариерата на Кузмановски, туку многу повеќе – ова е лага врз целиот здравствен систем. Ако врвните лекари и раководни кадри се подложни на илегални опијати, кому јас да му верувам кога ќе ми притреба здравствена услуга? Од каде да знам кој лекар што консумирал во кој момент. Како да ѝ верувам на кадровската политика во здравството? Како да верувам во принципот на поставување директори. Како да ѝ верувам на партијата на власт што ги протежира овие кадри?
Mарихуаната е резервирана за наркомани, а кокаинот, пак, е одлика на „елитата“: на директорите, политичарите, професорите, уметниците… Со еден збор, на оние што можат да си го дозволат овој порок
Овие дилеми потекнуваат токму од изјавата на Кузмановски за овој скандал, односно „момент на слабост“, како што вели тој. Јас му верувам на докторот кога вели дека настанот се случил пред да биде именуван за директор на Клиниката. И дека откога е директор, не пробал кокаин.
Само не знам што точно сака да каже со ова невешто оправдување. Дека е во ред да се „шмрка“ додека си хирург-невролог, а истата таа навика не е во ред кога си директор!? Па, како, по ѓаволите, воопшто се поставуваат директори по нашите јавни институции? „Вети дека повеќе нема да шмркаш“. „Ветувам“. „Добро, тогаш си директор на таа и таа институција“.
Ги следам обидите за релативизација на целиот случај. Те сите „шмркаат“, те да покажеме емпатија, те голем стручњак бил, те греота за семејството… И мислам дека целиот овој случај, заедно со придружните реакции, всушност го покажува сломот на моралните вредности на ова општество. Еве, контратеза: сите пушат марихуана, ама дали некој знае колкава е казната за поседување еден грам канабис. И тоа станува збор главно за тинејџери и адолесценти. Имаме ли емпатија за нив и за нивните семејства? Знаеме ли какви стручњаци може да бидат, само ако не ги фатеа?
Но, марихуаната е резервирана за наркомани, а кокаинот, пак, е одлика на „елитата“: на директорите, политичарите, професорите, уметниците… Со еден збор, на оние што можат да си го дозволат овој порок. Колку што знам, грам кокаин чини околу сто евра, а грам марихуана е до илјада денари. Со други зборови, употребата на кокаинот е статусен симбол. Пушење цигари во јавен простор, на пример, е општествено прокажана навика, додека „шмркањето“ кокаин е доказ дека си влегол во „високото друштво.“
Кокаинска епидемија
Иако во Македонија, модата на кокаинот е со релативно понов датум, неговото ширење се движи со брзината на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според последниот извештај на Агенцијата за дрога на Европската Унија (EUDA), во Македонија, според употребата на забранети супстанции, кокаинот се наоѓа на второто место (18,4 процеенти), веднаш зад канабисот (32 проценти) и многу пред до скоро „популарниот“ хероин (помалку од три проценти).
Ако е за утеха, и во земјите на Европската Унија, состојбата е иста, само што во повеќе земји од Унијата, марихуаната е формално или неформално декриминализирана.
Во извештајот на EUDA се става акцент токму на брзото ширење на кокаинот на европскиот континент. На пример, во 2023 година, запленети се рекордни 419 тони кокаин, наспроти претходната година, кога ова количество изнесувало 323 тони. Запленетиот кокаин покажува константен раст од 2016 година, кога Агенцијата почнува да ги работи своите годишни извештаи.
Се проценува дека кокаинот е причина за околу една четвртина смртни случаи, предизвикани од дрога, што го прави неславен рекордер меѓу психотичните супстанции
Кокаинот во Европа главно доаѓа од Латинска Америка, а за главни снабдувачи се сметаат Колумбија, Бразил и Еквадор. Белгија, Шпанија и Холандија се држави што секоја година пријавуваат најголемо количество запленет кокаин. Тоа е секако индикатор за нивната „важност“ на „патот на дрогата“, иако шверцерите сѐ почесто ја менуваат тактиката, користејќи помали пристаништа во други држави за кои се смета дека не обрнуваат толкаво внимание на сигурносните мерки.
Најголема поединечна заплена е пријавена во Шпанија, 13 тони кокаин се пронајдени на еквадорски брод, кој требало да пренесува банани. Од „новите“ земји, Португалија во 2023 година пријавила 22 тони запленет кокаин. Во Германија истата година се запленети 43 тони, од кои само во пристаништето во Хамбург 25 тони, што е двојно повеќе во однос на претходната година.
И покрај овие рекордни заплени, во Извештајот се наведува дека количеството на кокаин на црниот пазар е константно или дури и се зголемува. Комисијата доаѓа до овој заклучок поради фактот дека цената на кокаинот е стабилна, па дури и поевтинува. Наспроти тоа, бројот на корисници што бараат лекарска помош или се пријавуваат на третмани за одвикнување, константно расте.
Кокаинот спаѓа во оној вид дроги што многу лесно предизвикуваат зависност, а многу тешко се одвикнуваш од нив. Неговата привлечност е во еуфоријата што ја создава, добивањето сигурност и чувство на важност. Се разбира, за да може постојано да се постигнува овој ефект, количеството дрога мора да се зголемува.
Но, при редовното користење кокаин, во таканаречената трета фаза, еуфоријата исчезнува, а нејзиното место го заземаат апатијата и депресијата, па така Извештајот констатира дека ризикот за самоубиства, но и за ХИВ, респираторни и други болести значајно е зголемен кај корисниците на кокаин. Се проценува дека кокаинот е причина за околу една четвртина смртни случаи, предизвикани од дрога, што го прави неславен рекордер меѓу психотичните супстанции.
Не е мое да говорам за последиците од консумирањето кокаин и дрога воопшто. Тоа многу подобро од мене го знаат лекарите. Особено невролозите. Или не го знаат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија