Еден пријател, кој себеси се смета за добро информиран, ми вели дека не разбрал дека Симон Трпчески концертно го промовирал проектот „Македонисимо“ во струшкото село Збажди. Ете, не му налетала оваа информација на социјалните мрежи, ниту во информативните телевизиски емисии што ги следел. Не забележал интервју или некоја изјава на славниот пијанист, ниту видел некоја емисија што подетално ќе го најави овој настан и ќе објасни за што точно се работи.
Ја видел информацијата дури по одржувањето на концертот. И вели дека ако знаел за овој настан, веројатно би си направил еден викенд до Струга. Би ги ѕирнал Струшките вечери на поезијата и секако би го гледал Трпчески, ама…
И, навистина, август и почетокот на септември, како по традиција, е период преполн со културни настани, манифестации, концерти, фестивали…, кои неретко се преклопуваат во термините, па е прилично тешко сите да се проследат. Уште потешко е да ги проследите, ако за нив се информирате преку медиумите.
Зашто, ако се суди според нивното покривање на културните настани, се разбира, впечатокот е дека – ништо не се случува! Дека во овој миг во Македонија не престојуваат десетици, можеби и стотици уметници од регионот и од светот. Нема телевизиски хроники од Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ или од споменатите Струшки вечери на поезијата… Или ако ги има, тогаш се добро скриени во некое време резервирано за програми што се препорачуваат само за полнолетни граѓани.
Се сеќавам дека своевремено пишував дека телевизискиот третман на културата е изедначен со оној на хорор-филмовите или на филмовите што содржат експлицитни секс-сцени. Сега помислувам на тие времиња со одредена доза на сериозна носталгија. Културата, едноставно, ја нема!
Во светот уште траат дебатите околу таканаречената „канселувана“, односно култура на откажување (cancel culture), каде што одредени уметници се практично забранети поради своето наводно однесување или (почесто) поради непримерните изјави што во одреден период ги дале. Неретко се цензурираат делови од класичните филмови, класичната детска литература, бајките, цртаните филмови…
И додека во светот сѐ уште трае вечната расправа за поврзаноста на делото со ликот на уметникот, за политичката и општествената коректност на претставувањето на слугинката во филмот „Однесено со виорот“, за тоа дали принцот смее да ја бакне заспаната убавица во истоимената бајка без нејзина дозвола и дали секогаш принцовите мора да бидат спасители… ние ги немаме тие проблеми. Кај нас се добива впечаток дека целата култура е „канселирана“, па, напросто, нема ни што да се цензурира.
Се разбира дека целта на овој текст не е да се лијат горчливи солзи врз статусот на македонската култура и нејзиниот третман во медиумите. Здодевно е веќе да се објаснува дека културната политика е на скалило повисоко од таканаречената реал-политика. Дека она што метафорично се нарекува дух и духовна храна е потрајно (често и покорисно) од парчето леб со путер на трпезариска маса.
Здодевно е да се објаснува дека исклучувањето на струјата во објектот на Националната опера и балет не е резултат на неодржливоста на институцијата, туку системски фелер. Пишувано е доста за тоа (и авторот на овие редови има дадено немал број прилози на оваа тема), иако, очигледно е, не било доволно. Напротив, поентата е сосема поинаква.
И додека во светот уште се расправа за таканаречената „култура на откажување“ (cancel culture), ние ги немаме тие проблеми. Кај нас се добива впечаток дека целата култура е откажана, па, напросто, нема ни што да се цензурира
Имено, пријателот од почетокот на текстот, оној што не видел дека Трпчески ја има светската претпремиера на неговиот проект во родното село на татко му, видел нешто друго: дека кафето што го купуваме во дуќаните, што го пиеме секое утро, барем околу десет проценти содржи – (с)мелени лебарки!
Се разбира дека како на човек што невообичаено многу го почитува утринскиот ритуал на филџан кафе, воопшто не ми беше лесно да ја „сварам“ оваа информација. Брзата проверка покажа дека некои, ајде да кажеме, кредибилни портали ја пренеле истата информација.
Станува збор за извесен британски лекар, Каран Раџ (Karan Raj), кој на својот тикток-профил, за некои отприлика дваесетина секунди, дели медицински совети. Во случајов, медицинскиот инфлуенсер се повикува на наводна студија на Агенцијата за храна и лекови на САД, според која, до десет проценти од кафето се „заразува“ со лебарки и други инсекти.
Машините за пржење и мелење кафе не се во состојба сосема да ги отстранат, па инсектите едноставно се печат и мелат во ситни зрна. Ако е за утеха, американската агенција допушта одреден процент бубачки во храната, сметајќи ги за безопасни за човековото здравје.
Следејќи ја натаму линијата на информацијата, можете лесно да разберете дека брашното имало поголем процент бубачки од кафето; дека доматите и јагодите се најмногу затруени, дека млекото всушност е една комплицирана хемиска формула што содржи разни прашоци, масла и други хемикалии… И да не одиме натаму. Сето ова „знаење“ може да се собере од коментарите на читателите под текстот за кафето и лебарките.
Лично не знам колку докторот и неговите „следбеници“ се во право, а да бидам искрен, не ме интересира премногу, затоа што се обидувам да не восприемам информации што ми предизвикуваат параноја.
Она што во овој случај ме интересира е таканаречениот јавен интерес во објавувањето извесна информација од приватен тикток-профил, наспроти, на пример, информирање за некои културни содржини.
За некое повисоко ниво на информирање, на пример за критички опсервации, полемични мислења околу културната политика, системските прашања во културната политика итн., е практично илузорно да се зборува.
Не велам дека нема јавен интерес во информациите за храната што ја консумираме. Напротив. Но, навистина колкав е тој, ако излегува дека составот на прехранбените артикли сепак не е штетен по нашето здравје?
Во секој случај, резултатот на ваквото информирање е познат: на овој начин мојот пријател знае кој настан го пропуштил, а богами знае и што нема повеќе да пие изутрина.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија