Замор од избори

Прилично сериозно и прилично неуспешно се обидувам да ги избегнам претседателските и парламентарните предизборни активности на кандидатите и партиите. Не станува тука збор за некоја апатија или незаинтересираност што веќе сериозно владее кај луѓето во кругот во кој се движам. Напротив, и тоа како сум заинтересиран кој, кога и како ќе ги извршува функциите на политичката и комуналната моќ во земјата.

Едноставно, станува збор за замор од избори. Секој ден се наоѓам, не пред еден, туку пред безброј избори. Од тоа дали воопшто да станам од креветот, преку сериозното прашање која рута да ја изберам за да поминам од точката А до точката Б, со што помалку нервози и тешкотии, па сѐ до тоа дали во кафеаната да нарачам кафе или пиво. Па, зар не е доволно тешко што секој ден мора да одговорам на прашањето на мојата подобра половина што да прави за ручек тој ден.

Намалени критериуми

Особено сум заморен од политичките историски избори. Јас, ете, не се сеќавам, а, дал Господ, паметам долго, на кои било избори во Македонија, без оглед дали се претседателски, парламентарни или локални, што не биле историски. Толку многу историја имам протуркано преку глава што не знам дали главата уште ми стои на рамена.

Но, тоа не значи дека нема да излезам на избори. Се разбира дека ќе излезам затоа што тоа е мое право. Затоа што за ова право некои луѓе некогаш буквално крваво се бореле, а некои луѓе и денес се борат. Затоа што мислам дека е врвен цинизам ова право денес да не се искористи. И, се разбира, дека ќе гласам за политичката опција за која ќе верувам дека ќе понуди подобри решенија за мојата држава и подобри решенија за моите секојдневни рутини. Јасно, во согласност со мојот личен систем на вредности.

Предизборните кампањи се движат во траекторија на една кратка отсечка меѓу сатанизирањето на политичкиот противник и нереалните ветувања за посветлата иднина што нѐ чека веднаш зад аголот

Но, исто така, мислам дека предизборните кампањи нема или најмалку ќе влијаат врз мојата одлука. Тие се предвидливи и неинвентивни. Не се помрднати од концептот на слогани, митинзи и билборди, а политичките говори се преполни со фрази и флоскули и препразни со логика и реалност.

Предизборните кампањи се движат во траекторија на една кратка отсечка меѓу сатанизирањето на политичкиот противник (зачинето со воскликот за единство!) и нереалните ветувања за посветлата иднина што нѐ чека веднаш зад аголот. Односно, веднаш штом ќе ги избереме токму тие говорители.

Да се разбереме, не е тоа само македонска одлика. Напротив. Така е во целиот свет, па и во оние земји што денес ги нарекуваме „развиени демократии“. Кога сакаш да се додвориш на поголем број луѓе, мораш да ги смалиш критериумите.

Но, она што ги разликува нашите предизборни кампањи од оние во светот, па и во регионот, е што во нив, во тие светските, активно учествува и таканаречената културна елита, а притоа да не е функционално партиски врзана.

Во САД нема избори, а да не се појават и пројават филмски и музички ѕвезди, писатели, научници, јавни луѓе… И притоа да не бидат веднаш изгазени во општествената кал. Напротив. Токму овие елити ги расправаат важните општествени прашања, ги проблематизираат здравствените системи, образованието, администрацијата и низа други прашања важни за нивните општества.

Кај нас, секое вклучување на овие кругови во предизборната кампања, автоматски значи партиски активизам и борба за фотелји и функции. И кога на крајот нема да ги достигнат зададените амбиции, настанува разочараност и плукање по сопствениот изминат ангажман.

Затоа повеќето умни луѓе бегаат од политичкиот ангажман како Дракула од лук. И затоа кај нас политичките кампањи се уште поздодевни од оние во светот и во регионот. Затоа што се испразнети од секаква суштина. Се одржуваат само како форма. Со многу физички подготовки, а без вистински натпревар на идеи и решенија.

Неинвентивни и креативни ботови

Дури и на социјалните мрежи, онаму каде што по дефиниција просторот би требало да биде слободен или ослободен од партиските стеги, изборната кампања, не само што не е претворена во некаква дебата за иднината, туку е и уште поздодевна. Секоја идеја, секое мислење, секоја иницијатива што не е компатибилна со одредена партиска догма, се начекува на нож од таканаречените ботови.

Ботовите, пак, се феномен сам за себе. Не сум ниту социолог, ниту антрополог, ама можам да погледнам, што би се рекло. Значи, јас, лично, ботовите ги делам на две групи, кои за потребите на овој текст ќе ги наречам „инвентивни“ и „неинвентивни“.

Оние неинвентивните во бранови повторуваат иста реченица. Кога треба да се пофали „нивниот“ политичар, ќе видите илјада различни имиња на кои во ист момент им текнало да напишат „Браво министре!“, „Горди сме што ве имаме“ или „Одличен проект“. А кога треба да го нападнат спротивното мислење, тогаш следат оние квалификации: „северџан“, „вмрон“, „странски платеник“, „соросоид“, „небањат“ итн.

Со некои пријатели развивме дебата дали оние што гласаат на избори се нарекуваат „гласачи“ или „(из)бирачи“. Не знам зошто, ама во таа расправа победи „гласачи“. Веројатно затоа што изборот е само илузија

Оние покреативните се фаќаат за идентитетот, љубовта кон татковината, супериорноста според националната и религиската припадност и некои слични карактеристики за кои, од некои причини, мислат дека им се ускратени на нивните неистомисленици. И тоа, ајде така да кажеме, би било во ред доколку имаат волја во некаков логичен след да ги докажуваат своите ставови.

Но, не… Неистомислениците треба да се осудат, по можност регуларно и правосилно, да се обесат на плоштад, да се проколнат до седмо колено… или да се казнат со уште некои други покреативни санкции што не се за споменување во јавниот простор.

Реков веќе, што се однесува до мене, јас ќе се обидам да ја преспијам оваа предизборна кампања. Добро, знам дека ваквата идеја однапред е осудена на неуспех, бидејќи уште сега ме заглуши вревата од политичките слогани што немаат никаква смисла и никакво значење, што значи дека си го оставам правото и натаму да се занимавам со оваа тема. А си го оставам правото затоа што и оваа кампања нема да биде ниту етичка, ниту естетска. Нема да биде естетска, затоа што, едноставно, етиката (или моралот) е прашање на добриот вкус.

На крајот една фуснота, која не е врзана за овој текст. Или можеби е? Уште на почетокот на плурализмот, со некои пријатели развивме дебата дали оние што гласаат на избори се нарекуваат „гласачи“ или „(из)бирачи“. Не знам зошто, ама во таа расправа победи „гласачи“. Веројатно затоа што изборот е само илузија.

Конечно, нашиот слабо признаен филозофско-пејачки гласноговорник Аки Рахимовски уште одамна во песната „Ма, ајде“ на „Парни ваљак“ пееше „Само затоа што ти сакаш, нема да има промени… Од каде ти е идејата дека имаш избор“. Немам избор ни јас. Ќе ја преживеам и оваа предизборна кампања.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија