Системска инфекција

Младо момче од Берово го изгуби животот. Се впиша во редот на многуте што прерано заминуваат од овој свет, веројатно и со сесрдна помош на тие што се задолжени да се грижат за здравјето на луѓето. Така заминаа многу луѓе, без да стигнат да го запознаат животот и светот во неговата севкупност и деликатност, убава или помалку убава страна. 

На последново, неубавата страна, како да сме претплатени со самото раѓање на овдешново тло. Ако ги преживееш македонските патишта – дупките, одроните и свлечиштата, осуството на соодветна сигнализација и неодговорните возачи, сепак не значи дека си се спасил.

Зад аголот демне цела флота од нелиценцирани автобуски превозници, под закрила на заштитници во надлежните институции и на контролни тела што не си ја вршат работата. Ако имаш среќа и нив да ги преживееш, повторно не значи дека си се спасил. 

Не било битно што ќе има во модуларната болница во која изгореа човечки животи, ама било битно да се набави возило со кожен волан, со шест звучници, металик боја и што ли уште не

Секој успешен слалом низ црните точки на македонското секојдневие, еднаш мора да помине и низ коридорите на македонското здравство. А вистинската лотарија се случува таму.

Мала земја сме и наизуст се знаат квалитетните кадри во здравството. Од една страна имаме врвни професионалци, кои со својата стручност отскокнуваат од она што е стекната, жална слика за нашето здравство. Нивниот успех е антипод на тие дефекти, резултат на голем личен самопрегор, постојана едукација и желба да се биде во тек со светските достигнувања во медицината. 

На другата страна се просечноста и потпросечноста, ефектот од вечни фамилијарни лози во здравството, без разлика дали децата ги бива, и како да не е важно дека се работи со човечки животи.

Непријатно е да се каже, но не смее да се премолчи – во овој корпус спаѓаат и бројни случаи на форсирани пријатели на угледни професори, кои бргу добиваат и дипломи и специјализации и стануваат замаец за една растечка, тешка системска инфекција, во која стручноста е занемарена поради лични, приватни интереси.

Во таков шуро-баџанаковистички амбиент се случуваат многу ексцеси, ама поради поврзаноста на актерите, санкции нема.  

Ќе биде ли поинаку во случајот со момчето од Берово. Можно ли е да добил тешка системска инфекција по сепсата од неправилната дренажа на забот, како што тврдат неговите блиски, или на сето тоа му претходела вградената системска инфекција од нестручност, небрежност и незаинтересираност, со која често се третираат пациентите?

Контролата што е побарана за случајот во болницата во Штип, е нешто што задолжително треба да се спроведе и во многу други болници низ градовите во земјава, особено тие што за секој случај имаат еден редовен одговор: пациентот треба да се носи во Скопје. Не се работи само за компликувани случаи, за кои во помалите болници, за жал, не постои соодветна дијагностичка апаратура или стручен кадар, туку и за релативно (по)лесни случаи, кои може и би требало да се третираат таму.

Постојаниот притисок врз „Скопје“ може да биде индикатор и за стручен, и за дефицит во опремата. Контролата треба да утврди што е точно, а што – изговор.

Секој успешен слалом низ црните точки на македонското секојдневие, еднаш мора да помине и низ коридорите на македонското здравство. А вистинската лотарија се случува таму

Во 21 век, страшно е да се изгуби живот поради процес во заб, ако навистина така настанале компликациите. Во 21 век е страшно на родилка непотребно да ѝ бидат отстранети три органи, ама ете и тоа се случи. Во 21 век прочитавме пораки како хоспитализирана жена повеќепати очајно моли за кислород, но набргу почина без да го добие. И што се случи потоа? Ништо. Кога нема поуки од ваквите случаи, ниту санкции,  неодговорноста продолжува со несмален интензитет.

И затоа овде сѐ може да помине. И хемофилтрација, и неодобрени клинички испитувања, но и пациенти добро мотивирани да го бранат тоа. Не било битно што ќе има во модуларната болница во која изгореа човечки животи, ама било битно да се набави возило со кожен волан, со шест звучници, металик боја и што ли уште не. Списокот со спецификации бил подолг, свеста за состојбите и потребите – многу плитка.

И како ќе заврши последниов случај? Контролата ќе потрае, а додека се напише извештајот, сѐ ќе биде затрупано со „поважни“ теми, по дефиниција политички. Ќе се занимаваме со тоа која партија има повисок рејтинг, која е за ЕУ, која против ЕУ, дали Бугарите ќе влезат во Уставот и купишта лажни наративи и грижи околу стандардот и цените на енергенсите. 

И така до следната жртва на тешка системска инфекција, сѐ додека не се прецизира кој „систем“ тешко се инфицирал – нечиј индивидуален или колективниот здравствен?

Се разбира, претходно поважно ќе биде дали Аца Лукас ќе пее за Денот на рударите. 

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија