Ако сакаме работите да останат такви какви што се, тогаш тие мора да се менуваат.
Отприлика вака некако му вели Танкреди Фалконери (Ален Делон) на принцот Дон Фабрицио Салина (Берт Ланкестер) во филмот „Леопард“ на Лукино Висконти (Il gattopardo, 1963). За оние што не го гледале ова врвно епско ремек-дело на големиот италијански режисер или, ете, го подзаборавиле, ќе кажеме само дека станува збор за Сицилија, некаде во средината на XIX век, односно во времето на италијанската револуција (Рисоргименто на Џузепе Гарибалди), кога практично се развластува аристократијата и феудалниот систем се менува со буржоаскиот.
Во филмот, снимен според истоимениот роман на Џузепе Томази ди Лампедуза (инаку, последниот принц од Лампедуза), внукот на аристократот и големиот земјопоседник, кој практично треба да биде наследник на целиот имот на принцот, значи ликот што го толкува Ален Делон, ја зема за жена ќерката на еден типичен (додуша корумпиран) претставник на разгневената буржоазија. И, се разбира, така обезбедува неговите привилегии (и тие на неговото семејство) да се задржат и во новото време на развластувањето на феудалците и аристократите.
Не е потребна некоја голема елаборација читателот да сфати дека денес во Македонија оваа реплика e подеднакво актуелна како и пред век и половина во Италија или барем пред шест децении, кога романот „Леопард“ e објавен првпат. И не мора дури ни мојот пријател Ставре од кафулето „Синема“ во Струга, со кого инаку при нашите средби често го дискутираме филмот, да ме потсетува на оваа реплика. Доволно е само да се прошета низ Скопје, да се видат некои телевизиски вести, да се прочита некој весник или, ете, да се влезе во некоја од социјалните мрежи.
За што служи рингишпилот пред Министерството за надворешни работи? Не знам, можеби кога во Министерството доаѓаат високи делегации, на пример, Коѕијас или Нимиц, првин ги ставаат на тоа смешно рингишпилче, па ги вртат до бесвест и потоа преговараат и потпишуваат важни договори
Ако веќе власта не знае што да прави со „Скопје 2014“ и како да се справи со „илјадагодишните“ дождови, зарем не знае што да прави со детскиот рингишпил? Или и неговата дислокација чини скапо? Всушност, не знам, можеби кога во Министерството доаѓаат високи делегации, на пример, Коѕијас или Нимиц, првин ги ставаат на тоа смешно рингишпилче, па ги вртат до бесвест и потоа преговараат и потпишуваат важни договори. Или, што е уште поверојатно, самите првин се возат на него, бидејќи овој тип вртоглавица навистина може да се добие само ако бескрајно се вртиш околу себе.
Пред Министерството за одбрана нема рингишпил. Ама исто како да го има. Ангажирањето на колешката Соња Крамарска во одделението за односи со јавност во ова министерство не е ништо друго туку знак на тешка вртоглавица. Министерката Шеќеринска вели дека „Утрински весник“, медиумот каде што работеше и едно време го водеше Крамарска, бил еден од пообјективните медиуми. И дека Крамарска е врвен професионалец. И дека се знае (малиот) кадровски капацитет во државата. И така натаму. Се разбира дека можам да се сложам со овие аргументи. Само ако не знам дека се манипулативни.
Што значи „еден од пообјективните медиуми“ во целосно девастиран информативен и јавен простор? Што направи Соња Крамарска дури беше главен и одговорен уредник на весникот за реформи во медиумскиот простор? Освен што сосема бесправно истера половина дузина колеги од работа (некои од нив тоа го докажаа дури и во оној и онаков суд).
Како воопшто може да се помисли дека врвен медиумски професионалец може преку ноќ да се претвори во врвен политички, да не кажеме партиски апаратчик? И зошто би го правел тоа, ако веќе е врвен во својата професија
Што значи да си „врвен професионалец“, ако во времето на режимот си главен и одговорен уредник во медиум што е во сопствеништво на МПМ, односно Срѓан Керим и Орце Камчев? И каков е тој врвен новинарски професионалец што во секој момент може да се претвори во министерски портпарол, без оглед за кое министерство се работи?
Имала Крамарска некои професионални достигнувања на темата „одбрана“? Или за влезот на Македонија во НАТО? Или за улогата на воените сојузи во денешно време? Или за што било? Освен, се разбира, што е коавтор на биографијата на Бранко Црвенковски и автор на едно подлижувачко интервју со тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Конечно, како воопшто може да се помисли дека врвен медиумски професионалец може преку ноќ да се претвори во врвен политички, да не кажеме партиски апаратчик? И зошто би го правел тоа, ако веќе е врвен во својата професија?
Се разбира дека овие прашања се реторички, бидејќи одговорот е ист за сите нив – за да остане исто! За да нема дури ни симболични промени. За да остане онаа несреќна ограда околу шампитската зграда на Владата на Република Македонија. За да остане крвничкиот симбол, олицетворен во споменикот на Ќосето пред судската палата. За да биде Јово Вангеловски во Советот за реформи во судството. За да нема никакви промени во Македонската телевизија…
А јас, пак, сум се фатил за рингишпилот пред Министерството за надворешни работи. А тој, всушност, е прекрасна метафора за времето во кое живееме. Сѐ се врти – за да остане исто. Ако сакаме работите да останат такви какви што се, треба само да се завртиме.