Забрането за Албанци и пушачи!

Еден пријател ми вели дека Законот за употреба на јазиците е донесен само за да се амортизираат реакциите од промените на Законот за заштита од пушењето. И има свое образложение за ова тврдење: со Законот за употреба на јазиците засегнати се правата на 20 проценти од населението, додека со Законот за забрана на пушењето се задира во правата на речиси 40 проценти од населението, колку што се проценува дека има уживатели на тутунски производи во земјата.

Наспроти ова, никој не говори дека со гетоизирањето на пушачите во оние грди пластични тераси ќе се федерализира земјата на пушачки и непушачки дел, претседателот Ѓорге Иванов не се заканува со непотпишување на Законот, ниту пак држи прес-конференции, ниту пак, има некаква еуфорија кај пушачите што на овој или оној начин обезбедиле место под пластичното кафеанско сонце… Само што тутунарите веднаш побараа зголемување на откупната цена на тутунот.

Од друга страна, штетноста на цигарите по човековото здравје е непобитно докажана, додека штетноста на употребата на друг јазик по чие било здравје сѐ уште не е докажано. Напротив. Постојат низа теории дека знаењето и употребата на повеќе јазици можат само да му користат на менталното здравје на луѓето, па ако сакате и на државите.

Добро, тука се и традиционално нетолерантните непушачи, кои го изразија својот протест, барем преку социјалните мрежи. Да речеме дека ги разбирам: тие би сакале да се „дават“ во алкохол, кафиња, плескавици, ќебапчиња и чад од скара, ама никако не би сакале ниту од далеку да помирисаат чад од цигари.

Со Законот за употреба на јазиците засегнати се правата на 20 проценти од населението, додека со Законот за забрана на пушењето се задира во правата на речиси 40 проценти од населението

Еден од аргументите што го слушам во последно време е дека забраната за пушење е цивилизациска придобивка (иако не е сосема јасно како забрана на користење на нешто што сосема легално се продава може да биде каква било придобивка) и притоа секогаш се реферира на мнозинството земји од западниот свет, каде што овие ограничувања одамна постојат.

Кога на истите тие критичари ќе им се спомне една функционална четиријазична демократија, како што е Луксембург, на пример, веднаш ќе ви биде одговорено нешто во стилот: „Остави го Луксембург, тој е со светлосни години пред нас. Нас треба да нѐ споредуваш со Таџикистан“. Кога пак ќе го искористите Таџикистан во полза на пушењето, тогаш ќе добиете одговор дека треба да се стремиме кон западните вредности.

Но, овде лицемерието одамна е модус вивенди, некој вид единствен начин за опстанок и на индивидуата, но и на државата. Кусото помнење, кое толку често ни служи како оправдување, ќе ни оневозможи, на пример, да се сетиме дека Македонија и не толку одамна, во еден политички период што денес се нарекува „едноумие“, беше не двојазична, ами тријазична земја, каде што освен македонскиот, во официјална употреба во органите на државната управа беа уште албанскиот и турскиот јазик. Па, не само што не се случи федерализација, туку со стекнувањето на сувереноста, Македонија стана тврдо централизирана демократија.

Она што по ова прашање особено иритира е однесувањето на опозицијата и нејзината (зло)употреба на целата приказна околу јазиците. Нема тука да потсетуваме на историскиот развој на прашањето на употребата на јазиците од 2001 година наваму, ниту за законот од 2008 година и неговите измени во 2011 година, ниту за тоа што точно пишува во Уставот на Република Македонија (конечно, деновиве е многу пишувано за овие работи од луѓе што се покомпетентни од мене), само ќе се навратиме на тврдењето дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе го укине овој закон.

Ако навистина се искрени во оваа изјава, тоа може да значи само дека никогаш нема да дојдат на власт, бидејќи целосно ќе го уништат својот и онака слаб коалиционен капацитет. Белки е јасно дека во Македонија не може да постои Влада без албанскиот политички блок, а уште е појасно дека не постои политички фактор од овој блок што ќе се сложи со укинување на веќе стекнатите права.

Се разбира, ова важи само ако ВМРО-ДПМНЕ се искрени во своите намери. А  искуството нѐ учи дека не се. Имено, такви ветувања беа давани и во нивниот претходен опозициски циклус – тогаш за укинување на територијалната поделба, па знаеме како функционираше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ.

Тврдењето дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе го укине законот за јазиците, може да значи само дека никогаш нема да дојдат на власт, бидејќи целосно ќе го уништат својот и онака слаб коалиционен капацитет

Може да се зборува и околу лицемерието околу Законот за забрана на пушењето. Тутунот е македонски стратешки производ. Зошто инаку би се субвенционирал. Гане Тодоровски во својата песна „Фуснота без повод“ има еден стих кој отприлика гласи: „Ој, Македонијо, колку ти чини тутунот“.

 Додека продажбата на алкохолот е ограничена, не само со времето кога е дозволено продавање туку и според видот на дуќанот и староста на купувачот, цигарите можат да се купат секаде и во секое време. Но, затоа пак, додека алкохолот смее да се пие во кафеаните, цигари не смеат да се пушат.

На крајот од краиштата, дури и тоа фамозно „пасивно пушење“, односно штетата по здравјето што ја трпат непушачите, не е докажана во целост. Во Велика Британија, на пример, откога е речиси целосно забрането пушењето во јавните простори, бројот на пушачите е драстично намален, а кардиоваскуларните и малигните заболувања што наводно се предизвикани од тутунскиот чад се намалени за два процента.

Отприлика истата стапка на намалување се бележи во Обединетото Кралство, за истиот период, само пред некои три децении, кога пушењето било дозволено. Во Нов Зеланд, пак, нема никакво намалување на овие болести. Најмал процент на заболени од овие болести има во земјите како што се Данска и Финска, односно во оние земји што се сметаат за најсреќни во светот. Само што стручњаците велат дека оваа ниска стапка не се должи на намаленото пушење туку пред сѐ на намалениот стрес и квалитетниот начин на живот (вклучувајќи го тука и квалитетниот здравствен систем).

И на крајот, која е врската што ги поврзува овие два закона? Освен што предизвикуваат протести и негодувања? Тие даваат повеќе права. Ниту гетоизирањето на пушачите во пластичните тераси им ги одзема правата на непушачите, ниту пак, употребата на албанскиот јазик пред државните институции им ги одзема правата на говорителите на македонскиот јазик. Во некоја фигуративна смисла, тие претставуваат отстранување на имагинарната табла на која пишува: „Забрането за Албанци и пушачи“, односно одат во насока на фразата на премиерот Заев – „Едно општество за сите“!